Воениот конфликт во 2001 година, сложената безбедносна состојба која се
уште трае, како и значителните оштетувања на многу верски православни
објекти (цркви, манастири, конаци и други придружни објекти) со право го
актуелизираа прашањето за седиште на Полошко-кумановската епархија, кое сега
е во Скопје, во рамките на Архиепископијата на Македонската православна
црква.
За разлика од оваа недефинирана позиција на Полошко-кумановската епархија,
сите други епархии имаат свои седишта во места кои припаѓаат на соодветната
епархија (Скопје, Велес, Штип, Струмица, Битола и Охрид).
Факт е дека во тетовското архиерејско намесништво во последната деценија
се изградени 21 нови цркви и манастири, а извршени се одредени интервенции
на околу 72 цркви, 10 манастири и 6 параклиси, што зборува за односот на
православните христијани кон нивните верски светилишта и МПЦ, како
нераскинлив дел на заедничката историја и духовност на македонскиот народ и
неговата православна црква.
Во ова значајно неимарство мора да се истакне несебичниот придонес на
Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил и свештениците од оваа епархија кои
ќе треба да го понесат и најголемиот товар во обновата на уништените,
разрушени, запалени и осквернавени верски објекти за време на воениот
конфликт во 2001 година.
Во воениот конфликт настрадаа 25 верски светилишта меѓу кои и црквата "Св.
Атанасиј" во манастирскиот комплекс во село Лешок, манастирот "Св. Ѓорѓија"
во село Мала Речица, црквата "Св. Никола" во село Слатино, "Св. Илија" во
село Непроштено, "Св. Кузман и Дамјан" во село Једоарце, "Св. Ѓорѓија" во
село Отуње, "Св. Петка" во село Варвара и многу други, за чијашто
реконструкција и обнова потребно е заедничко ангажирање на сите компетентни
субјекти, вклучувајќи ги и нашите иселеници како и меѓународната заедница и
многуте потенцијални спонзори од Република Македонија.
Мојот личен став и размислување дека Лешочкиот манастир е најпогодна
локација за седиште на Полошко-кумановската епархија се базира врз повеќе
аргументи и предности кои во овој момент немаат алтернатива. Најзначајниот
верски објект кој треба веднаш да биде реконструиран е секако црквата "Св.
Атанасиј" во манастирскиот комплекс во село Лешок и гробот на познатиот
преродбеник Кирил Пејчиновиќ.
Лешочкиот манастир во нашето многувековно постоење претставува духовен,
просветен и културен центар, најчесто собиралиште на граѓаните од Полог и
пошироко, по повод многу верски празници, а особено на 28 август, за "Св.
Богородица".
Лешочкиот манастир е и резиденцијален објект на МПЦ, со свои конаци и
услови за функционирање на една организирана епархиска администрација.
Напорите за враќање на протераните Македонци од Тетово и Тетовско и
заложбите за опстанок на овие простори ќе добијат силна поткрепа со
искреното и неопходно сплотување на Македонците под закрила на Македонската
православна црква, олицетворена во своето црковно и духовно присуство во
манастирскиот комплекс "Св. Атанасиј" во село Лешок.
Седиштето на Полошко-кумановската епархија во Лешочкиот манастир сигурно
ќе привлече интерес на сите кои искрено сакаат да помогнат во обновата на
разрушените верски објекти во полошкиот крај со нивна посета и конкретно
запознавање со оштетените верски објекти.
Убеден сум дека православните верници и Синодот на МПЦ, особено
одговорните во Полошко-кумановската епархија, добронамерно ќе ги прифатат
размислувањата на еден искрен православен верник во чијшто дом и семејство
кога се во прашање Бог и сопствениот народ нема компромис.
Томислав Стојановски - Бомбај
Господине претседателе на Парламентот, Никола Поповски!
Решив да Ви се јавам со оваа писмена молба, во врска со Законот за оружје.
Поради настаните во Босна и Херцеговина (1993), Албанија (1997), Косово и
Метохија (1999) и Македонија 2001 година, многу оружје неконтролирано е
дојдено во Република Македонија. Затоа секој ден и ноќ се пука во Македонија.
Албанија донесе Закон за оружје пред неколку месеци минатата година. Тој
што не го предаде оружјето, а се најде кај него, следува казна од седум
години затвор.
Господине Поповски!
Сметам дека меѓу првите Закони, што новиот состав на Парламентот ќе го
донесе, треба да биде Законот за поседување оружје. Законот да биде изготвен
под итно. Ако треба може да се препише и Законот што го донесе албанскиот
Парламент.
Закон и ред мора да има во државата. Тоа важи за сите: Македонци, Албанци,
Бошњаци, Срби, Власи, Роми и Турци.
Не туку така, нашиот народ рекол: "Врзан поп - мирно село". Секое село -
свој закон. Еден Закон за цела Македонија.
Апостол Поп - Јовановски, Скопје
Во експлозијата пред гимназијата "Гоце Делчев" во Куманово, еден загина,
а неколкумина беа повредени. Со голема сигурност може да се каже дека тоа е
дело на воено-политичка организација, а не дело на некаква криминална банда.
Ако малку се потсетиме дека 2001 започна со поставување на мини од страна на
воено-политичка организација ОНА во руралните предели на северот од
Македонија, ова е сигурна најава на ново продолжение. Со минирањето на
селските и шумските патишта ОНА "удри" на државата за да се избори за
албански човечки права во Македонија.
Македонската држава водена од ДПМНЕ и ДПА не успеа да возврати на таквиот
предизвик. Во моментот кога државата се најде пред распад, меѓународната
заедница го реализира охридскиот Договор. Грешка и тоа логична грешка.
Охридскиот Договор го потпишаа четирите партии - ДПМНЕ, ДПА, СДСМ и ПДП.
Пред се тие меѓусобно не војуваа за да потпишат некаков мировен договор.
Потпишувањето на таков договор требаше да се случи меѓу посилниот, т.е. ОНА,
и послабиот, т.е македонската држава.
Терористичкиот акт во Куманово асоцира на почеток. Некоја друга
воено-политичка организација го продолжува заземањето. Ако северните рурални
предели се веќе заземени, преостануваат северните урбанизирани места.
Наместо поставување мини во земјата, сега поради асфалтот на урбаниот терен,
контејнерите ќе се полнат со пеколни бомби!
Живко Даскаловски