Х
и почетокот на ХХ век. Во четата на легендарниот Иљо Малешевски или во други
чети, во ајдутското движење од овој крај биле вклучени и повеќемина ајдути
од Пијанец. Таму се среќаваат имињата на Стоимен од селото Истевник, Ристо
Џабирот од Разловци, Цеко и неговиот брат од Грлани, Стаменко Мицов од
Очипала, Лазо и Трајан Мајмунови од Драмче, Никола Турчински од Црквинец и
други.
БОРБЕН ДУХ
Тоа население, за ослободување од османлиската власт во 1876 година го
крена Разловечкото востание, во 1878 година ја организира двомесечната
слобода на Пијанец, а активно се вклучи и во Кресненското Македонско
востание во 1878-79 година.
Македонците од Пијанец пројавија забележителни активности и во работата
на ТМОРО и Гоце Делчев. Освен ослободителниот дух кој не го напушти ова
население, на тие активности влијаеја и други околности.
Ќустендил и Дупница, како два од најактивните погранични пунктови на
ТМОРО во Бугарија, беа најблиску до македонскиот дел на областа Пијанец,
која по 1878 година со границата беше поделена на два дела. Преку Пијанец
беше најблиску и наједноставно да поминуваат врските од тие два пункта за
Македонија.
За одржување на тие врски голем придонес дадоа и бегалците од овој крај
кои по настаните од 1878 - 1879 година се најдоа во Ќустендилско и Дупничко.
Според најновите истражувања, по тие настани од Пијанец во кнежеството
Бугарија побегнале околу 2.500 души. Само во Ќустендил се населиле над 700
души од кои од Царево Село над 300 души. Кај тие луѓе имало силно уверување
дека преку активностите на ТМОРО, во кои се вклучиле и тие, ќе дојде и до
ослободување на Македонија, па и тие ќе можат, да се вратат на своите родни
огништа.
Македонското население од оваа страна на границата многу активно се
вклучило во работата на Внатрешната организација оти верувало дека на тој
начин ќе дојде и до неговото ослободување од повеќевековното турско владеење.
Најголемо ангажирање и на бегалците и на македонското население од овој
простор, било во одржувањето на тајните канали на Организацијата кои
поминувале преку ова подрачје од Бугарија за Македонија. Преку тие канали,
од Бугарија за Македонија, било внесувано оружје, муниција и пропаганден
материјал. Преку тие канали се преведувани и нелегални работници и чети во
двата правци.
ТАЈНИ КАНАЛИ
Преку Пијанец поминувале пет тајни канали на ТМОРО. За одржувањето на тие
канали биле ангажирани и поголем број луѓе од Пијанец. На некои од нив им се
знаат имињата. Тоа е затоа што во комуникацијата тогаш била потребна голема
конспиративност, па имиња многу не се бележани или се употребувале
псевдоними кои не се дешифрирани. И покрај тоа, на добар дел им се знаат
имињата и нивните активности.
Еден од најмногу користените бил тајниот канал на Организација, кој
поминувал од ќустендилското село Садженик, преку нашето село Саса за
внатрешноста на Македонија. Преку тој канал и Павел Шатев во 1903 година
пренесувал динамит од Бугарија за Солунските атентати. По него, во
илинденскиот период, а и подоцна, поминувале повеќе чети и поединци во двата
правца. Досега како соработници од Саса на тој канал се познати имињата на
Коле, Антон и Ѓорѓи или Ѓеро, како што го забележал Павел Шатев. Гоце Делчев
во списокот на организационите луѓе од тоа село го запишал и името на Иван
Ангелов.
Никола Петров Русински во своите спомени забележал и таен канал кој водел
од ќустендилското село Раково, преку пијанечките села Селник и Драмче за
Виница и понатаму за внатрешноста на Македонија.
Според досега познатие податоци, најверојатно по тој канал во
подготовките за Илинденското востание, дошла до Бугарија и
Дебарско-кичевската чета на војводата Макисм Ненов, која по судирот со
турската војска на Голак, во мај 1903 година оставила 18 убиени.
Меѓу најфреквентните бил тајниот канал кој од Ќустендил преку бугарски
Ветрен и нашето село Илиово, Делчевско, водел за Виница, Штип и внатрешноста
на Македонија. Во уредувањето на тој канал лично учествувал и Гоце Делчев
кога бил учител во Штип и по него и самиот поминал повеќе пати. Како
неуморен работник на тој канал, Гоце го споменува Тоше од Илиово. Во
работата на каналот преку Ветрен и Селник биле ангажирани и Коле Циганчето
од Селник и Јане Бумбарски од Драмче. Гоце Делчев во своите преписки на
повеќе места го споменува Митко Ѓоргиев од делчевското село Киселица, како
главен координатор на ќираџиите кои ги пренесувале материјалите преку
границата во Македонија.
Во литературата се зборува и за таен канал од Цраварица, Бугарија, преку
Царево Село за внатрешноста на Македонија. Но, за работата на тој канал нема
многу податоци.
Преку дел од пијанечките села поминувал и Малешевскиот канал. Од Дупница
и Лешко, некои пратки и нелегални работници поминувале и преку пијанечките
села Панчарево, Истевниците и Разловци.
СОРАБОТНИЦИТЕ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
На повеќе места како соработници на тајните агенти Гоце Делчев ги
споменува разловчани, ветренци, в'чковци на Брегалница, бигланци и други.
Поголем број бегалци во Бугарија кои потекнувале од овој крај биле вклучени
во одржувањето на тајните канали од другата страна на границата. Ангел Баба
Божанин од Виница бил главниот координатор на каналот од Ќустендил преку
Пијанец.
Петре Поп Димитров од бугарски Ветрен кој по поделбата на селото на два
дела во 1878 година се нашол од другата страна на границата бил главен на
преодниот пункт во тоа село. Тој извесно време вршел должност и на пунктов
началник во Ќустендил. Многу активен од тоа село бил и Стојан Судијата кој
имал имот од двете страни на границата.
Помеѓу најблиските соработнци на Гоце Делчев во Ќустендил бил и адвокатот
Глигор Бојаџиски. Тој бил роден во Царево Село во 1870 година, а во
Ќустендил се нашол со целото семејство по двомесечната слобода на Пијанец во
1878 година. Тој е син на Мито Бојаџијата кој беше член на временската
управа во Царево Село во времето на двомесечната слобода на Пијанец.
Иако нема прецизни податоци колкав број од македонското население од
Пијанец било ангажирано во активностите на ТМОРО, сепак и од некои познати
податоци може да се изнесе заклучок за тоа ангажирање. На пример, само по
Виничката афера во 1877 година, за да не бидат малтретирани како соработници
на ТМОРО, од Пијанец побегнале во Ќустендил 104 души и 24 во Дупница. Треба
да се има предвид дека поголем број од бегалците од пијанечките села се
сместени и кај свои роднини во населбите преку границата.
За прифаќањето на бегалците по Виничката афера во Ќустендил бил формиран
одбор од жители на Ќустендил во кои се нашле и поранешните царевоселци -
адвокатот Глигор Бојаџиски и учителот Глигор Поп Иванов. Иако имало провали,
убиства и бегалци, македонското население од овој крај не се откажувало до
преземените задачи во Внатрешната организација. Ако бил откриен еден канал
или пункт, бил формиран друг. Ако биле откриени едни соработници, биле
ангажирани други. Со мали застои работата продолжувала.