|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕПОСРЕДНО ПО РИМСКАТА ОКУПАЦИЈА
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Римјаните со невидена радост ја дочекале веста за нивната победа над
Македонците!
- Огромни количества од македонското богатсво биле пренесени во Рим,
каде цели три дена во дефиле биле прикажувани пред граѓаните на Рим!
В о минатиот број
направивме осврт на настаните што се одиграле на бојното поле близу Пидна за
време на пресудната битка помеѓу Македонците и Римјаните (168 година пред
Христа) преку пишувањата на древниот грчки историчар Плутарх.
Откако Македонците направиле тактичка грешка (иако
отпрвин имале успех), Римјаните успеале да ја десеткуваат македонската
војска, по што битката бргу била завршена.
Плутарх пишува дека Римјаните со викотници и песни ја
прославувале победата, но нивниот генерал Емилиј Паул бил загрижен затоа што
го немало неговиот син. Војниците го барале низ бојното поле, но не го нашле.
Сепак, во текот на ноќта тој се појавил заедно со неколку свои пријатели, по
што и самиот генерал Емилиј Паул се приклучил кон прославата на победата.
ЗАРОБУВАЊЕТО НА ПЕРСЕЈ
Што се случувало во меѓувреме со македонскиот крал Персеј?
Откако ја опишува атмосферата кај Римјаните по победата, Плутарх пишува дека
Персеј уште пред крајот на битката тргнал кон Пела:
"Што се однесува до Персеј, тој од Пидна, заедно со
својата коњаница, која остана речиси негибната, тргна кон Пела. Но, тогаш им
се придружија и пешадијците, кои почнаа да ги обвинуваат дека се кукавици и
предавници, обидувајќи се да ги симнат од нивните коњи".
Персеј се уплашил од ваквата реакција на своите војници.
По патот мнозина од нив го напуштиле, а кога ноќта стигнал во Пела таму го
пречекале чуварите на богатството Евкт ( Euctus)
и Евдеј (Eudaeus),
кои толку го изнервирале кралот што лично ги отепал обајцата. Потоа заедно
со огромното богатство, во придружба на Критјани, Персеј заминал за Амфипол,
а оттаму во Галепсус. Всушност, Критјаните му останале верни само поради
огромното богатство што го носел со себе. Плутарх пишува дека Персеј дури
бил принуден една златна чинија, која порано му припаѓала на Александар
Македонски, да им ја даде на Критјаните и тоа го сторил со солзи во очите.
Оттаму Персеј заминал на островот Самотраки. Во продолжение Плутарх пишува:
"Македонците отсекогаш биле сметани како големи
обожаватели на своите кралеви, но сега, откако нивниот водач беше скршен,
тие се предадоа и му се потчинија на Емилиј Паул, кој за два дена стана
господар на целата држава."
Веста за победата на Римјаните над Македонците (кои тогаш
биле нивен најтежок непријател), со огромна радост била дочекана во Рим. Во
врска со ова Плутарх пишува:
"На четвртиот ден откако Персеј беше поразен кај Пидна,
додека народот во Рим ги набљудуваше трките со коњи, наеднаш во театарот се
прошири веста дека Емилиј го поразил Персеј во голема битка и дека ја ставил
цела Македонија под своја власт. Откако веста се прошири меѓу луѓето,
настана општа веселба со извици и акламации, кои траеја целиот ден низ
улиците на градот."
Но, тогаш Римјаните сфатиле дека оваа вест е лажна затоа
што не упеале да го најдат нејзиниот автентичен извор, туку секој ја слушал
од некого и како таква ја пренесувал. Тогаш прославата била заменета со нова
неизвесност. Но, по неколку денови стигнала и официјална вест за победата на
Римјаните, по што се случила нова прослава, а претходниопт настан бил
третиран како чудо, т.е. претскажување.
Во меѓувреме, римскиот командант Кнеј Октавијан ( Cnaeus
Octavius) го заобиколил островот
Самотраки со својата флота и му понудил на Персеј да се предаде со тоа што
достојно ќе биде третиран. Плутарх пишува дека Персеј се обидел да го
наговори Критјанецот Ороандес (кој имал мал брод) да го извлече него и
неговото семејство, заедно со богатството од Самотраки. Но, Критјанецот го
измамил. Прво го наговорил Персеј да го натоварат златото, а вечерта тој да
дојде на бродот, заедно со своето семејство. Кога вечерта Персеј дошол,
сфатил дека е измамен затоа што Критјанецот побегнал со неговото богатство.
Тогаш на Персеј не му преостанало друго, освен да му се предаде на Кнеј
Октавијан. Подоцна Персеј бил одведен пред Емилиј Паул, кој станал од своето
седиште и тргнал да го пречека поразениот македонски крал, кој по краткиот
разговор, бил одведен во ропство.
Во продолжение читаме дека Емилиј Паул ја распоредил
римската војска по гарнизоните, а самиот тој отишол во посета на Грција. Во
Делфи нашол голем столб направен од бел мермер, на кој требало да биде
поставена златна статуа на кралот Персеј. Емилиј Паул наредил таму да се
постави неговата статуа. Потоа ја посетил и Олимпија.
Емилиј Паул одржал говор пред видни Македонци во кој им
рекол дека ќе ги задржат своите градови, но дека ќе мораат да плаќаат двојно
поголем данок од оној што го плаќале на своите кралеви. Во врска со ова
Плутарх пишува:
"Тој на Македонците повторно им ги додели нивните
градови и земја, ветувајќи им дека ќе живеат во слобода и според нивните
сопствени закони, но дека ќе треба да плаќаат данок од сто таланти, што беше
двојно повеќе од сумата што порано ја плаќаа на своите кралеви."
Потоа читаме дека Емилиј Паул присуствувал на разни
претстави и игри и принесол жртви на боговите. Во врска со подоцнежните
активности на Емилиј Паул, Плутарх пишува:
"Средувајќи ги добро сите работи, напуштајќи ги Грците,
и предупредувајќи ги Македонците, дека имајќи ја предвид слободата која ја
добиле од Римјаните, тие треба да се обидат да ја одржат со почитување на
законите и соработка меѓу себе, тој замина за Епир" .
Мислам дека коментар не е потребен ни за овој запис од
познатиот древен грчки историчар Плутарх. И овде сосема јасно се издвоени
Македонците од Грците.
ДЕФИЛЕТО ВО РИМ
Во продолжение читаме дека Емилиј Паул стигнал во Италија,
заедно со ограбеното богатство од Македонија. Но, неговите војници не биле
задоволни од делот што ним им припаднал, па затоа подготвиле заговор против
него, обвинувајќи го дека сурово се однесувал кон нив. Тоа го искористил
Галба, кој бил противник на Емилиј Паул, за да го обвини пред Сенатот. Во
Сенатот настанала дебата со напади против римскиот генерал. Но, тогаш во
одбрана на Емилиј Паул станал угледниот Марко Сервилил ( Marcus
Servilius). Притоа тој истакнал дека овој
генерал успеал да го порази македонскиот крал и да ја "донесе славата на
Филип и Александар во посед на Римјаните". Говорот на Марко Сервилиј бил
пресуден, по што опонентите на Емилиј Паул се повлекле и тој бил опсипан со
слава. Целиот Рим излегол на улица за да го прославува враќањето на Емилиј
Паул и прославата траела цели три дена. Најглавен настан во прославата било
победничкото дефиле, кое исто така траело три дена.
Првиот ден низ градот биле носени колосални статуи и
уметнички слики, кои биле ограбени од Македонија. Плутарх запишал дека тие
биле носени во двесте и педесет коли.
Во врска со дефилето од вториот ден, Плутарх пишува:
"Вториот ден во голем број коли беше носено најубавото
и најскапоцено вооружување запленето од Македонците."
Плутарх дава детален опис на видот на ваквото вооружување
и опрема, која била уметнички украсена. Биле носени и покажувани штитови,
сабји, украсни оклопи, скапоцени наметки, копја, па дури и сариси запленети
од Македонската фаланга. По оваа поворка, следувала поворка која го носела
запленетото богатство од Македонија. Плутарх пишува дека во оваа поворка
учествувале дури три илјади мажи, кои носеле сребрени пари во седумстотини и
педесет садови, од кои, секој тежел по три таланти и бил носен од четворица
луѓе. Преостанатите носеле сребрени садови и други вредни предмети.
Финалната церемонија на дефилето била предвидена за
третиот ден. Уште од рано наутро, низ градот почнале да одат трубачите, кои
свиреле борбени мелодии. По нив оделе млади мажи, кои го носеле ограбеното
македонско злато. Златните пари биле носени во седумдесет и седум садови,
кои тежеле исто како оние во кои претходниот ден биле носени сребрените пари.
Потоа следувала поворка која носела други вредни предмети запленети од
Македонија, какви што биле: садовите на Антигон и на Селевк, потоа златните
чинии од кои јадело семејството на кралот Персеј, неговата дијадема и друго.
По ова била водена кралската кочија на Персеј, во која било ставено неговото
лично вооружување и неговата дијадема. По мало растојание од кочијата биле
водени децата на заробениот македонски крал (два сина и една ќерка) во
придружба на нивната послуга, негуватели и учители. Плутарх пишува дека
некои од нив имале солзи во очите. На крајот бил воден и самиот македонски
крал Персеј. Плутарх пишува дека целиот бил облечен во црно и дека носел "обувки
од својата земја". По него оделе лицата од неговото најблиско
опкружување (роднини и пријатели). По нив биле носени околу четири стотини
златни круни, кои различни градови му ги испратиле на Емилиј Паул во чест на
неговата победа. Потоа се појавил самиот Емилиј Паул, седејќи во скапоцена
кочија и облечен во скапоцена облека. По него одела целата негова војска,
која учествувала во војната против Македонија.
Во продолжение Плутарх пишува дека Персеј подоцна бил
префрлен во место каде имал привилегии во однос на преостанатите затвореници.
Пишува и за разните верзии околу неговата смрт, како и за судбината на
неговите деца, кои исто така умреле во Рим. На крајот дава податоци за
натамошните активности на Емилиј Паул.
Воопшто, Плутарх оставил значајни податоци за последниот
период од славната македонска држава која била страв и трепет во тогашниот
свет, но која несреќно го завршила своето постоење.
(Продолжува)
|