КУЛТУРА

Успесите и новото CD на групата "Синтезис" насловено како "Live in Skopje"

МУЗИКАТА ГИ НАДМИНУВА И ПОЛИТИЧКИТЕ ГРАНИЦИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • На групата "Синтезис" & претстојат уште многу турнеи, концерти и нова музика.
  • Иако групата е сочинета од повеќе членови, тие успешно функционираат веќе осум години.

Минатата недела во Музеј на град Скопје по неколкумесечна пауза групата "Син-тезис" повторно се огласи со нешто ново. На 30 јануари го промовираа CD-то насловено како "Live in Skopje" кое претставува збир од десет песни од кои шест се веќе познати и четири нови.

"Синтезис" опстојува веќе осма година, а може да се пофали со бројни настапи и концерти ширум светот, со три CD-а меѓу кои е и ова најново "Live in Skopje" кое претставува синтеза од неколку песни отсвирени во живо на концертите одржани на 20 и 21 декември 2001 година. Овој трет албум на "Синтезис" е всушност прво концертно остварување на оваа група. По ова на групата & претстои и светска промоција која ќе започне наскоро и тоа на Фестивалот "Strictly Mundial" на 28 февруари во Марсеј, Франција.

ВО ЖИВО

Нешто повеќе за "Live in Skopje" и за идните планови говореа трите грации на групата - Анета Шулајковска, Мирјана Јошеска и Билјана Ристовска.

Новото CD е насловено како "Live in Skopje", а е резултат од концертите во Скопје одржани на 20 и 21 декември 2001 година во Универзална сала, вели Анета. Тие два концерта се снимени и од нив е селектирано најдоброто особено од првиот концерт. На ова CD има десет нумери од кои шест се од претходното CD "Swinging Macedonia", како нумери коишто се попознати и поприфатени кај народот и четири се нови од коишто една е бонус-трака студиска снимка. И новите песни се обработка на стари македонски песни со тоа што имаат само инструментален дел, а бонус траката е со вокали, што значи и понатаму се придржуваме на тој принцип - обработка на стари македонски песни.

Инаку, аранжманите на сите три нумери се на машкиот дел од групата, Гоце Димовски - кавал, гајда, зурла, Ване Јовчев - пијано, клавијатури, Марјан Јовановски - тамбура, Гоце Узуновски - тапан, тарабука, Радослав Шутевски - тапани, а бонус траката е збир од неколку стари изворни песни. Третово CD е измиксано во студиото "Тра-ла-ла" на Мите Димовски, а концертот го снимил Ален Хаџистефанов.

За да го промовираме ова CD чекаме погоден момент, кога имавме малку слободен простор, затоа што бевме зафатени со концерти, турнеи, а и со наши обврски, објаснува Анета за нивното затишје. Ова CD е направено за странскиот пазар затоа што приоритет во сите тие гостувања е да имаш Live (во живо) CD. Второто CD беше направено со Македонската филхармонија и секој кој би го слушнал би се запрашал како звучиме во живо на самиот концерт, токму поради тоа и го снимивме ова CD.

СВЕТСКА ПРОМОЦИЈА

Следниот наш концерт кој ќе се смета како светска промоција на најновото CD, закажан е на 28 февруари во Марсеј, Франција на фестивалот "Strictly Mundial", понатаму вели Анета. Инаку, тоа е и светски Форум на менаџери каде што се собираат скоро сите менаџери од светот. Овој настап всушност претставува престиж. Ние сме одбрани како група од Балканот кој ќе го претставува него. По ова на 6 март имаме промоција во Љубљана каде секогаш сме биле добро примени, словенечката публика многу не прифаќа. Понатаму следуваат и други концерти. Во Љубљана и Марсеј ќе имаме концертна промоција којашто воопшто не наликува како македонската. Начинот на кој се промовира едно CD кај нас се случува само во Македонија.

Кога станува збор за ново CD сега засега нема да има, се надоврзува Мирјана. Се подготвува нов материјал и има идеи за него, но сепак новото CD нема да биде снимено оваа година. Имаме во план на крајот од годината да почнеме да го снимаме материјалот, постои идеја да вклучиме гости на него, веќе и се разговара затоа што на тие концерти се среќаваме со многу луѓе, со имиња кои нешто значат во светот на музиката. Се размислува за тоа, но ништо не е дефинирано. Единствено што е сигурно е дека старата македонска музика, односно изворното пеење, ќе остане како наша основа.

За гостувањата надвор од Македонија Мирјана вели дека одат на фестивали и концерти таму каде што публиката е расположена да слуша нешто поразлично од она што постојано се врти кај нивните музички канали. Секогаш имаме многу убава публика која прекрасно реагира на музиката затоа што фолкорот насекаде предизвикува интерес, вели Мирјана. Особено ни е драго кога ќе излеземе пред публика каде што има малку Македонци, која навистина реагира и ги чувствува нашите песни, ја доживува нашата музика. Досега сме имале презентирање на нашата музика пред Македонци само во Австралија. Тоа ни беше и прво презентирање пред македонска публика надвор од Македонија. Тамошните Македонци малку беа запознати со нашата музика, така што кога не слушнаа нивната реакција беше воодушевувачка.

Третата девојка, Билјана говореше посебно за настапот во Австралија за кој смета дека бил поразличен од другите.

Тоа беше првпат да настапуваме на едно место со други Македонци, вели таа. Тогаш настапија и Тоше Проески, Ребека, Сузана Спасовска и Војо Стојановски и настапивме само пред македонска публика.

ТУРНЕЈА

Досега групата "Синтезис" има снимено три CD-а, меѓутоа со второто CD "Swinging Macedonia", го постигнаа најголемиот светски успех кога го презентираа во Австралија, Шпанија, Португалија, Италија, а претходно и во Америка.

Од сите тие настапи никогаш нема да го заборавиме настапот во Португалија, затоа што се случи Португалци да пеат на македонски јазик, луѓе коишто немаат никаква врска со Македонија, додава Мирјана. Беше интересен и настапот во Јапонија затоа што тие имаат сосем поразлична култура, поразличен начин на живеење. Таму имавме седум концерти. За гостувањето во Израел веќе се знае. Настапот таму е предизвик за сите. Во Белгија пак настапот можеме да го издвоиме како најбитен затоа што тој е многу голем фестивал на којшто учествуваат многу групи. Тој Фестивал е еден од најпознатите во Европа, многу е интересно организиран и трае три-четири дена. Има повеќе сцени, на повеќе места се случуваат повеќе настапи, а посетеноста изнесува некаде околу 60.000 луѓе дневно.

Интересен настап за "Синтезис" е и настапот во Грција. Меѓу учесниците кои биле грчки групи, "Синтезис" била единствената македонска група. Знаејќи ги македонско-грчките политички односи на самиот концерт оваа македонска група немала никакви проблеми.

На почетокот организаторите беа скептични кога не најавија како група од Македонија затоа што публиката беше тивка, без аплауз, вели Анета. Но, како што течеше концертот публиката почна да реагира така што на крајот немаше трага од нејзиниот студен пречек. Сметам дека музиката е таа која ја надминува политичка граница.

Инаку, "Синтезис" за песната "Ме фатије" снимија мошне интересен спот кој секако им привлекува вниманието на конзументите на музика што оваа група ја негува.

Спотот за песната "Ме фатије" којшто имавме можност да го видиме на нашите медиуми, а кој е исполнет со фрагмети од патувањата во Австралија и другите земји, не беше планиран да се сними, вели Билјана. Тоа дојде спонтано. Нашиот менаџер, Оливер Белопета, секогаш ја носи камерата со себе, а идејата произлезе оттаму што нашите нумери се малку специфични за правење спот затоа што се многу долги. Секогаш ни претставува проблем да се договориме со некој режисер за да ни направи спот во траење од 8 минути. Сметаме дека тој спот со инсерти од нашите патувања е интересен и дека го задржува вниманието кај љубителите на нашата музика.

Машкиот дел од групата е задолжен за наоѓање и обработување на музиката. На девојките-вокали им даваат готов производ, а тие треба само да го отпеат. Меѓутоа, нивните сугестии, мислења никогаш не се игнорирани, туку се прифатени целосно од преостанатиот дел на групата. Иако "Синтезис" брои осум луѓе, сепак тие успешно се координираат и договараат, а тука покрај нив секогаш е и нивниот менаџер, Оливер Белопета.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"