|
ИНТЕРВЈУ
Д-р Душко Алексовски, претседател на Центарот за карпеста уметност во
Македонија кој го актуелизираше откритието од пред 25 години
МАКЕДОНСКИОТ ИСКОН ВО БАКАРНАТА КНИГА
Разговарала: Милева ЛАЗОВА
- Во книгата имаме латински зборови, неколку грчки и многу
старомакедонски знаци, а се среќава и запис (Антику Александро Василеус
Бенедиктус).
- Не е мое да судам како тие институции реагирале тогаш. Мене како
експерт за карпеста уметност, а по формирањето на Светската академија за
карпеста уметност, експерт за праисториска палеографија ме интересира само
стручниот дел и должен сум тоа да го завршам стручно, професионално и да
ја информирам јавноста.
МС: Господине Алексовски, деновиве повторно се актуелизира веста дека е
откриена Бакарна книга, каде меѓу другото е запишано и името на Александар
Македонски. Каде е најдена книгата?
АЛЕКСОВСКИ: Според зборовите на
лицето кое инсистира да биде анонимно, книгата е откриена во некоја пештера,
најверојатно сокриена поради некои немирни времиња. Преку печатот дознавме
дека книгата наводно била откриена во Бугарија. Едно е битно во целиот овој
случај: каде и да е пронајдена книгата, таа не може да биде пронајдена
надвор од етногеографската територија на Македонија. Во овој момент е битно
што книгата е документирана и ставена на располагање на домашната и
странската научна јавност. Во книгата се откриваат писмени знаци кои се
идентични со знаците од карпестата уметност, што оваа книга ја прави
ексклузивна. Такви писмени знаци какви што содржи книгава не се
идентификувани во ниту еден стар писмен систем.
МС: Но, сепак, за Бакарната книга се знае уште од пред 20-25 години,
односно дека информаците за неа се стара приказна?
АЛЕКСОВСКИ: Тоа е точно. Заводот за заштита на спомениците е запознат
со целиот овој случај. Објавени се и информации дека се договарала и цена за
откуп на книгата. Не можам да разберам зошто Заводот тогаш не ја
документирал целосно книгата, не извршил комплетна анализа на пишаниот
материјал и за сето тоа не ја известил македонската, светската културна и
научна јавност. Направив тоа што можев да го направам: ја фотографирав и ја
известив јавноста за постоење на книгата. Знаев дека пред некоја година таа
беше актуелна и целата македонска јавност беше во тек со нејзиното постоење.
Значи за никого книгава не беше тајна, па ниту за институциите задолжени за
откуп и заштита на ваков вид материјал. Не е мое да судам како тие
институции реагирале тогаш. Мене како експерт за карпеста уметност, а по
формирањето на Светската академија за карпеста уметност, експерт за
праисториска палеографија ме интересира само стручниот дел и должен сум тоа
да го завршам стручно, професионално и да ја информирам јавноста.
ЕКСПЕРТСКА АНАЛИЗА
МС: Колку Вие сте компетентен да одговорите на овој силен предизвик,
односно целосно да ја анализирате книгата?
АЛЕКСОВСКИ: Во овој случај е потребен интердисциплинарен пристап.
Луѓе од различни области, класични филолози, проучувачи на старите писма,
проучувачи на писмата од Егејската област ќе бидат вклучени во овој тежок,
но благороден проект. Откако ги исцртавме сите писмени форми на мајлер
хартија, забележавме и неколку збора на средновековен македонски јазик и
писмо: бог’т, богатства, премудрост, Злата. Од тие причини се формира
меѓународно тело, на чело со најдобриот палеолингвист, Германецот, акад.
проф. д-р Harald Haarman,
кој има напишано над 700 трудови на оваа тема. Да го споменеме неговото дело
за кое ја доби и големата европска награда за култура: "Раната цивилизација
и писменоста во Европа", со посебен осврт на писмото во Медитеранскиот свет
(Early civilization and literacy in Europe - An
Inquiry into Cultural Continuity In the Mediterranean World, edit. Mouton de
Gruyter-Berlin-New York 1996).
Зелена гранка на старо дрво наречено македонска и светска
писменост
Букви од старомакедонското писмо
Член на тимот е и Joan Marler
од Институтот "Марија Гимбутас" од Лос Анџелес, САД, која ја продолжува
работата на прославената Марија Гимбутас која ги издаде епохалните дела "Јазикот
на божиците", "Цивилизацијата на божиците" и сл. Таа целосно ги проучи
писмените знаци на божиците откриени во областа на Винча културата. Понатаму
во тимот се и акад. д-р Marco Merlini
од Рим во соработка со Италијанската академија на науките и уметностите кој
ќе работи на анализа на латинското писмо во книгата, како и акад. проф д-р
Majeed Khan од
Саудиска Арабија експерт за палеолингвистика и претседавач на сите сесии на
Светската федерација за карпеста уметност од областа на писменоста. И јас
сум вклучен во овој тим како експерт за карпестата уметност во Македонија, а
мојата работа е што треба да ги издвојам сите писмени знаци кои
произлегуваат директно од карпестата уметност. Покрај оваа задача ќе бидам и
главен координатор на целиот проект. Судејќи според искуството на експертите,
очекувам анализата да не трае подолго од три месеци.
МС: Дали некој друг од Македонија ќе биде вклучен во проектот?
АЛЕКСОВСКИ: На акад. проф. д-р Петар Илиевски ќе му понудиме да биде
член на овој тим. Бројот на членовите на тимот не го ограничуваме. Ќе
комуницираме со секој научен работник од Македонија за кого сметаме дека
може да се вклучи во работата на тимот. Доколку некој и самоиницијативно би
сакал да се вклучи во работата на тимот тоа ќе му биде овозможено.
МС: Дали македонската културна и научна јавност ќе го прифати извештајот
на овој експертски тим?
АЛЕКСОВСКИ: Македонија е дел од светот. Таа мора да ги почитува
Светските научни институции како што се Италијанскиот институт за стари
јазици, Институтот "Марија Гимбутас" од Лос Анѓелес, Државниот универзитет
во Ријад и сл. Не ги заобиколуваме ни македонските институции. Преку
академик Илиевски ќе соработуваме со Македонската академија на науките и
уметностите, што се однесува до знаците од видот на линеарните писма и сл.
За жал, Македонија нема Институт за палеографија. Таа празнина сега ја
пополнува Македонскиот центар за карпеста уметност. Со еден збор, ќе
работиме транспарентно. За резултатите од анализата ќе информираат и
реномираните стручни списанија од областа на археологијата и
палеолингвистиката.
ЗАПИСИ
МС: Да се вратиме повторно на книгата. Што во овој момент можете да
кажете во врска со запишаното во неа?
АЛЕКСОВСКИ: Како што веќе реков во книгата имаме латински зборови,
неколку грчки и многу старомакедонски знаци. Се среќава запис: (Антику
Александро Василеус Бенедиктус). Досега не обрнував внимание на карпестите
записи од типот Василеус Бенедиктус. Сега овие натписи бараат да им се
посвети поголемо внимание. Се прашувам: Дали Василеус Бенедиктус можеби се
однесува на Александар - Василеус Бенедиктус? Исто така го среќаваме името
на неговиот историограф Клитарх, го забележуваме името на областа Тракија,
името Бизалти, го среќаваме зборовите антрум - пештера, бустум - гроб,
цхарта - книга, вер - пролет, балуџ - златен песок, аметхѕстис - скапоцен
камен, цитатус 3 - брз, лудус - игра, целариолум - мала просторија, лак’т’
семита - млечен пат и др. Го среќаваме и името Роксана. Анализата треба да
покаже дали станува збор за Роксана, сопругата на Александар или не. Сепак,
сметам дека покрај споменувањето на името на Александар Македонски авторот
нема причина да споменува друга жена со име Роксана. Книгата завршува со
зборовите интелигенти пауса, над кои зборови е исцртана змија со издолжен
јазик, а веднаш над неа е цртеж на клуч...
МС: Дали сметате дека книгата е автентична, односно дали има можност
некој на стари бакарни листови да го испишал текстот подоцна?
АЛЕКСОВСКИ: Тоа е исклучено. Во книгата постојат букви кои за прв пат
се среќаваат, а имаат аналогија во знаците откриени на карпите и камењата во
Македонија. Тоа се крстовите, во чии агли среќаваме: точка во еден агол,
точка во два агла, две точки во аглите од десната страна на крстот, две
точки во левата страна на крстот, нешто што ја прави оваа книга вонредно
значајна, односно ја потврди мојата теорија дека писменоста во Македонија и
светот произлегува директно од карпестата уметност. Писмениот знак во вид на
бројот 4 во различни позиции, покрај карпест гравир, го среќаваме и како
писмен знак во многу стари писмени системи. Полусвастиката се појавува како
писмен знак во оваа книга, а знаеме дека свастиката се јавува и во старите
мозаици во Македонија. Имаме писмени знаци кои се идентични со знаците од
Винча културата, а кои се стари повеќе илјади години, според прецизни
лабораториски мерења од страна на Институтот на "Марија Гимбутас". Имаме
писмени знаци во книгата кои се идентични со писмените знаци од линеарното А
писмо, како и од киприотскиот силабик. Во овој момент мене ми се познати
сите овие знаци. Значи во случајов само јас би можел да ја фалсификувам. Но,
за среќа, поради фактот дека Институциите на системот повеќе од една година
пред мене веќе се запознале со содржината на книгата, се исклучува каков
било фалсификат. Од друга страна што и да додадете на тие страни тоа мора да
се забележи. Доколку сакате да создадете вештачка патина, со хемиска анализа
тоа веднаш се открива.
ВРЕДНОСТ
МС: Од каква важност е оваа книга за Македонија?
АЛЕКСОВСКИ: Книгата е од исклучителна важност за македонското и
светското културно и писмено наследство, без разлика во кој временски период
да била создадена. Таа е една од зелените гранки на старото дрво, наречено
светска писменост. Се потврди теоријата на Haarman
дека Балканот, посебно Македонија, е
најзначајно културно и писмено светилиште на земјината топка. Според
најновите проучувања на културното наследство на Југоисточна Европа и со
примена на најновите методи во датирањето, Марија Гимбутас на целата научна
јавност & презентира материјал дека писмената традиција во Југоисточна
Европа е 2000 години постара од онаа на Месопотамија. Во една од нејзините
книги, на самиот почеток, на фотографија на птица божица се забележува
писмен знак, кој во времето бил можеби идеограм, кој е идентичен со буква
што често се среќава во книгата. Марија Гимбутас, според лабораториска
анализа, го датира овој артефакт 6.000 години пред Христа, значи стар вкупно
8.000 години. Знакот го среќаваме на многу места во Македонија, како карпест
гравир. На моето задоволство немаше крај кога забележав бројни вакви писмени
знаци во книгата. Некои знаци се слични на знаците од пештерата во село
Шопско Рударе, Кратовско, создадени со помош на црвена боја, за кои писмени
знаци експертите за карпеста уметност ценат дека се од времето на неолитот.
До овој момент идентификував 233 писмени знака, едноставни и создадени со
помош на дијактрични знаци. Карактеристична е и буквата А која ја
забележуваме во книгата со две хоризонтални црти, а која е присутна и во
писмените знаци од Винча културата. Книгата открива и лингвистички тајни. На
пр. буквата која ја среќаваме во винчанскиот писмен систем, според Гимбутас,
Haarmann и
Merlini формирана со
вертикална линија и мало квадратче во долниот дел, односно личи на буквата
Б, без горната хоризонтална линија е со неопределено фонетско значење.
Ваквата писмена форма во книгата се среќава со значење на буквата Б, при
пишување на зборот Бустум, Бисаилтае и сл. Значаен е и писмениот знак Х кој
на десно косата линија во горниот дел има кратка коса линија. Аналогија
наоѓаме во Винчанските знаци, во карпестите гравири, како и во бројни други
стари писмени системи. Во книгата има композитни знаци, чие значење во
моментов не сме во можност да го идентификуваме. Сепак и во овој случај
сакам да го истакнам фактот дека доколку не беше моето искуство од областа
на карпестата уметност, долго време и значењето на книгава не ќе беше
актуелизирано. Сето досега кажано ја прави оваа книга ексклузивно значајна и
Македонија ја става во самиот центар на светските културни збиднувања.
МС: Доколку се докаже дека оваа книга сепак не е толку стара, како што на
почетокот се претпоставуваше, дали таа ќе го изгуби своето значење?
АЛЕКСОВСКИ: Напротив. Книгата уште повеќе ќе добие во значење поради
фактот што старата писмена традиција од Југоисточна Европа има своја
најдолга традиција во писмениот систем на Македонија. Големиот број писмени
знаци кои не се во состав на латинскиот јазик и писмо употребени во книгава,
а имаат аналогија во Винчанските писмени знаци, како и во линеарното А и
киприотското слоговно писмо само го потврдува фактот дека писмената
традиција на територијата на Република Македонија е долга и непрекинлива,
како што тоа го потврдија и Gimbutas,
Refrew и
Haarmann. Тие
недвосмислено докажаа дека писмената традиција од Винча продолжила во
Македонија и по вториот милениум пред Христа, откако таа традиција од
познати причини почнала да исчезнува во северниот дел од Балканот. Во
вториот милениум пред Христа на овој дел на Балканот на подоцнежната
територија на Македонија блеска Пајонија, со своја култура, свој главен град
Абидос, своја силна армија и свое писмо.
РЕАКЦИИ
МС: Неодамна, една интелектуалка во една емисија на МТВ рече дека е
невозможно во Македонија да се открие таква книга и сл. Ваш коментар?
АЛЕКСОВСКИ: Прво, тоа е навреда на својата земја и на својот народ.
Тоа се вика интелектуална беда. Без да се знаат фактите се донесува суд за
тоа што можело, а што не можело да се создаде во оваа земја. Нека појде таа
личност во селото Кнежје, Општина Свети Николе, за да види старомакедонско
писмо од 5 век пред Христа откриено од археолозите од Музејот на Македонија.
МС: Што мислите за акцијата на полицијата во овој случај?
АЛЕКСОВСКИ: Акцијата е меч со две острици. Може да се случи книгата
да исчезне. Сметам дека полицијата треба да делува професионално и
интелигентно за да не се направи повеќе штета отколку корист. Доколку се
направи грешка ќе се оневозможи откривање на слични вредни материјали, што
секако постојат во Македонија. Во овој случај најдобро решение е да се
комуницира внимателно, да се понуди пристоен износ од страна на државата и
да се отворат врати за прибирање на сличен таков материјал од граѓаните.
Сигурен сум дека оваа книга не е единствената книга која се наоѓа меѓу
луѓето. Штета што академик Блаже Конески не објавил ништо за испишаната кожа
која му била донесена за фотографирање од еден висок поранешен функционер во
Владата на СФРЈ. Од фотокопијата што мене ми беше презентирана констатирав
дека станува збор за писмено наследство со непроценлива вредност. Никој не
се заинтересирал за кожата и таа подоцна била фрлена од сопственикот во
контејнер за ѓубре! Знаеме дека сите земји во светот располагаат со
специјални фондови за откуп на предмети од особен национален интерес и
сметам дека Македонија треба да располага со еден таков фонд.
МС: Дали во Вашата нова книга "Потеклото и развојот на писменоста на
територијата на Република Македонија" ќе биде вграден и писмениот материјал
од книгата?
АЛЕКСОВСКИ: Јас сум можеби единствениот автор во Македонија кој го
повлекол своето дело од печат откако Министерството за култура обезбедило
доволно средства за печатење. Сакав да ги завршам истражувањата во областа
на карпестата уметност на целата територија на Републиката и да дојдам до
нови податоци за писменоста на овие простори и не згрешив. Севкупната
анализа од Меѓународниот експертски тим ќе биде вградена во книгата.
Рецензенти на книгата ќе бидат експерти по стари писма и палеолингвистика,
како и експерти од средновековното старомакедонско писмо. Велам
старомакедонско од едноставна причина што тоа писмо е создадено во
Македонија, и од македонски интелектуалци. Така треба да размислуваме ако
сакаме да ја крепиме нашата нација, наука и култура. Секоја држава и нација
полага право на се она што било создадено на нејзина територија.
|