Спорот со името, непризнавањето од страна на нашиот сосед се води повеќе
од една деценија, но колку ние сами си ја подгреавме сопствената каша. Кој
ни е виновен кога самите се негираме во стилот на Трајковски кој на
официјалната интернет-страница упорно потенцира дека ова е држава на
македонските Словени?
Во неколку држави во САД благодарение на некојаси Панмакедонска
организација која е олицетворение на силното грчко лоби се донесени некакви
резолуции со кои се што е македонско, тргнувајќи од Александар Македонски им
се припишува како сопственост на Грците.
Трагикомично е што постојат многу публикации кои им се врачуваат на
странците кои престојуваат во нашата држава и кои со ваквото наше
претставување како славомакедонци, нормално е да не третираат како такви.
Иронијата е во тоа што самиот Македонец несвесно го негира сопствениот
идентитет. Залудно е што на македонска почва катадневно се пронаоѓаат
антички остатоци од нашето славно македонско минато кога сме неспособни тоа
да му го покажеме и докажеме на светот!
СИСТЕМАТСКО БРИШЕЊЕ
Често е збунувачки што на нашиот јужен сосед му пречи името Македонија.
Грчкото лоби е толку силно и со полна пареа работи во САД и другите земји за
разнебитување на нашиот идентитет, на нашето име. Но, Грците се вредни и
работат! Каде е македонското лоби кое ќе ја поништи шлаканицата да не
нарекуваат како ќе им свирне на умот? Колку Македонците се заангажирани за
нашето признавање онака како што се викаме - Македонци, а живееме во држава
Македонија. Иронично е што никој од досегашните политичари не успеа
дипломатски да се избори за нашето уставно име кое со векови го носиме, а не
некој на старост да не прекрстува.
Зошто откако дојдоа Грците во Македонија почнаа систематски да ја бришат
Пела од свеста на луѓето? Сега скоро прочитав една книга за околијата на
Пела. Во таа книга се имаше, но за престолнината на Александар Македонски
немаше ништо. Книгата се вика Пела. Авторот Костандинос Сиогас. Поднаслов: "Земјата
на Великиот Александар". Издавач "Туристички водич на Номос Пелис". За
родното место на Александар Македонски само на последната страница, неколку
реда. Веднаш ми се родија истите таговни сеќавања. Пишуваат за едно такво
знаменито место, а бегаат од срцевината на она што постоело и се уште постои
па дури и под земја, пишува во "Записи за Пела" Ката Мисиркова -
Руменова, која потекнува токму од престолнината на Александар Македонски и
која во својата книга потенцира како Грците настојувале да ги прикријат
остатоците на престолнината на Александар, а со тоа и поврзаноста на
Македонците со нашите светски признати и познати предци.
ГРЧКО ЛОБИ
Под влијание на грчката ултранационалистичка Панмакедонска организација
државите Илиноис, Мисури и Калифорнија донесоа антимакедонски резолуции со
кои "утврдија" дека историјата, културата и јазикот на Македонците во
последните 3.000 години биле хеленистички, односно грчки. Античките
Македонци биле Хелени, а денешните жители на Северна Грција, Македонија, се
наследници на Хелените, се вели во резолуциите што се усвоени од три
сојузни држави на САД - Илиноис, Мисури и Калифорнија. Нејсе! А, има ли
Македонци во САД, во овие држави? Треба ли да премолчиме кога некој ни плука
на името? Речиси идентични резолуции се очекува да усвојат и Тексас и Њу
Хемпшир со кои етничките Македонци се прекрстуваат во Грци. Овие резолуции
се донесени под влијание на моќното грчко лоби во Америка, пред се на
активностите на ултранационалистичката Панмакедонска организација, а
најчесто спонзори се Американци од грчко потекло. А, за голема жал и за
волја на вистината, според се, македонско лоби немаме преку барата, па
Грците можат на раат да не крстат и прекрстуваат.
Во резолуциите се вели дека Филип Втори и Александар Македонски биле
Хелени, културата и јазикот биле како тие на Хелените и дека тие исто како и
Хелените верувале во 12 богови од Олимп и учествувале во олимпијадите. Арно
ама зошто ние со генерации наназад се нарекуваме Македонци, а државава -
Македонија? Знае ли на тоа да ни даде одговор тоа силно грчко лоби?
Историјата на античките Македонци во последните 3.000 години беше
хеленистичка и таа продолжува и во денешни денови - се наведува во
резолуциите. Амбасадата на Република Македонија во САД во неколку наврати
изразила сериозна загриженост за ова прашање во Стејт Департментот и во
Националниот совет за безбедност при Белата Куќа, укажувајќи на штетните
последици и барајќи соодветно постапување. Никола Димитров, македонски
амбасадор во САД, вели дека деновиве испратил писма до гувернерите и
законодавните домови на сојузните држави во САД, вклучувајќи ги Тексас и Њу
Хемпшир. Македонската дијаспора, особено многубројната македонска заедница
во САД е гневна заради усвојувањето на резолуциите и побара тие да бидат
поништени. Иако резолуциите немаат правно влијание на надворешната политика
на САД, тие продуцираат низа директни негативни ефекти - претставуваат
навреда за сите Македонци во матичната земја и во светот и создаваат целосно
лажен впечаток дека САД молкум ја поддржуваат грчката страна во разговорите
за разликите околу името. Но, за жал останува само нашиот гнев, додека
Грците вредно работат на уништувањето на нашиот идентитет.
Со резолуциите се продуцира антиамериканско чувство во македонското јавно
мислење, во момент кога сме во завршна фаза за склучување повелба за
партнерство меѓу Македонија, Албанија и Хрватска со САД во напорите за
зачленување на трите кандидати во НАТО - коментира за скопски "Дневник"
Никола Димитров, нашиот амбасадор во САД за кој досега не слушнавме скоро
ништо околу неговите напори за нашето "признавање" под уставното име. Колку
што е познато, тој е именуван за амбасадор за да лобира за Македонија, а не
да биде само нечиј ентериер.
Тој јавно се прашува која е логиката на законодавните домови на тие
сојузни држави на САД, кои инаку немаат уставна надлежност во надворешната
политика, да се произнесуваат за прашања илјадници години во минатото и
илјадници километри надвор од границите на САД.
Прашањето што биле античките Македонци е прашање што не може да го
одговори еден законодавен дом со политичка резолуција, туку науката и
историјата. Прашањето за припадноста на денешните жители на Македонија, било
нашата држава или северната грчка провинција, е прашање што можат да го
одговорат само тие жители, истакнува Димитров.
Во отвореното писмо до гувернерот на Илиноис, Џорџ Рајан, македонските
Американци велат дека се навредени од Резолуцијата затоа што го негира
нивниот етнички идентитет, а со тоа ги повредува и нивните човекови права.
Македонската заедница од Илиноис во писмото наведува дека Македонската
заедница во Америка е составена од околу 800.000 граѓани со повеќе од 30
црковни заедници, 50 македонски училишта и 100 македонски центри низ САД.
Ова е втор случај да се негира етничкиот корен на Македонците. Пред неколку
години во австралиската држава Нов Јужен Велс се донесе резолуција со која
Македонците беа прекрстени во "Славо-Македонци", а нивниот јазик
"славомакедонски", но со упорна акција на тамошната Македонска заедница таа
резолуција беше повлечена. Ашколсун, па и ние сме имале коњ за трка?! И ние
сме имале јазик, не сме биле безгласна буква!
НАВРЕДА
Според изјавата на амбасадорот Димитров, резолуциите претставуваат
навреда за сите Македонци во и надвор од Македонија, создаваат целосно лажен
впечаток дека САД молкум ја поддржуваат грчката страна во разговорите за
разликите околу името.
Панмакедонската организација е една од повеќето асоцијации на моќната
грчка иселеничка заедница во САД и според достапните информации една од
"најконзервираните" во политичка и национална смисла, која се разиде
неодамна и со грчките власти, инсистирајќи да гради џиновски споменик на
Александар Македонски во Северна Грција, поточно кај Аспровалта. На
нејзините иритирачки активности македонските иселеници летото одговорија со
петиција до сојузните законодавни домови, но нивната организираност се уште
не е таква за да го спречи прифаќањето на контроверзните резолуции. Инаку,
ова не е првпат Стејт департментот да се најде во конфронтација со органи во
федералните држави кои се замислуваат во улога на дипломати, бидејќи
претходно во Ајдахо била изгласана резолуција за самоопределување на
Баските. Во тој случај Стејт департментот, сепак реагирал.
Сепак проблемот не е толку кај грчкото лоби кое си зема за слобода да
"хеленизира" се што му се допаѓа во стилот на нашиот "батко Ѓорѓија", ами
проблемот е кај нас, пред се кај власта, тргнувајќи од нашиот Борис кој
отвора широк простор за грчко маневрирање кога не именува како словенски
Македонци.