МЕДИЈА МОНИТОР

Првиот парламентарец заборави на Катерина Трајкова - Нурџиева

ВНУКАТА НА ДЕЛЧЕВ Е "ОБИЧЕН ЧОВЕК"?!

Пишува: Ранко Младеноски

  • Катерина Трајкова - Нурџиева, внуката на Гоце Делчев, и по 56 години се уште не ја добила заслужената рехабилитација од македонската држава.

Кабинетот на Никола Поповски, претседател на Собранието на Република Македонија, не ги одржа ветувањата дадени на 22 ноември минатата година во врска со моето рехабилитирање и во врска со решавањето на мојот социјален статус, обвинува Катерина Трајкова - Нурџиева, секретарка на Методија Андонов - Ченто, борец во Народно-ослободителната бригада "Гоце Делчев" и внука на апостолот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев, која на 18 октомври минатата година го прослави својот 80-ти роденден.

Колку за потсетување, на 24 јануари 1997 година Катерина Трајкова -Нурџиева поднесе барање за рехабилитација и за остварување на нејзините материјални права од страна на Република Македонија. До денес македонските власти молчат за нејзиниот проблем.

Како што не информира Димитар Трајковски, шеф на кабинетот на Поповски, (покрај неговата иронична забелешка дека "постојат само глупави одговори, но не и глупави новинарски прашања"), во телефонскиот разговор со Трајкова - Нурџиева & објаснил дека тој не е компетентен и надлежен да ги решава нејзините проблеми. Димитар Трајковски додаде дека не знае што & е ветено на внуката на Гоце Делчев на нејзината средба со Никола Поповски во ноември минатата година и дека не знае како може да се реши нејзиниот проблем. Трајковски, исто така, во врска со идејата на Трајкова - Нурџиева да се обрати пред македонскиот Парламент, ни појасни дека тоа не е изводливо, затоа што Катерина Трајкова - Нурџиева е, според него, "обичен човек". Таа може само да се сретне со пратеничките групи и тоа откако ќе достави индивидуално барање до претседателот на пратеничката група со која сака да има средба. Барем така ни објасни Димитар Трајковски.

Како што ни објасни, пак, Трајкова - Нурџиева во телефонскиот разговор, таа на 19 февруари по телефон разговарала со Димитар Трајковски, шеф на Кабинетот на првиот парламентарец, во врска со тоа до каде се работите за нејзината рехабилитација. Трајковски децидно & одговорил дека сега за сега нема ништо и дека "ќе видат што можат да сторат во врска со таа работа".

Револтирана од ваквиот однос, внуката на Делчев уште еднаш потенцира дека таа е прогласена како македонски борец не само од државата Република Македонија, туку и во бугарските воени архиви и дека Македонија конечно треба да & се оддолжи со рехабилитација и со решавање на нејзините социјални проблеми, бидејќи таа го заслужила тоа.

Чекам 56 години да видам дали постојам како човек за македонските власти, ни изјави со револт и со гнев тетка Катерина Трајкова - Нурџиева.


Недоразбирање меѓу Трајковски и Митрева

Претседателот Борис Трајковски, како што неофицијално се дознава, се налутил, бидејќи не бил информиран за отповикувањето на група од 10 -15 амбасадори, како што најави министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, иако тој ги потпишува указите и за именување и за отповикување амбасадори. Од Кабинетот на Трајковски не ги потврдија недоразбирањата, а портпаролот на претседателот, Борјан Јовановски, потврди дека меѓу Митрева и Трајковски се зборувало за амбасадорите, но не сакаше да споменува имиња.

Дел Понте во Скопје

Хашкото обвинителство, како што потенцира главната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, во својата посета на Скопје, веќе ја почнало истрагата за припадниците на ОНА што сториле злосторство за време на конфликтот во Македонија и во Обвинителството веќе се стигнати материјали за тоа. Запрашана да каже нешто поконкретно за петте случаи што ги презема Хаг, таа одговори: Никогаш не зборувам за случаите за време на истрагата, туку кога ќе има некакви резултати. Мора да чекаме истрагата да заврши.

Протераните ќе ја тужат државата

На средбата помеѓу неколку членови од Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните и протераните лица сместени во скопските интернати "Здравко Цветковски" и "Томе Стефановски - Сениќ", протераните најавија дека доколку државата не им излезе во пресрет да им ги врати имотите во првобитната состојба, ќе ја тужат и бараат да бидат ослободени од судските такси.

Стевче Коцевски во притвор

Основниот суд во Скопје им одреди притвор од 30 дена на Стевче Коцевски и Винко Иванчиќ поради криминалната приватизација на "Македонија табак". Според официјалната истрага двајцата со злоупотреба ги оштетиле акционерите на фирмата за 1.671.257.313 денари. МВР потврди дека Стевче Коцевски, генерален директор на "Македонија табак 2000" се наоѓа во Истражниот затвор во Шуто Оризари, додека за неговиот заменик Винко Иванчиќ е распишана потерница, бидејќи не бил достапен за полицијата.

Ќе ни го даде ли Турција Црешовото топче?

Одговорот на прашањето дали Црешовото топче од 1903 година, кое го преживеа Илинденското востание и кое цел век се чува во Воениот музеј во Истанбул, за првпат по 100 години ќе биде достапно за изложбата во Македонија, "Вест" го побарал од Воениот музеј во Истанбул и Воениот институт во Анкара. Но, оттаму се уште молчат.

Според министерот за култура, Благоја Стефановски, единствената формална пречка за трајно враќање на топчето е што УНЕСКО се уште ја нема донесено меѓународната конвенција за враќање на предмети од културно наследство на матичните земји. Тој најави дека лично сам ќе се заложи за ова прашање кога во мај ќе оди во Истанбул.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"