ФОРУМ

НАДЕЖ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВА ВО ГРЦИЈА?!

Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Битола, Александар Поповски, претседател

Господине министре,

Ние, етничките Македонци, политички бегалци од Грција по Граѓан- ската војна 1945-1949година, кои сега живееме во Р. Македонија ги следиме Вашите движења по балканските држави како и во Македонија и не можеме да се изначудиме на Вашата лицемерност. Лицемерност која на Вашиот лик сака да исцрта човек на денешницата, човек лидер на Европската заедница (овие шест месеци), а таа заедница во темелите има вградено демократија, човекови права и слободи, права на народите, малцинствата, културата, верата, јазикот и традицијата.

Како можете да водите дипломатија на таква заедница која ги создаде и ги спроведува сите досегашни конвенции за човекови права и слободи, а Вашата држава спроведува невиден геноцид врз народите и малцинствата што живеат денес во Грција.

Дали верувате дека Европа Ви верува, или и сами не знаете во што да верувате? Дали Европа не знае дека Грција е мултинационална држава или пак не знае за древниот исконски македонски народ, каде живеел и каде се уште живее!? Дали мислите дека е заборавено за балканските војни кога Македонија беше поделена и окупирана од Србија, Бугарија, Грција и дел под Албанија? Букурешкиот договор "de jure" повеќе не важи, а се уште ја држите окупираната земја на Македонија!

Народ и нација не се создава со декрет или со закон. Народ и нација се создава со еволутивен развој на едно општество, кое со векови и милениуми си ја ткае својата култура, го надградува својот јазик, ја темели својата историја, ја негува својата традиција. Таков народ, господине министре, е македонскиот народ чија земја е поробена.

Македонскиот цар Филип II ги покори тогашните "полиси држави" и ни на памет не му падна да менува топонимија, лични и фамилијарни имиња, ниту да ги држи под ропство. Тој, премудриот, правеше сојузи, даваше почит кон поразениот, ја почитуваше културата и знаењето, а вие го нарекувавте варварин.

Ве прашуваме: кој е варварин и нецивилизиран денес!?

Вашата држава донесе варварски закони во 1926 година (службен лист "Ефимерис тис кибернисеос" бр. 332 од 21.11.1926 година) за да го избрише името на народот македонски. Ја избришавте целокупната топонимија, орографија и хидрографија која со векови и векови беше создавана од древните Македонци и нивните предци - Венетите. Дури и личните и фамилијарните имиња на нашите браќа и сестри, што се уште живеат на своите прадедовски огништа, им ги сменивте.

Господине министре, генот со декрет не се менува. А пак господарот на светот, славниот син Филипов - Александар III Македонски, беше вистинско божество за неговото време. Полн со знаење од животот и философијата, со боженствена енергија и мудрост, откако ја направи македонската држава силна, современа и организирана, отиде во светот да ги обедини божествата, да ја рашири македонската култура, секого да победи, а никого да понижи. Оддавајќи почит и чест на туѓите богови, култури и традиции, ги натера луѓето да се сакаат и меѓусебно да се почитуваат. А дали знаете господине министре, дека над триесет илјади Грци застанале на страната на Персијците и во битката кај Ис крвнички се бореле против македонскиот цар Александар? Ви кажува ли нешто тоа? А ние Ве прашуваме што е тоа што ве тера денес споменици да му подигате и на почесно место во "историјата ваша" да го удостоите? Го сакате Александар за да ви ја полни историјата или тоа го правите за Македонија да ја прикажете како грчка?

Господине министре, се наближува Олимпијадата која е собиралиште на сите народи и нации за да се натпреваруваат на полето на спортот и културата. Ќе ги поканите ли вашите северни комшии на сенародни спортски игри кои ќе се одржуваат во "демократската" Елада? Како ќе ги именувате во поканата вашите вечни соседи? Во предговорот на отворањето на Олимпијадата што ќе им кажете на гостите? Ќе им кажете ли дека ете демократска Грција е современа европска држава која ги сака и признава сите народи и нации. Ќе им кажете ли дека Вашата "еднонационална држава" успеа и покрај тоа што тука живееле и живеат други народи, тука каде бил крстопатот на стариот и на новиот свет, дека сепак во државата живеат само Грци по род. Ќе ја имате ли таа храброст, господине министре, уште да го заведувате светот додека се уште ве прашуваат каде ви се вашите вечни соседи Македонците, каде ви се Турците, Власите, Ромите...?

Многу Ве жалам министре. Во душата ви гори пекол од скриената вистина, зашто до денес не им ја кажувате на светот! Како ќе се појавите пред светската јавност лицемерен или еднаш веќе ќе го голтнете тој пелин што ви стои во грлото и ќе ја кажете голата вистина за македонскиот народ и за Македонија?

Знаете ли за влезот на грчките војски во Кукуш кога со земја беше срамнет, за да го сотрат македонското племе на Гоце Делчев - кукушанецот, човекот што го канеше светот на натпревар на полетот на културата? На кое поле Вие ќе ги поканите спортистите на светот? На вашето поле на геноцид што го вршите над малцинствата во Грција, посебно врз македонскиот народ? Велиме македонскиот народ, а не малцинство во Грција, затоа што тој народ е домороден, а не дојден како што се дојдени Грците од Месопотамија и како што дојдоа други милион просфиги што вашата држава ги донесе од Мала Азија, Понд, Кавказ, Црноморјето и уште од каде ли не за да го измените етничкиот состав и Македонија да ја наречете грчка!

Знаете ли господине министре дека илјадници Македонци ги полнеа островите во Мореа и тирански беа мачени за да се откажат од својот македонски идентитет? Ги знаете ли методите што се применуваа врз нив од вашата "демократска држава"? Знаете ли за бурандарските банди што ги организираше вашата држава и ги испрати да крстосуваат по македонските села и градови, со палење, убивање, силување и протерување на етничкиот Македонец? Знаете ли за селото Загоричани и бројни други, знаете ли за селото Лудово, Крапештина, каде грчката војска, полиција, попови, кметови, даскали и цела власт ги собираа Македонците на сред село и ги принудуваа да се колнат пред Господа дека нема повеќе да го зборуваат нивниот мајчин македонски јазик и дека ќе го зборуваат само грчкиот.

Ја знаете ли таа ваша демократија и ве прашуваме зар сега тврдите дека тие луѓе не се веќе Македонци? Со претрпениот терор тие станале Грци!? А нивните гени се претвориле ли и тие во гени на друг народ?

Господине Министре, Абецедарот што беше напечатен во Грција и наменет за Македонците во Грција за да си го научат својот мајчин македонски јазик, зошто беше напишан со грчка азбука, а не беше испечатен со писмото на Кирил, писмо на македонски јазик? А знаете ли дека веднаш државата грчка го повелече и букварот не влезе во училиштата? Циркуларното писмо од 26.01. 1946 година гласи: "Од денес ја забрануваме употребата на тој јазик, македонски, во сите општествени центри и установи, на состаноците, на собирите, во трговските односи, на веселбите, ручеците итн. во сите наведени случаи НАРЕДУВАМЕ да се зборува на грчки јазик!!!".

Исто така Командантот на националната гарда во село Неред (Полипотамон), леринска околија, на 27.09. 1946 година издаде наредба: "Од денес најстрого им забранувам на сите жители од две до 50 години да се служат со друг јазик, освен со грчкиот!!!".

А знаете ли господине Папандреу што значеше Граѓанската војна во Грција (1945 - 1946)? Тоа беше борба на прогресивните сили на грчкиот народ и силите на етничките Македонци во Грција, кои рамо до рамо се бореа, да создадат современо општество за подобар живот на секој граѓанин без разлика на која нација, вера и јазик припаѓаат. Тие соборци, Грци, добро знаеја за Македонецот и му ветуваа и признаваа секакви права и рамноправност, а сега набаре се претворија во кукавици, па никој од нив нема смелост да побара од својата грчка држава да си ги прибере политичките бегалци кои не се Грци по род.

Единствени сте вие, Грците, кои го измисливте законот 1540 од 10 април 1985 година и ги напишавте правилата: "Се дава можност за враќање на политичките бегалци во Грција, но само на Грците по род". Ќе го избришите ли овој Закон пред Олимпијадата во 2004 година?

Со која ваша дипломатија се гордеете министре? Со онаа што ја искажа министерот Пангалос, директно на јавноста во Р. Македонија преку македонската телевизија? Такви настапи, такви погрдни зборови нашата јавност од политичките водачи немаше слушнато. Многу добар потег направи грчката Влада што веднаш го отстрани од политичката сцена за да не биде поголем срам за грчката дипломатија. Тој, Пангалос, прашуваше колку такви негови сограѓани има денес во Грција. Ние не веруваме дека тој не знаеше. Меѓутоа, Ве прашуваме Вас, господине министре Папандреу, го знаете ли Вие тој број - колку етнички Македонци останаа денес во Грција? Сигурно бројката не е мала штом се уште спроведувате политика на тотално уништување - искоренување на народите и малцинствата во "демократска Грција".

Во 1980 година министерот за надворешни работи на Грција, Ралис, во Романија имаше средба со делегација на политичките бегалци од Грција. Таа делегација побара безусловна достоинствена репатријација. Вашиот министер Ралис беше категоричен: "Владата во никој случај нема да дозволи словеномакедонскиот елемент да се врати во Грција" (весник АВГИ-АУГН од 1 август 1980 година).

Во април 1980 година пратеничките групи на левицата и на ПАСОК предложија грчкиот Парламент да донесе закон за слободна и неограничена репатријација на политичкиот бегалци. Тогаш министерот на претседателството на владата, К. Стефанопулос, искажа: "...Познато ви е дека нашата земја има области со современа и подалечна историја. Исто така ви е познато дека во тие области има луѓе со намалена социјална свест. Повеќе не можам да кажам и се надевам сите разбравте што мислам... Од чисто национални причини не можам повеќе да ја образложам темата, која, повторувам на сите им е позната и се преправаат дека ја забораваат. Ако дозволиме слободна репатријација, ќе се создаде опасност во некои национално чувствителни подрачја. Сите сфаќате дека се работи за околу четириесет илјади лица кои живеат во познатите земји. Има уште толку можеби и повеќе кои живеат во една земја, која не ја споменуваме, а која секогаш дури и во официјалните посети на своите лидери, перманентно покренува едно прашање кое за Грција не постои".

Господине министре, и Вие ли не смеете да го образложите овој проблем? А пак во далечината 1930 година господинот Е. Венизелос изјави: "Прашањето на македонското национално малцинство во Грција ќе биде уредено и јас ќе бидам првиот во Грција што ќе се ангажира за отворање на македонски училишта". Зарем министерот Папандреу не ја гледа таа шанса, тој да биде прв во разрешувањето на овој проблем?

Чекајќи го разрешувањето на овој проблем, Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, ги организира пограничните средби во село Трново - Битола. На тие средби има бројни гости од Република Македонија и надвор од неа, така што на 27 јули 1997 година присуствуваше и господин Илија Зафиропулос, ОАКЕ, Грција, кој во канцеларијата на Здружението изјави:

"Денес ми е најсреќниот ден во мојот живот, присуствував на оваа величенствена средба на која се запознав со многу добродушни луѓе, прекрасни, за жал жртви на грчката 'демократија'".

Да, господине министре, тие луѓе се добродушни и цивилизирани, со духот и мислите се свртени кон заедницата на Европа. Тие луѓе, Македонците, се лојални граѓани на државата во којашто живеат и работат, а такви се и нашите браќа и сестри кои се уште живеат на прадедовските огништа во Грција. Имате ли господине министре некаква мака од нив?

Советот на Европа во Стразбур им одобри изградба на Дом на македонската култура во Лерин (Флорина). А државата е таа што е должна да помогне организационо и материјално што секако Ви е познато.

И најпосле да Ве потсетиме господине министре Папандреу, не заборавајте го Которецот. Му натажнале годините, косата му побеле, но се уште цврсто стои на своите нози со надеж дека наскоро ќе зачекори во родното Долно Котори (Като Идруса). Да, Котори, зашто зборот "котари" значи "каде се чува стока" а которчани беа сточари и земјоделци. Така се создаваше нашата топонимија. Е тој которецот чека на зборот што го даде "човекот пред да стане министер", кога беше гостин кај него во Битола, дека неговата партија ќе добие на изборите и "тој стане нешто", тогаш которецот ќе може слободно да се врати во родното село.

За право, господине министре еднаш и го поканивте, меѓутоа старецот рече дека ќе оди во Котори, а не во Идруса, само ако добие официјално писмено одобрување кое ќе важи за сите негови сонародници - политички бегалци!!!


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"