|
ПОЛИТИКА
Враќањето на протераните Македонци зависи од безбедносната клима
НЕКОЈ САКА ЕТНИЧКИ ЧИСТИ ТЕРИТОРИИ!
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Преставниците на Европската унија им порачаа на протераните кумановци
дека ако не се вратат, индиректно ќе помогнат во создавањето етнички чисти
територии.
- Европската агенција за реконструкција ја реализира програмата
финансирана од Европската унија за месечни исплати од 75 евра за фамилиите
кои згрижиле протерани Македонци.
П ротераните кумановци од
Липковскиот регион нема да ги потпишат договорите за враќање во нивните
домови се додека Владата и меѓународната заедница не создадат безбедносни
услови за нормален живот. Ова всушност беше пораката која протераните
кумановци му ја упатија на специјалниот преставник на Европската унија,
Алексис Брунс, при остварената средба на која тој ги предупреди дека со тоа
го поддржуваат создавањето на етнички чисти територии.
Состојбата не е подобра ни во преостанатите екс-конфликтни региони, пред
се тетовскиот, но и Арачиново. Се почесто се палат куќите на Македонците, се
долева масло на огнот, се подгрева тензијата на недоверба. Нерегистрирани
криминални групи веќе со месеци пустошат, ограбуваат и демолираат во реонот
на македонските села Једоарце, Отуње, Варвара, Сетоле, Брезно и Јелошник.
Тетово се повеќе се гетоизира од едната и од другата страна на реката Пена.
Според последните податоци од Црвениот крст на Република Македонија околу
9.000 лица живеат во прифатните центри и во семејства. Тие очекуваат на
пролет нивните куќи да бидат реновирани, санирани и подготвени за нивното
враќање. Но, дали со тоа ќе се врати безбедноста, соживотот, нормалниот
живот и пулсирањето на секојдневието како пред војната? Многу од протераните
Македонци, за жал, повеќе не веруваат во мирен живот на старите огништа.
Секојдневните инциденти, поттикнувањето на национална нетрпеливост работат
во прилог на рушење на нивната доверба за соживот.
ДОГОВОР
Ако протераните од Кумановско одбијат да го потпишат договорот со кој тие
треба да се вратат во своите разурнати домови, тоа би значело "прифаќање на
стратегијата за оформување етнички чисти територии". Спроведувањето на
охридскиот Договор е многу важно и тоа би било чекор напред за влегување во
Европската унија, потенцира Брунс.
Специјалниот претставник на ЕУ исто така се сретнал со претставници на
локалната самоуправа во Куманово, месните заедници и со претставници на
невладините организации. На таа средба протераните кумановци му се пожалиле
на Брунс дека се уште нема услови да се вратат назад, бидејќи во реонот има
вооружени терористички банди. Според претседателот на координативното тело
на протераните матејчани, Мирослав Младеновиќ, криминалните банди го
тероризирале и албанското население.
Нема услови за назад. Бандите ги малтретираат и Албанците, а што ли ќе ни
прават нам ако се вратиме. Се уште се палат куќи на православни жители, а
оние што беа во резервниот состав на АРМ и на полицијата добиваат
секојдневни закани да не се враќаат назад. Не е собрано ниту оружјето што
жителите го поседуваат во огромни количества. Се додека не бидат решени овие
проблеми, ние нема да ги потпишеме договорите за реконструкција на куќите,
констатира Младеновиќ.
Трилатералниот договор за враќање на раселените православни жители од
кумановско-липковскиот регион треба да биде склучен помеѓу протераните лица,
Владата и Европската агенција за реконструкција. Според меѓународните
претставници, договорот е неопходен за обнова на разурнатите домови на
Македонците и на Србите. Меѓународните претставници веќе ги предупредија
раселените од Липковско дека ако одбијат да ги потпишат договорите, куќите
нема да им бидат обновени затоа што парите од донаторите ќе се пренасочат во
други земји.
ПОДДРШКА
Иако околу 85 отсто од протераните лица се вратени од крајот на
конфликтот во 2001 година, Европската агенција за реконструкција продолжува
да ја поддржува програмата финансирана од ЕУ за месечни исплати од 75 евра
за семејствата кои згрижиле протерани Македонци. Третата исплата за месеците
јули до декември 2002 година ќе се врши во рамките на проект раководен од
Агенцијата, но имплементиран од Министерството за труд и социјална политика
во соработка со Министерството за финансии. Проектот употребува листа на
корисници составена од Црвениот крст и УНХЦР, додека финансискиот надомест
за фамилиите се врши преку "Македонски пошти". Околу 2.730 фамилии кои
згрижиле протерани Македонци и 384 фамилии кои згрижиле бегалци (се мисли на
лица од соседството, Косово) до сега го користеле овој пакет и вкупно 1,3
милиони евра беше распределено на корисниците. Постојаната реконструкција на
куќите во поранешниот конфликтен регион за која Европската агенција за
Реконструкција придонесе со поправка или повторна изградба на 965 куќи во
првата фаза и дополнителни 200 куќи во втората фаза помогна да се намали
потребата од фамилии кои згрижуваат протерани лица. Во Република Македонија
до крајот на август 2001 година беа регистрирани 75.000 протерани лица, во
тек на минатата година околу 50 отсто се вратиле, додека најновите податоци
говорат дека имаме околу 9.000 протерани лица сместени во семејства и во
прифатни центри. Со цел да им се даде поддршка на лицата кои се уште не се
вратиле во своите домови, а чии куќи се уште се градат, ЕУ го продолжи
периодот за кој фамилиите кои згрижиле протерани лица можат да бараат
парична помош до март оваа година.
|