ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Големиот празник Сретение Господово

"ОЧИТЕ МОИ ГО ВИДОА СПАСЕНИЕТО ТВОЕ"

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • "Превечни Оче, тоа е Синот Твој, Кој Го испрати да се овоплоти од мене заради човечкото спасение. Ете Го Оној Кој Ти пред вековите си Го родил без мајка, јас по благоволението Твое на крајот на времето родив без маж...".
  • Празникот Сретение Господово е празник на сретнување на човечката душа со Оној кој не создал и ни го дал животот, за да го преобразиме "во чекање на Бога".

Во спомен на еден голем настан од пред околу две илјади години на една важна средба на Господ Исус Христос и Пресвета Богородица со набожниот, праведен и благочестив старец Свети Симеон и Света пророчица Ана, во Ерусалимскиот Храм, Православната Црква го востановила празникот Сретение Господово, кој секоја година се прославува на 02.02 - по стар или 15.02 - по нов календар.

Св. Симеон Богопримец со Господ Исус Христос

Всушност, овој празник не потсетува на радосното сретнување на човечката душа со Бога - со Изворот на животот, Изворот на љубовта, Изворот на светлоста, Сонцето на правдата. Затоа во Тропарот - химната на празникот се пее: "Радувај се, благодатна Богородице Дево, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата - Христос нашиот Бог, Кој ги просвети оние што беа во мракот...".

Божјата Мајка со праведниот Јосиф, четириесет дена по раѓањето на Младенецот Исус, Го донеле во Ерусалимскиот Храм за да го извршат над Него обичајот според Законот Господов дека "секое машко дете кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа; и да се принесе жртва...". Првосвештеникот Захариј (татко на Св. Јован Крстител), Дева Марија ја поставил на местото за девојки. Таа надприродно го родила Изворот на чистотата и се разбира дека и по раѓањето останала Пречиста, без повреда на девојчинската чистота.

БОГОДЕТЕТО ХРИСТОС

Јасно е дека како Пречиста немало потреба да дојде во Храмот да се очисти, но тоа го сторила за да покаже пред светот дека е послушна на Законот. Со Богодетето Христос во раце, приклонувајќи ги колената пред Бога, Го предала на Бога со зборовите од кои просолзуваат очите во срцето на човекот: "Превечни Оче, тоа е Синот Твој, Кој Го испрати да се овоплоти од мене заради човечкото спасение. Ете Го Оној Кој Ти пред вековите си Го родил без мајка, јас по благоволението Твое на крајот на времето родив без маж. Ете Го првородениот Плод на утробата моја, зачнат во мене, со Духот Твој Свети и роден од мене на неискажан начин, како што Ти единствен знаеш... Прими Го од мене Синот Твој, Кого Ти Го принесувам, да направиш со Него и со мене, како Ти е Тебе волјата, и со Неговото тело и крв, кои ги зеде од мене, да го откупиш човечкиот род". Потоа Пресвета Богородица го поставила своето сакано чедо во рацете на Божјиот слуга, првосвештеникот Захариј што значело како да го предала во рацете на самиот Бог.

Тогаш во Ерусалим живеел праведниот Симеон. Тој бил известен од Светиот Дух дека, по Божја волја, нема да умре, додека не го види Месијата роден од девојка. Оттогаш неговиот живот станал една постојана подготовка за радосното сретнување со Богодетето Христос.

МЕЧ НИЗ ДУШАТА

Свети Симеон живеел во неискажлива радост што таа долгоочекувана Божја светлост и Божји одговор на очекувањето човечко, му биле дадени нему, и тоа токму низ Богомладенецот Христос. Воден од Светиот Дух, тој брзо отишол во Храмот и ја познал Пресвета Богородица и Богомладенецот по светлоста, што зрачела околу нивните глави како ореоли. Свети Симеон се сретнал со четириесетдневното Богодете Христос, радосен, го зел, го држел во своите треперливи раце ветениот и долгоочекуваниот Бог. Со тоа како да ја гушкал самата смисла на животот, зашто го гушкал Ослободителот на нашите души. Затоа можеме да кажеме дека празникот Сретение Господово е празник на сретнување на човечката душа со Оној кој не создал и ни го дал животот, за да го преобразиме "во чекање на Бога". Св. Симеон (наречен Богопримец) му заблагодарил на Бога што го удостоил да го види Месијата и го замолил да го отпушти од овој живот: "Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи...". Оваа песна низ вековите и денес продолжува да се пее во Светата Црква. Св. Симеон ги благословил Дева и Младенецот и & рекол на Пресвета Дева Марија: "А и тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца". Тој пророчки ги видел болките кои ја чекаат и ги споредил тие тешки болки со "продирање на мечот низ душата".

На тој необичен ден, во храмот била и Светата пророчица Ана, ќерката Фануилова, од Асировото колено, вдовица на околу 84 години. Таа го познала Богомладенецот, пристапила кон Него, почнала да Го слави Господа и им објавила на луѓето во Ерусалим дека тој е очекуваниот Спасител.

Празникот Сретение Господово се прославува од почетакот на настанот, а торжествено се одбележува од 544 година.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"