|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ТРЕТАТА СТОТКА НА БРАНКО
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Црвенковски јасно ја презентираше својата и владината стратегија дека
привилегија нема да има за никого - ниту за сопартијците, ниту за себе. Но,
барем засега сето ова е во доменот на вербална утопија.
- Како заклучок на оваа мини анализа за првите веќе 110 дена од третата
стотка на Црвенковски може да се констатира дека нам не ни помагаат уште
стотина стотки. Се додека народот не ја зема судбината во свои раце, така
ќе биде. Ова не го кажувам јас. Црвенковски така кажа.
П оследниве денови се е во знакот
на популарните сто дена од владеењето на новите политички сили. Сепак, држат
тезите дека на овој "јубилеј" не би требало да му се придава некое големо
значење пред се поради фактот што ова не му е прва стотка на Црвенковски,
туку дури трета. Неговиот тим по вторпат направи репете и некако се уште
плива во зоната на условно наречен почетен професионализам. Острината со
која запна неговиот банкарски пулен во доменот на антикорупциските и
антикриминалните дејства на моменти ги прелеа бокалите и водата почна да
врви по нови и непредвидливи патишта.
Европа многупати ја предупредуваше и прекоруваше македонската држава дека
мора да почне процес на неутрализирање и ублажување на корупцијата која
според сите показатели беше на највисоко ниво на стариот континент. И новата
власт со засукани ракави ја отпочна работата. Ги скроти "недопирливите" без
пардон. И сето тоа е во ред. Оној кој се огрешил пред сопствениот народ,
свесно или намерно, во услови на тешка беда и сиромаштија, неизбежно е да
плати за своите сторени гревови.
НЕМИЛОСРДНА ЕГЗЕКУЦИЈА
Но, состојбата зема некои поинакви димензии од оние за кои се
претпоставуваше. Имено, сиот Проект на Костов и судовите се повеќе има налик
на политичка егзекуција на опонентот со цел да создаде атмосфера на држава
без силна опозиција која во иднина не би била во ситуација да & задава удари
на обемната владејачка гарнитура. Сето ова претставниците од институциите
неколкупати одречно го отфрлија. Природно е, нормално, да не ги прифатат
контрааргументите на неистомислениците. Но, како врв на препирките околу тоа
колку е позитивен, а колку негативен процесот на искоренување на минатото и
криминалот, стигна и изјавата на претседателот на Парламентарното собрание
на Советот на Европа во Стразбур, Валтер Швимер, кој ќе рече: "Ги
поздравуваме напорите на новата македонска Влада да се справи со најголемото
зло на денешницата, криминалот. Кон тоа мечтае цела Европа. Но, да
применувате правда и да апсите само лица од поранешната влада, а притоа да
ја запоставите и да замижите пред сегашната корупција е недозволиво".
Изјавата на Швимер може да се протолкува во следниот контекст - дека и по
доаѓањето на новата Коалиција на тронот, корупцијата како појава се уште
живее и тоа според него, меѓу актуелните. Не верувам дека висок европски
дипломат на памет би нагаѓал дека во земјава се уште вирее криминалот
поттикнат и од новите луѓе во институционалниот систем. Црвенковски јасно ја
презентираше својата и владината стратегија дека привилегија нема да има за
никого - ниту за сопартијците, ниту за себе. Но, барем засега сето ова е во
доменот на вербална утопија.
Како заклучок на овој дел од работата на четвртата по ред власт во
Македонија може да се констатира половичен успех. Втората димензија од
активностите на новодојдените во рамките на првите три месеци од работата ќе
ја проанализираме во контурите на образовната сфера. Е, тука Црвенковски си
достоја на прокламираната искреност, односно пред јавноста го призна поразот.
Образованието и натаму останува непремостлив јазол во меѓуетничката
корелација во сите сегменти. Своевиден пример за немањето идеја како да се
решат проблематичните ситуации е случајот Шемшево. Бронзениот лик на Јумни
Јонузи пред влезот на селското училиште поставен од политички побуди му
нанесе еден од сериозните удари на решителноста на владиниот водач. Толку
сериозен што призна дека веќе не знае како да постапи. Дислоцирањето на
бистата на само неколку метри, се разбира, е многу далеку од некакво солидно
решение. Црвенковски е контрадикторен во своите сфаќања и ставови, ретерира
во постапките кои упорно ги бранеше како единствено решение во дадениот
момент за разврска на проблемот. Вели вака: "Постигнавме компромисно
политичко решение на владино ниво меѓу коалиционите партнери. Но, тоа
решение не беше прифатливо на теренот, кај локалното население". Црвенковски
дури си постави прашање: "Што требаше да направиме? Единствено преостануваше
да ја пратиме полицијата и со сила да го спроведе договореното. Така ќе ја
вратевме правната држава". Премиерот потоа продолжува: "Но, таму станува
збор за деца. Дали тие утре без страв и безбедно ќе одат заедно на училиште
кога ќе видат како полицијата одреагирала?". И сето ова е многу умешно
кажано. Работата тапка во место и се чека времето да го налегне проблемот
оставајќи го нерешен.
Да се навратиме сега на една поинаква, но мошне слична ситуација во која
се најде истиот премиер кога требаше да ја брани правната држава - 9 јули
1997 година. Уставниот суд претходно донесе Решение за симнување на
знамињата на Република Албанија од пред општинските згради во Тетово и
Гостивар. Локалните водачи Алајдин Демири и Руфи Османи не сакаа да ја
спроведат одлуката. Нешто слично како што сега некој не сака да ја тргне
спорната биста во Шемшево. И што се случи? Полицијата на Чокревски во раните
утрински часови без претходна објава насилно ја врати правната држава по
цена на неколку жртви. Потегот беше поздравен и од опозицијата чиј водач
Георгиевски пак рече дека акцијата била задоцнета. Нејсе.
Се поставува прашањето: по што се разликува тогашната состојба во овие
две општини од денешната во Шемшево? И во двата случаја станува збор за
кршење на начелата на правната држава, и во обата случаја станува збор за
меѓуетнички несогласувања. Зошто тогаш два аршина во разврската на хаосот?
Се кае ли денес Црвенковски што остро постапи во 97 - та или тогаш мораше да
го стори тоа за да го одвлече вниманието од пеколот во штедилницата ТАТ?!
Оттука, дали Премиерот го стави под килим случајот Шемшево и ќе го
експонира во оној момент кога, не дај Боже, популарноста ќе му опадне, па со
својата "машкост" како пред шест години ќе калкулира со јавното мнение за да
ја зацврсти стабилноста на кабинетот?
ДО КОГА НАИВНИ!?
Низ вакви и слични тактики македонските граѓани неколкупати досега
поминале и наизуст ги знаат и ги препознаваат методите со кои се служеа
досегашните премиери на левицата и десницата. Затоа на случајот Шемшево
треба да се гледа од сосема поинаков агол. Од агол кој веродостојно ќе даде
одговор на прашањето: Ако се плашат од тензија, кое е решението за
елиминирање на проблемот? Се друго е испробано. Ова е второто црно петно за
првите недели од владеењето на структурите од социјалдемократската
провиненција.
Третата димензија која заслужува сериозно внимание, бидејќи се засегнати
речиси сите граѓани на државава, е новиот пристап на финансиските сектори
кон Буџетот и нивото на неговата исполнетост. Укинувањето на воениот данок
на 31 декември минатата година предизвика значително олеснување за многу
субјекти од стопанскиот, но и непроизводствениот сектор. Но, за кратко. За
само два месеца се реши тој данок да се компензира со нова стапка на ДДВ
која се оквалификува како најсилен удар досега по џебот на сиромашните
слоеви. Уште еден пораз за предизборните ветувања на Гошев кој тогаш се
заложи за намалување, а не за зголемување на даноците. Оправдувањата дека
стореното е вистинскиот пат за решавање на економските проблеми, а секоја
алтернатива катастрофа за државата, не држат. Тоа е најлесниот и
најправедлив аргумент за секој кој одлучува. Поставениот профил на
македонскиот преговарачки тим со претставниците на ММФ за склучување на
новиот аранжман беше набрзина склопен без стручен експертски тим. Оттука,
резултатот од преговорите е повеќе од очекуван. ММФ си ја заврши работата
повеќе од идеално. Практично постигна и повеќе од очекуваното. На овој начин
задолжените ресори со економско-финансиски предизвик побрзо би ја завршиле
обврската за намалување на дефицитот во Буџетот без да водат грижа за
стандардот на македонскиот граѓанин. Никого повеќе не може да исплаши еден
обичен штрајк на стечајци, на резервисти, па нека биде и генерален бунт на
ССМ. Тоа е една изживеана трагикомедија од македонското секојдневие. Се е
завршена работа. Преостанува само граѓанинот редовно да си ги исполнува
своите граѓански обврски. А, за правата што тој треба да ги има, пред се во
социјалната сфера, е сосема друго прашање. Така е веќе дванаесет години,
така веројатно ќе биде уште толку.
Минатата година социјалната експанзија и народното незадоволство
достигнаа кулминација во последната декада и сето тоа резултираше со
краткорочни и политичко-манипулантски решенија со една единствена цел барем
привремено да се намали адреналинот кај народните маси. Успеаја во тоа. Но,
народот се почувствува извисен и изигран. Најновиот Проект на ресорот за
финансии за зголемување на даночната стапка сериозно ги оживува дотраените
нерви кај изнемоштениот граѓанин со реакции кои нема да наидат на
задоволство кај актуелните властодршци.
Новата опозиција сега игра на картата на која играше претходната
опозиција од минатото лето, а пак сегашната власт исто онака како што си
поигруваше власта на Георгиевски. Значи ништо не е сменето, постапките
остануваат исти, само улогите на извршителите се менуваат. Наивноста на
просечниот и обичниот македонски граѓанин е доведена дотаму што повеќе не
може да изнајде начин како со свои раце да го промени своето секојдневие.
Како да се откачи од избледените црно-бели монолитни политички групации кои
не носат никаков прогрес и просперитет за државните и националните интереси.
Црните дамки и дебелите досиеја на речиси 80 отсто од политичката
номенклатура во земјава не ја менува многу ситуацијата. Се ќе се покрие со
еден одглумен невин реторички настап на актуелен или поранешен функционер
кој вешто ќе ја натера медиумската публика да поверува во неговите лаги, во
неговите постапки. Ако ништо друго, барем ќе го консолидира своето
изневерено партиско членство во поддршката на партискиот лидер која ќе му
обезбеди поширок маневарски простор на подолги патеки. Еден таков настап е
сосема доволен за амортизација и ублажување на се поизразеното разочарување
и незадоволство кај граѓанинот. Веднаш знаат да го прочитат првиот рефлекс
кој би се појавил кај граѓаните, па во зависност од неговата силина се
креира и постапката за спуштање на топките кај електоратот кој ги довел на
тронот.
Како заклучок на оваа мини анализа за првите веќе 110 дена од третата
стотка на Црвенковски може да се констатира дека нам не ни помагаат уште
стотина стотки. Се додека народот не ја зема судбината во свои раце, така ќе
биде. Ова не го кажувам јас. Црвенковски така кажа.
|