ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

БИЛМЕЗ

Гог ма гог

Некогаш кога се одеше во Турција по "волнени чорапи" и со по три-четири илјади марки во џебот, на влезот на оваа голема земја од европска страна, полицаецот де ќе ни ги земе, де ќе ни ги врати пасошите... Ѕирни, затвори ги, пак ѕирни, пак затвори ги. Ај, мајката си велам, што тактика е оваа?

Еден од групата се сети: дајте двајца да појдеме и со усул да го прашаме... Тој едниот ме зеде и мене. Полицаецот зад рампата, ние пред рампата. Нешто зборуваа, абер немам што. Полицаецот го праша тој едниот од групата и покажа со поглед на мене, нешто како кој е овој, што е? Билмез, му вели тој едниот на полицаецот, и си разменија нешто преку пасошите.

Така влеговме во Турција со - анасана. А, како излеговме, не прашувајте. Во Турција ако не си билмез, не те примаат, па вие побарајте го коренот на зборот, да знаете што сте, и да не мислите дека некој ќе ви даде за право да го надмудрите!?

Добро во Турција, ама зошто сме сите билмези во Македонија? Оти во Македонија дрвосечачите мислат, а мислителите сечат дрва?! Тоа ти е како во онаа земја во која царот им дал за право на своите поданици да удираат со главата во својот - ѕид!

Емисарите на ММФ дојдоа, се спогодија и си заминаа. Првите џумки на нашите глави од удирањето во ѕидот, веќе се појавија: раните што си ги нанесувавме меѓу себе во долгите, напродуктивни и исцрпувачки расправии дали водата е храна, а храната нафта, се се подлабоки и понеизлечливи. Бранко Црвенковски ретко се појавува на ТВ, ама кога ќе се појави неговата улога е - билокативна: во исто време на две места, еднаш како граѓанин, притоа како Премиер, или обратно. Нестрпливата Сабина Факиќ во преголема желба да го открие "македонското економско Танушевци" по примерот на нејзината колешка Снежана Лупевска, се истрча да каже дека "сите сме во право, само правецот на движење го изгубивме!".

Во држава во која работниците преку Синдикатот се расправаат и се караат за политика, не за стандард, а полицајците се натпреваруваат кого побрзо да го затворат и уште побрзо да ја запознаат јавноста со затворањето, наместо тивко и без помпи да си ја бркаат својата уставна задача, таа држава постојано ќе трага по последиците, а не по причините.

Никој во нашето Собрание нема "стискајц" да излезе јавно и да му каже на Премиерот, тоа што му кажале на Перикле: "... Аристотел може што е етички да размислува, ама Перикле мора одлуки да донесува". Ова за наша (не)среќа, сам си го кажа Бранко, а како го разбраа, времето ќе ни објасни.

А, времето не ни е баш - наклонето. Не сум од оние "типови" што лесно се расфрлаат со големи зборови, ама никако не можам да ги заобиколам слободата, одговорноста, резултатот и сиромаштијата, нешто како револуционерно кадифе, во кое се завиткуваат илузиите на револуционерите. Еднаш реков: да не & сум во кожата на Владата... Многу кадии, брадата неизбричена!

Не е никаков проблем што Македонија има педесетина или стотина богати луѓе. Проблем е што Македонија нема богати луѓе кои својот ум и капитал ќе го стават во функција на стопанското закрепнување на оваа земја... Да знае Мара колку засолна Пара во странски банки, умот ќе & се "земит"!

Овде кај нас упорно негираме и долгорочно забораваме дека основната сила на приватната сопственост е - мотивацијата. А, ние секој ден тоа што сакаме да не движи го демотивираме. Погледнете ги банките. Пливаат во пари. Економистите молчат. Граѓаните трпат. Фирмите полека умираат... Нешто неприродно ни се случува, како на клонираната Доли, да не можеме глава да кренеме од сериозни економски проблеми.

Да се вратам од кај што тргнав. Што мислите, да не бев билмез, ќе влезев во Турција? Јок, како што ако не платат шест милијарди долари поддршка, нема да влезат ни - "америте"!


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"