ПОЛИТИКА

АНА го интензивира урбаниот тероризам

БОМБАТА НАЈАВУВА - ВОЈНА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Бомбашкиот напад врз зградата на Основниот суд во Струга е класичен терористички чин и претставува атак врз уставниот поредок на земјата, оценува македонската Влада.
  • Има услови за почеток на нова војна на албанските простори, бидејќи во трите последни војни што ги воделе Албанците не е постигнато ништо повеќе од она што го имале пред 1990 година, истакна т.н. политички лидер на АНА, Валдет Вардари.

Албанската национална армија се повеќе и се поопасно ја растревожува македонската јавност, а надлежните органи и натаму сметаат дека воинствениот албански гороцвет ја камуфлира својата бандитска, односно терористичка, екстремна дејност. Она што му се случи на судот во Струга, поточно на зградата, навистина ги разниша темелите на правосудниот систем. Но, истовремено покажа дека АНА се повеќе е организирана и се зацврстува во Република Македонија. Тоа го покажа во поетскиот град, меѓутоа нивната активност не претставува метафоричко симнување на ѕвездите од небото, туку сериозен предупредувачки сигнал што може да зафати поголеми размери.

Ако политичките и воените дејствија на оваа екстремна организација навидум се уште се под контрола, не може да се толерира индолентноста на новата власт. Таа мора да се соочи со вистината, бидејќи искуството од 2001 година не опоменува дека станува збор за сериозен противник кој се вкопува во нашата земја. Затоа не треба да се чека голомразицата да се стопи, туку да се преземат сериозни безбедносни и сеопфатни чекори. Без таква акција ќе нема резултати, освен немир, неспокој и национална поделеност меѓу Македонците и Албанците.

СООПШТЕНИЕ 21

АНА ја презеде одговорноста за подметнатата бомба која експлодира во Основниот суд во Струга. Таа во своето "соопштение број 21" порача: Славомакедонските колонизатори да не апсат Албанци и да не го бараат делот од западна Македонија кој навистина им припаѓа на Албанците.

Понатаму во соопштението се вели дека на 15 февруари, во раните утрински часови, специјалната единица на дивизијата "Скендербег", под команда на Дрин Дрини, изведе воена акција за да ги задржи своите позиции. Бидејќи "колонијалната славомакедонска власт влегува на имотот на албанскиот народ и неправедно ги апси Албанците", се потенцира во соопштението потпишано од "полковник" Илир Дураку: Затворите на БЈРМ се полни со Албанци кои се малтретирани за да бидат замолчени и да не го бараат делот од западна Македонија кој навистина им припаѓа на Албанците. Го одбравме судот во Струга оти тука најмногу се осудувани Албанците, и поради тоа АНА ја презеде оваа воено-политичка акција. Единицата "Скендербег" фрли бомба во внатрешноста на судот за да ги уплаши судиите да не ги затвораат неправедно Албанците. Ве предупредуваме дека акцијата беше планирана да заврши без жртви и големи штети, а тоа и го постигнавме, тврди т.н. АНА.

Судот во Струга и зградата на градскиот Фонд за здравство се оштетени од експлозивната направа што била подметната во приземјето на објектот. Во неа нема повредени, а силната експлозија коинцидира со апсењето на Дилавер Бојку - Леку од Велешта, против кого има неколку обвиненија за поттикнување проституција и други осомничени макроа од Струшко. Од експлозијата се оштетени објекти во радиус од 150 метри од местото каде што била поставена направата, а стружани велат дека детонацијата се чула на пет километри од градот.

МВР соопшти дека од експлозијата бил оштетен еден ѕид и неколку канцеларии во зградата на Судот. Истата оштетила и неколку околни дуќани и зградите на Подрачната единица на Фондот за здравство наспроти Судот, поштата, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и ХЕЦ "Глобочица". Главниот штаб на АНА е во Македонија, а формацијата не дејствува на Косово, изјави т.н. претседател на Фронтот за национално обединување на Албанците, Валдет Вардари.

Македонското Министерство за внатрешни работи и натаму останува на поранешните ставови дека вооружените групи во кризните региони немаат организирана структура и политичка платформа. Но, сепак, политичкиот претставник на т.н. АНА, позиција што одговара и е слична на поранешната положба на Али Ахмети во ОНА, Валдери, сосема друго потенцира за приштинските гласила.

Додека во Албанија ја имаме Албанската армија и на Косово - Косовскиот заштитен корпус, нема причина таму да дејствува Албанската национална армија, изјави претседателот на овој фронт, Валдет Вардари за приштинскиот весник "Епока е ре". Мирјана Контевска, портпарол на МВР, укажува дека во Македонија досега немаат сознанија за појава на организирана структура или меѓусебна поврзаност на вооружените групи. Таа вели дека засега не станува збор за организирани штабови.

Но, според Вардари: Има услови за почеток на нова војна на албанските простори, бидејќи во трите последни војни што ги воделе Албанците не е постигнато ништо повеќе од она што го имале пред 1990 година. Ќе се бориме против српско-црногорските освојувачи кои ја држат под окупација, во ропство и колонизација албанската земја Косово и етничка Албанија.

Вардари тврди дека главниот штаб на т.н. АНА и на нејзината дивизија "Скендербег" се наоѓаат во Македонија, а седиштето на Фронтот е во Албанија, но има разграноци во Приштина, Скопје, Прешево, Улцин и Превез. Претставникот на оваа терористичка организација потенцира дека нејзините активности се насочени на териториите на кои живеат Албанци надвор од Косово и Албанија.

ПОВРЗАНОСТ

Бомбашкиот напад врз зградата на Основниот суд во Струга е класичен терористички чин и претставува атак врз уставниот поредок на земјата, е оценка на коалициските партнери во Владата по седница што се одржа на 17 февруари и на која се расправаше за последната експлозија во Струга. Тие го осудија ваквиот чин и ги демантираат информациите дека еден од коалициските партнери има поинакви оцени за експлозијата која разурна дел од зградата на Судот во Струга. Владата била информирана дека МВР врши сеопфатна истрага.

Притоа, како што истакна портпаролот на Владата, Сашо Чолаковски, како осомничени се водат пет лица од Струга и околината. Кај некои од нив со судски налог е извршен претрес на домовите и според доказниот материјал кој е најден веќе постојат сериозни индиции дека еден од нив е учесник во бомбашкиот напад и тој е приведен од страна на МВР.

Со оглед дека истрагата се уште трае и се обезбедуваат доказни материјали не се соопштуваат никакви имиња, а засега нема ни поднесени кривични пријави против сторителите.

Балистичкиот наод што го изврши МВР утврдил дека експлозивот подметнат во Струга е идентичен со оној што се користел при терористичкиот напад во Куманово кога голема разорна експлозивна направа беше поставена во контејнер пред основно училиште, при што загина еден случаен минувач, а имаше и повредени. Оттаму надлежните органи оценуваат, а и Владата верува дека двата терористички напада се меѓусебно поврзани, односно дека се извршени од исти лица или нарачани од ист центар, изјави владиниот портпарол Чолаковски.

Одговорноста за нападот на струшкиот Суд ја презеде т.н. дивизија "Скендербег" на Албанската национална армија. Нивниот самопрогласен политички лидер, Валдет Вардари, тврди дека "АНА ги мобилизирала сите четири дивизии за албанскиот народ да се соедини во една Голема Албанија". Ако меѓународната заедница не им дозволува на Албанците да војуваат, мора да им дозволи да се обединат, наведува Вардари во интервјуто за весникот на албански јазик "Факти", што е објавено и на интернет-страницата на АНА.

Политичкиот комесар на "Фронтот за народно обединување на Албанците", чија творба е АНА, Албан Вјоса, додава дека сите албански политички партии треба да работат за остварување на крајната цел - "Голема Албанија". АНА исто така побара "славомакедонските колонизатори" да не апсат недолжни Албанци што го бараат делот од западна Македонија, кој "навистина им припаѓа".

Во врска со терористичкиот напад на Судот во Струга, Тирана дипломатски се огласи. Таа не поддржува никакви екстремни групи кои се кријат зад името "Албанска национална армија" (АНА), изјави неодамна албанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Илир Мета, по средбата во Тирана со шефот на дипломатијата на Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ. На истата средба Мета потенцира дека "времето на насилствата заврши и сега е време за регионална соработка".

Првите луѓе на АРМ, министерот Бучковски и началникот на Генералштабот, генерал потполковник Методи Стамоблиски, оценуваат дека состојбата будно се следи и се контролира.

Безбедносната состојба во Македонија е релативно стабилна, иако има информации за раздвиженост на одредени екстремистички вооружени групи на границата, се вели во проценката на ГШ на АРМ, дадена на редовното годишно реферирање до врховниот командант на вооружените сили, претседателот Борис Трајковски.

Претседателот истакна дека процените на ГШ на АРМ се дека "борбената готовност на Армијата е на рамништето на задачите кои се поставени пред неа". Трајковски истакна дека добил уверување оти АРМ заедно со МВР будно ги следат состојбите на терен и во координирана соработка се подготвени да се справат со каква било претпоставена закана за земјата.

Сметам дека граѓаните на Македонија не треба да стравуваат од ескалација на поширок обид на насилство. И АРМ и МВР ги контролираат состојбите и се подготвени да преземат каква било мерка, заедно со меѓународната заедница, оцени Претседателот на државата.

Меѓутоа, очигледно "миротворецот" има погрешна пресметка за состојбата во Република Македонија. Тензиите, бомбите и стравот се интезивираат. Неодамна шестчлена насилничка група составена од припадници од албанска националност била откриена при насилно влегување во куќата на Панче Календаровски во селото Једоарце, Тетовско. Тие, откако ја искршиле влезната врата, групата "влегла да пие чај", како што изјавиле пред полициската екипа. За време на насилничкото влегување, во Једоарце била присутна етнички мешана полициска екипа, но и екипа на ОБСЕ во чие присуство групата била откриена при влегувањето во куќата.

На 15 февруари повторно имало вооружена провокација во село Лешок - Тетовско. Од лешочкото Кале со автоматско оружје било пукано во автомобил, сопственост на полицаец. Притоа, со два куршума бил погоден задниот дел на возилото, што било паркирано пред лешочкиот манастир "Св. Атанасиј". Последици по луѓе немало, бидејќи во тој момент, за среќа, во возилото немало никој.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"