-р Игор Јанев е член на
Академскиот совет за системот на Обединетите нации, член на Американското
друштво за меѓународно право, поранешен специјален советник на МНР (за
државно име), научен соработник на Институтот за политички студии во Белград,
автор на 3 книги од областа на меѓународните односи, надворешната политика и
меѓународното право, а има објавено поголем број научни трудови во домашни и
меѓународни списанија. Последниот научен труд бил објавен во угледното
меѓународно списание "Perceptions – Journal of International Affairs".
МС: Господине Јанев, неодамна министерката за надворешни работи, Илинка
Митрева, најави дека конечно ќе го дознаеме името на новиот македонски
преговарач за спорот со Република Грција. Колку ова одолговлекување влијаеше
на Република Македонија и нејзината положба во ООН?
ЈАНЕВ: Без разлика кој е шеф на експертскиот тим, тоа лице, а и
целиот преговарачки тим, треба да ги земат предвид ставовите на науката по
ова прашање. Досега единствените два труда во врска со овој проблем се
објавени од моја страна во водечки меѓународни списанија. Во првиот свој
труд објавен во угледното "Американско списание за меѓународното право" (AJIL),
во1999 година го докажав пречекорувањето на овластувањата при приемот на
Република Македонија во ООН од страна на Генералното собрание и Советот за
безбедност на Обединетите нации. Во вториот труд детално ја објаснив
правната постапка за воспоставување на нашето уставно име во Обединетите
нации. Тие ставови се на науката, а двата труда се одобрени од меѓународни
рецензенти. Според резултатите на овие трудови, проблемот со името не е
политички, туку правен. Значи понатаму проблемот треба да се решава со
правни средства. Со ова е покажано дека преговорите не се соодветниот
пристап за надминување на проблемот со името.
Што се однесува до Вашето конкретно прашање, за одолговлекувањето на
решавање на проблемот со името, тоа не оди во прилог на Македонија. Како што
е познато, референцата FYROM дефинира еден нерамноправен правен статус на
Македонија во ООН. Тој статус е во спротивност со самата Повелба на ООН, и
со некои други меѓународно-правни акти. Одолговлекувањето на ова прашање има
реперкусии и на нашите односи со ЕУ. Затоа се додека не се реши овој проблем,
Грција нема да ја ратификува Спогодбата за асоцијација и стабилизација.
МС: Подолго време во Република Македонија се води тешка политичка битка
меѓу претседателот Трајковски и премиерот Црвенковски во врска со
именувањето на новиот преговарач кој ќе разговара со нашиот јужен сосед.
Како ја коментирате оваа ситуација и колку е штетна за нашата земја во
меѓународните односи?
ЈАНЕВ: Непознавањето на проблемот од страна на главниот преговарач е
важен фактор во преговорите и сегашната позиција. По се изгледа дека на
предложените членови на преговарачкиот тим им недостасува соодветна
експертиза за чувствителната материјата која бара да биде изработена по
меѓународни критериуми. Стручната експертиза за една специфична материја во
која било област очигледно не е поврзана со тоа дали некој е "јавна (или
позната) личност", или има професионална врска со пошироката област кон која
припаѓа соодветната специфична материја. Науката денес се карактеризира со
висок степен на диференцирана специјализација, каде експертизата се
верификува на меѓународен план (меѓународни списанија, ревии, изданија и
слично).
МС: Зошто Вие не влеговте во тимот?
ЈАНЕВ: Тоа прашање веројатно би требало да биде упатено до
составувачите на преговарачкиот тим. Понуда за членство во таков тим јас не
сум добил. Меѓутоа, не сум сигурен дали би прифатил такво место, бидејќи
мојот став по оваа прашање е јасен: проблемот за користење на уставното име
на РМ има корен во нелегалноста на резолуциите на ООН со кои Македонија е
примена во членство на ООН. Тој проблем има правен карактер и неговото
решавање треба да се бара на линија на односите на РМ со ООН, т.е. преку
правните инструменти на системот во Светската организација. Обврската за
преговори со Грција околу името е во спомнатите резолуции на ООН, токму тој
нивен дел е правно невалиден (пречекорување на овластувањата на органите на
ООН). Според тоа, наместо да се решаваат проблемите настанати од еден
нелегален акт, потребно е да се работи на корекција на нелегалноста на тој
акт. Од оваа гледна точка, преговорите со Грција околу името се беспредметни,
што се гледа и од непроменливоста на ставовите на двете страни во
досегашните разговори. Отсуството на притисок од страна на ООН кон двете
преговарачки страни за решавање на проблемот околу името (што тие, според
Резолуцијата на ООН требаше побрзо да го сторат), може исто така да се сфати
дека ООН молчеливо признава дека одредувањето на името на една држава
навистина влегува во нејзината внатрешна јурисдикција и е битен дел на
суверенитетот на државата.
ПРЕКРШУВАЊЕ
МС: Често пати оваа домашна битка се поврзува со името на професорот
Фрчковски, кој патем е советник на Претседателот. Колку една ваква сериозна
работа ја кочат одредени функционери и дали тие треба да се најдат на една
ваква висока функција?
ЈАНЕВ: Лични оценки за одредени личности сметам дека се неумесни и
немаат принципиелна основа. Како што порано реков, компетентноста на лицето
кое се номинира, или бира за вршење на определена работа, особено во сферата
на државните дејности, мора да биде предмет на објективна проценка,
заснована на одредени јасни критериуми. Критериумите за компетентност за
вршење на одредена конкретна работа секогаш се прилично јасни. Едно од
болните места на македонската политичка и државна реалност е отсуството на
објективни критериуми, или нивната замена со псевдо-критериуми (од типот "познат
авторитет"), а најчесто со методите на "пријателска линија" или "личен вкус".
МС: Вие остро реагиравте на ставот на ООН Република Македонија да биде
примена под друго име, бидејќи тоа правно не е издржано. Дали се уште стоите
на овој став?
ЈАНЕВ: Ставовите од мојот прв труд фактички се прифатени и пренесени
во Извештајот на Кризната група. Во Извештајот стои дека е направено кршење
на член 4 од Повелбата на ООН. Објаснувањето зошто е тоа така исто така е
пренесено од мојот труд. Потоа, Промеморијата на МАНУ во Заклучокот го
пренесува ставот дека е направено прекршување на членот 4 од Повелбата на
ООН. Но, овде не е укажано дека со кршење на членот 4 се прекршува и ставот
1 од член 2 од Повелбата. Ако постојат нелегални услови кои значат кршење на
член 4 од Повелбата, тогаш обврските кои настанаа од овие услови исто така
се нелегални. Овие дополнителни обврски претставуваат прекршување на ставот
1 од членот 2 од Повелбата. Тие се: референцата БРЈМ, обврската за
преговорите. Ова МАНУ не го потенцира во својата Промеморија. Понатаму, во
документот на МАНУ е пропуштено да се каже дека при кршење на постапката,
следи прекршување на ставот 7 од членот 2 (строго немешање во внатрешната
надлежност). Овие пропусти не би биле направени доколку членовите на МАНУ го
консултирале мојот труд.
МС: Македонија останува на истиот став околу проблемот со Грција. Дали
нашиот јужен сосед може да ја промени својата цврста позиција, бидејќи на
тоа ја принудуваат строгите принципи на ЕУ?
ЈАНЕВ: Не. За Грција единствено промената на името останува опција.
Затоа Македонија треба да го постави прашањето за легалноста на
дополнителните услови пред Генералното Собрание на ООН. На неколку пати
потенцирав дека Македонија треба да предложи резолуција до Генералното
собрание со која од него бара советодавно мислење од Меѓународниот суд за
правда, за согласноста на поставените дополнителни услови кон Македонија при
нејзиниот прием во ООН, а е поврзано со одредбите на Повелбата. За време на
министерот Чашуле јас испратив вакво барање до ООН, но МНР реагираше во ООН
и бараше ваква точка да не се става на дневен ред на Генералното собрание на
Светската организација. Потоа министерот Чашуле излезе со интервју во "Фокус"
од месец јули 2002, во кое изјави дека не е време за таква акција поради
претстојните избори.
НЕМОРАЛНОСТ
МС: Дали Македонија треба цврсто да остане на својата политичка позиција
за двојно именување на нашата држава - едно име за Грците како референца, а
нашето уставно име да се користи во комуникацијата со другите земји?
ЈАНЕВ: Оваа иницијатива нема да биде прифатна од Грција. По една
година или помалку ќе стане јасно да не постои преговарачко решение, се
разбира доколку во меѓувреме Македонија не отстапи од својот став за
непроменливоста на своето уставно име.
МС: Колку сметате дека нашата надворешна политика е инволвирана во
партиски игри, а не во државни или национални интереси? Колку ваквите игри
влијаат на една држава и нејзината положба во регионот и во светот?
ЈАНЕВ: Практиката во нашата политика е да се издигнат парцијалните
над општите интереси. Оваа практика не е во согласност со елементарната
етика. Како што е познато, од Кант па наваму дефиниција на неморалноста е
издигање на парцијалните (сопствените) интереси над општите. Но, треба да се
истакне дека во Македонија сепак постојат одговорни поединци со јасно
чувство за хиерархијата на интересите. Ова стана јасно кога лани од
господинот Тито Петковски побарав да испрати писмо до потсекретарот за
правни прашања на ООН во кое се прашува: дали условите поставени кон РМ за
нејзин прием во ОН се во согласност со Повелбата на ООН? Тоа господинот
Петковски и го стори. Во одговорот испратен од потсекретарот се вели дека
постои (позната) процедура што функционира во вакви органи, вклучувајќи го и
Меѓународниот суд за правда кому треба да се обраќаат политички органи, како
што се Советот за безбедност, или во нашиот случај Генералното собрание (на
ООН). Во потегот на господинот Петковски гледам прв чекор на едно македонско
службено лице кое работи во правец на решавање на проблемот. Ваков чекор
имаше можност одамна да го направи господинот Киро Глигоров, а исто така и
господинот Чашуле за време на неговото вршење на функцијата министер за
надворешни работи на РМ. Меѓутоа, не е сосема јасно колку прашањето на
воспоставување на уставното име на РМ во ООН, како едно од стратешките
прашања на македонската надворешна политика, директно е инволвирано во
партиските игри за власт. Но, се забележува дека опозицијата секогаш има
порадикален став по ова прашање, отколку по освојувањето на власта.