о престрелка пред ноќен бар
настрадаа две лица, додека во семејна расправија настрада малолетно лице -
приближно вака звучи секојдневната црна хроника во нашава држава.
Црната хроника во Република Македонија укажува на катастрофални случувања
дека на секое ќоше на големо се пука со оружје од најразличен калибар. Во
државава има неофицијално од 600.000 до 800.000 парчиња нелегално оружје и
никого глава не го боли дека впрочем некои акции од типот неопходна жетва
биле само игла во снопот сено.
Неофицијално во државава има од 600.000 до 800.000 парчиња
нелегално оружје
Министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, на една конференција
на Обединетите нации за илегална трговија со оружје, кажа дека во нашата
земја, според сознанијата со кои располагаат експертите, станува збор за
околу 500.000 парчиња нелегално оружје. Според воено-полициските експерти во
1997 година една третина од 1.500.000 парчиња од оружјето украдено од
магацините во Албанија завршило во Македонија. Се претпоставува дека оттогаш
досега албанските терористи успеале илегално во земјава да внесат уште
стотина илјади парчиња најразновидно оружје. Од сето тоа само 3.370 парчиња
оружје им беше предадено на војниците на НАТО од мисијата "Неопходна жетва".
Од март минатата година невладината организација Новинарите за правата на
жените и децата и за заштита на животната средина на Македонија - НВО
започна кампања "Стоп за оружјето" во рамките на светската кампања и со
поддршка на IANSA (акција на интернационална мрежа за мало оружје). НВО од
страна на ООН и IANSA неодамна беа номинирани за носители на Балканската
мрежа за мало оружје, во чии рамки влегуваат и Бугарија, Албанија, Србија,
Црна Гора и Грција. НВО неодамна го отвори Информативниот и прес-центар за
доброволно разоружување, со што ја почна и кампањата "За живот без оружје".
Отворањето на центарот и отпочнувањето на оваа кампања според Наташа
Доковска, претседателка на оваа невладина организација се реакциите на како
што рече неажурноста на Владата која иако ветила дека во првите сто дена од
нејзиното функционирање ќе донесе закон за разоружување, тоа не го направила.
Активистите на оваа невладина организација исто така ќе лобираат помеѓу
пратениците во Собранието за што поскоро донесување на споменатиот закон.
БОЛЕСТ
Оружјето за масовно уништување и неговата употреба, криумчарењето и
трговијата со мало оружје, дрога и наркотици, тероризмот, насилството од
секаков вид се нови болести на современото општество и имаат свој удел во
меѓународниот криминал. Транзиционите процеси во Централна и Источна Европа
придонесоа за пораст со загрижувачки димензии на криминалот посебно во
политичките и економско-финансиските структури. Порастот на криминалот во
овој дел на Европа се случува во услови на недоизграден правно-политички
систем и механизми за заштита во борбата против разните облици на криминал.
Република Македонија не е поштедена од одредени облици на меѓународен
криминал, посебно поради својата местоположба како транзитно подрачје меѓу
Средниот исток и Западна Европа. Во овој контекст најбројни се показателите
за шверц со оружје и експлозивни средства, транзитот со дрога и наркотици,
илегалните преминувања, проституцијата итн.
Околу 3.370 парчиња оружје им беше предадено на војниците
на НАТО од мисијата "Неопходна жетва"
Последниве неколку години особено од времето на косовската криза и
непосредно пред тоа, се случија голем број обиди за масовно и организирано
пренесување на мало и лесно оружје од територијата на Република Албанија во
Република Македонија и оттука кон Косово.
ЕТАПИ
Проектот кој го реализира НВО се одвива во неколку фази. Првата етапа од
Проектот беше етаблирање на веб-страница на којашто може да се прочитаат
најновите актуелности од земјава и соседството, а кои се однесуваат на
илегалната употреба на оружјето и последиците од нејзиното употребување.
Втората фаза беше истражување преку анонимна телефонска анкета, со кое е
направен обид да се добие слика за јавното мнение на граѓаните на Македонија
за поседување и употреба на оружјето во нашата земја. Како резултат на
анкетата произлезе анализа која треба да го определи правецот на дејствување
на невладината организација, со цел да се влијае на намалена употреба или
искоренување на употребата на илегалното оружје. Третата фаза од кампањата
опфаќа емитување на спот и поширока медиумска презентација на резултатите од
истражувањето. Оваа кампања се совпаѓа со иницијативата за донесување нов
закон за поседување на оружје, а сето нелегално оружје коешто го поседуваат
граѓаните да биде уништено.
ДЕКЛАРАЦИЈА
Неколку невладини организации од Македонија, на маргините на средбата на
Regional Steering group во рамките на Пактот за стабилност, а која се
однесува на проблемот со употребата на малото и лесно оружје, утврдија
заеднички правци на движење кои ги формулираа во оваа предлог-декларација.
Свесни за големината на проблемот со малото и лесно оружје, неговата
распространетост, актуелната безбедносна, политичка и економска состојба во
која се наоѓа нашата земја е разговарано на неколу теми кои го тангираат тоа
прашање. Пред се димензионирање на проблемот и започнување итна акција за
подигнување на јавната свест кај граѓаните во насока на доброволно враќање и
уништување на оружјето на сите граѓани во Македонија, без разлика на нивната
верска, етничка и полова припадност со помош на владините, невладините и
меѓународните организации. Вклучување на невладините организации во процесот
на разоружување и уништување на малото и лесно оружје, застапеност на
проблемот во образованиот процес, донесување на соодветна законска
регулатива и сензибилизирање на проблемот во медиумите. Исто така потребно е
формирање мрежа на локални невладини организации и нивно оспособување за
преземање соодветни мерки. Подготвеноста за заедничка работа со други
заинтересирани институции и експерти за начинот на уништување, обележување и
складирање на овој вид оружје.
АКТИВНОСТИ
Не постојат точни податоци колкава е вкупната бројка на лицата кои
настрадаа како жртви на нелегалното оружје и која е нивната возраст. Сепак,
неодамна Министерството за внатрешни работи спроведе акција во неколку
градови во државава, Кичево, Скопје, Куманово, Прилеп и Македонски Брод при
што беа запленети околу пет пиштоли, една автоматска пушка и над 60 парчиња
муниција. Ова е смешен податок со оглед на фактот што неофицијално во
државава звецкаат од 600.000 до 800.000 парчиња оружје на црно. Ако акциите
на МВР продолжат со вакво темпо, сигурно ќе бидат потребни неколку години,
ако не и децении за нелегалното оружје да се собере од македонската почва.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст проценува дека во некои конфликти
повеќе од 90 отсто од жртвите се цивилите. Во најголем број станува збор за
жени и деца. За жал, малата тежина и големината на малото оружје дозволуваат
и децата место играчки да си играат со вистински оган, како што впрочем тоа
се случи пред извесно време во едно кумановско училиште кога малолетник
протестирал со истрели на оружје. Вооруженото насилство има влијание и врз
уништувањето на локалниот туризам, што претставува најголема индустрија во
светот денес и најголем извор на доход во голем број земји. Ние со ваквото
темпо на криминал сигурно заслужуваме да бидеме етикетирани како земја
ризична за животот на граѓаните. Обединетите Нации имаат констатирано дека
малото оружје претставува најголема опасност за меѓународните трупи кои
бараат воспоставување мир. Според дефиницијата на ОН пошироко кажано "мали
оружја" се оние наменети за лична употреба, "лесни оружја" се наменети за
неколку лица како тим.
Во секој случај нашиот, но и животот на нашите деца би бил посигурен и
подобар доколку државава го ликвидира сето нелегално оружје.