|
СПОРТ
Подготвителни натпревари на македонската репрезентација
"ТРОФЕЈ МАРЈАН" ТЕСТ ПРЕД СЛОВАЧКА
Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ
- На овој турнир оваа година учествуваат, покрај Македонија, и
селекциите на Хрватска и Полска, земји учеснички на последното светско
првенство, како и домаќинот, екипата на "Хајдук".
- До крајот на квалификациониот циклус дома ги пречекуваме Лихтенштајн (наш
голем должник), Словачка (се уште болат оние 5:0 од минатиот пат), Англија
(која има мотив за да ни се реваншира), а им гостуваме на Турција и на
Словачка.
М акедонската фудбалска
репрезентација се труди да го исполни планот на селекторот Илиевски за
одигрување на што е можно повеќе пријателски натпревари со цел да се уигра
што е можно повеќе тимот пред продолжението на квалификациониот циклус каде
што според најавите на селекторот влегуваме со голем оптимизам.
Имено, оваа година раководството на репрезентацијата, а и самата
фудбалска федерација, не дозволија да се пропуштат термините предвидени
според календарот на ФИФА, па навреме се прават контакти за договарање
средби од меѓународен карактер каде што може да се видат нашите вистински
можности и да се уигра тимот кој треба да претставува костур во
продолжението на квалификациониот циклус.
ИГРАЧКИ ПОДЕМ
Токму една таква турнеја на меѓународни натпревари на нашата
репрезентација се одржува во овој период, во Хрватска, каде нашата
репрезентација е учесник на традиционалниот турнир "Трофеј Марјан" кој е
организиран секоја година од страна на фудбалскиот клуб "Хајдук" од Хрватска
во чест на неговото основање. На овој турнир оваа година учествуваат, покрај
Македонија, и селекциите на Хрватска и Полска, земји учеснички на последното
светско првенство, како и домаќинот, екипата на "Хајдук". Овој турнир
претставува одлична можност со квалитетни репрезентации да се уигра
репрезентацијата за веќе на натпреварот со Словачка да докажеме дека
навистина се наоѓаме во силен резултатски и играчки подем. Но, еден вид
хендикеп е тоа што на овој турнир костурот на репрезентацијата нема да биде
комплетен за сите натпревари, туку главните играчи или нема да дојдат или ќе
се приклучат само за некои натпревари и веднаш се враќаат во своите клубови.
Меѓутоа, селекторот Илиевски вели дека ова е шанса за сите оние млади играчи
кои чекаат да се докажат и токму сега да добијат шанса да се наметнат со што,
како што истакна, би имал целосна слика за моменталните можности на секој
фудбалер, а воедно би видел дали за секое место во репрезентацијата имаме
квалитетна замена.
Но, она што е поважно да се спомне и е вредно за анализа е изјавата на
селекторот за нашите шанси во претстојниот квалификационен циклус за
европското првенство во Португалија. Имено, селекторот Илиевски на
прес-конференцијата пред тргнувањето во Хрватска кажа дека во претстојните
средби од квалификациите очекува позитивен резултат, односно парафразирано
кажано, нешто во стилот дека е можно да ги добиеме сите натпревари до крајот
на квалификациите и со самото тоа да ја направиме и разврската во групата
крајно интересна.
ПОВИСОК РЕЈТИНГ!?
Само да потсетиме дека до крајот на квалификациониот циклус дома ги
пречекуваме Лихтенштајн (наш голем должник), Словачка (се уште болат оние
5:0 од минатиот пат), Англија (која има мотив за да ни се реваншира), а им
гостуваме на Турција и на Словачка.
Колку сега од оваа перспектива изгледа реална изјавата на Илиевски за
максимален број бодови од преостанатите натпревари? Реално би било да се
очекува дека можеме да ги победиме Словачка и Лихтенштајн дома, а секој бод
освоен во натпреварите со Англија дома, Турција и Словачка на гости, само би
придонел за кревање на рејтингот на македонската репрезентација. Тоа во
моментов е реалната слика и максимумот кој можеме да го постигнеме затоа што
оваа генерација и овој состав се очекува да созрее на идните квалификации.
Селекторот Илиевски верува во успехот на избраниот тим
Но, овие момчиња покажаа дека нив не треба никој и никогаш да ги отпишува.
На секој нивен настап се чувствува желбата за да изгинат на теренот и да
постигнат добар резултат не респектирајќи го нималку противникот без разлика
дали е тој некоја голема европска велесила ила пак станува збор за просечна
репрезентација. Се игра упорно сите деведесет минути, акциите од натпревар
на натпревар се се потечни, а видлив е и напредокот во почитувањето на боите
на репрезентацијата. Играта е таква каква што треба да биде - сите играат за
репрезентацијата, а не за своја сопствена промоција, работа која често пати
се случуваше порано.
На крајот само би додале дека треба да се продолжи со ваквата квалитетна
работа со селекцијата затоа што очигледно е дека таа дава резултати. Исто
така треба да се направи се за да не се повтори лошата комуникација со
раководството на фудбалската федерација со новиот претседател, нешто што
беше практика со минатите влади и што доведуваше до многу тешки ситуации.
Искрено веруваме дека оваа репрезентација може да ни приреди многу убави
моменти, па зошто не би била изненадување и за целокупната европска
фудбалска јавност. Овие момчиња тоа го можат и го умеат.
|