КУЛТУРА

Родољубиви и патриотски песни по четиринаесетти пат

"ГОЦЕ ФЕСТ" Е ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Организаторите на "Гоце фест" се на мислење дека во знак на 100-годишнината, овој Фестивал ќе биде еден симбол на зближување и спречување на сите поделби меѓу македонскиот народ.
  • Многумина велат дека фестивали има многу, но јас го сметам спротивното. Можеби во Македонија се многу стечајни работници, можеби се многу невработени, можеби се многу претпријатија во загуба, можеби немаштијата е голема кај народот, но песната никогаш не може да биде премногу, вели Пеце Здравковски, директор на "Гоце фест".

На 6, 7 и 8 февруари во Универзалната сала традиционално веќе 14 година се одржа Фестивалот на родољубиви и патриотски песни "Гоце фест 2003". Во текот на трите вечери продефилираа 29 интерпретатори од кои неколкумина се закитија со награди од жирито и публиката.

Војо Стојановски со песната "Еј мој народе" е победник и од жирито и од публиката на Фестивалот "Гоце фест 2003", второто место, исто така и од жирито и од публиката, му припадна на Гоце Арнаудов за "Што ќе остане од Македонија", третото од жири на Ванчо Тарабунов за "Лавовска клетва", додека третото од публика за "Бапчорската вистина" од Иван Георгиевски.

 ПОДГОТОВКИ

Четиринаесеттиот "Гоце фест" помина во знакот на прославата на големиот јубилеј "100 години од Илинденското востание" како и одбележувањето на значајните настани: одбележување на 100-годишнината од трагичната погибија на нашиот патрон Гоце Делчев во Баница, како и единствениот пример во светот - акцијата на гемиџиите во Солун којашто придонесе целиот свет да разбере за проблемите кои ги има македонскиот народ.

Фестивалот како секој пат навреме ги започна подготовките, што значи дека по завршувањето на Конкурсот некаде на 15 октомври се пристапи кон селекција, односно избор на најквалитетното што беше пристигнато на Конкурсот и селективната Комисија се одлучи токму за овие триесет композиции кои беа изведени на двете полуфинални вечери на Фестивалот, вели Пеце Здравковски, директор на Фестивалот "Гоце фест". Веднаш потоа се пристапи кон подготовка на аранжманите за песните, а некаде кон средината на ноември се започна и снимањето во музичките студија на МРТВ. Самите подготовки кои се однесуваа на решавање на технички проблеми, озвучувањето, изгледот на сцената итн. беа завршени непосредно пред почетокот на самиот Фестивал. Овогодишната сценографија не е за првпат ставена оваа година. Истата сме ја користеле многу пати. Покрај преносот на Фестивалот од страна на МРТВ, нејзина должност беше и сценографијата. И овој пат очекувавме за сценографијата да се погрижи МРТВ, но со самото тоа што оваа телевизија го откажа пренесувањето и снимањето на Фестивалот, бевме принудени да ја поставиме постоечката сценографија. Сите тие елементи за сценографијата беа во салата и во оној временски теснец кога се одлучивме дека сами мораме да ја изработиме сценографијата наједноставно ни беше да го поставиме она што го имаме. Се уште не ни е познато зошто МРТВ не ни даде никаков одговор на нашето барање, се уште немаме писмен одговор. Од разговорите што ги имавме со одговорните, во таа смисла ни беше укажувано дека наводно ќе се пристапи кон нови програмски шеми што ќе значат дека сите фестивали ќе бидат надвор од програмите на МРТВ. Како и да е, јас мислам дека тоа ќе биде штета за сите оние љубители на македонската народна песна, независно дали е тоа "Гоце Фест", "Валандово", "Тетовски фолк фест" итн. Многумина велат дека фестивали има многу, но јас мислам сосема поинаку. Можеби во Македонија се многу стечајни работници, можеби се многу невработени, можеби се многу претпријатија во загуба, можеби немаштијата е голема кај народот, но песната никогаш не може да биде премногу.

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС

За директорот Здравсковски "Гоце фест" во секој случај продолжува независно од тоа дали ќе биде пренесуван, односно дали ќе биде во соработка со Македонската телевизија или со некој друг медиум.

Секој пат целта ни е овој фестивалски настан да биде презентиран пред пошироката јавност и барем досега не згрешивме во таквата ориентација, бидејќи секој пат, а и годинавам се случува да ни пристигнат огромен број телеграми, телефонски јавувања со честитки за сето тоа што луѓето го имаа видено на сцената во Универзална сала, додава Здравковски. Интересот за посетеноста на овој Фестивал беше преголем, што за нас и не е изненадување, затоа што "Гоце фест" секогаш предизвикувал голем интерес во јавноста. Универзалната сала што собира некаде околу 1.600 гледачи дури беше претесна да ги собере сите оние што беа заинтересирани да го следат Фестивалот, особено финалната вечер.

За жал, не беа изведени сите триесет песни затоа што се случил еден немил настан. Имено, интерпретаторката Ристана Николовска која ја снимила песната и присуствувала на генералната проба била спречена да настапи на финалето затоа што имала незгода која ја донела во Градска болница. Но, песната е снимена и ќе биде дел од ЦД-то.

Во финалето влегоа сите 29 песни, а на тоа се одлучивме по втората финална вечер заедно со жири-комисијата, бидејќи не можевме да се одлучиме кои песни ќе треба да отпаднат од финале, објаснува директорот Здравковски. Мислам дека ќе се согласат и сите оние кои ќе ги слушаат песните во иднина дека "Гоце фест" годинава донесе навистина еден фонд на убави прекрасни македонски патриотски песни. Барем ние на "Гоце фест" одлучивме да не правиме поделби, бидејќи во секој случај со одлучувањето кој ќе влезе во финале, а кој не, значи на некој начин и делење на самите учесници, автори, музичари итн.

Наградите се стандардни фестивалски кои се доделуваат и на преостанатите фестивали. Покрај веќе спомнатите интерпретатори кои добија награди, наградата за најдобар аранжман ја доби Илчо Јованов за "Пече раната", што ја исполни триото "Гавровски", а за текст си ја поделија Војо Стојановски и Љубе Бошковски за победничката песна. Наградата за интерпретација "Никола Бадев" ја доби Јадранка Тушевска за песната "Земјо македонска", додека наградата за сценски настап "Јонче Христовски" им припадна на групата "Академци" за "Крвава пуста година" и наградата за нај-дебитанти ја поделија Даниел Кајмаковски и Ѓоргија Тримчевски.

Традиционално на Фестивалот награда доделува и "Здружението на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија" така што тие годинава се одлучија таа да му биде доделена на Иван Георгиевски кој ја интерпретираше песната "Бапчорската вистина".

 ОД ДИЈАСПОРАТА

Годинава на "Гоце фест" имаше четворица учесници - Македонци кои живеат и работат надвор од македонија. Двајца од Германија - Пепи Димовска од Келн и Ѓорѓи Тримчевски од Улм, Даниел Кајмаковски од Виена, Австрија а имаше учесник на Фестивалот од Бугарија - Сирма Ковачева.

Отсекогаш на "Гоце фест" сме сакале да имаме учесници од сите делови на Македонија вклучувајќи го и егејскиот и пиринскиот дел како и деловите од Македонија што се во Албанија, но многу ни е значајно да имаме учесници и од дијаспората, вели Здравковски. За таа цел "Гоце фест" во соработка со клубовите на Македонците во дијаспората и македонските црковни општини секоја година организираат т.н. избор на учесник на "Гоце фест".

Во врска со објавените написи во "Вест" и во "Дневник" навистина не би знаел што да кажам, објаснува Здравковски, затоа што се уште се двоумиме што значи тоа и кому сето тоа му користи. Многу ни пречи кога некој не поврзува со политичките партии. "Гоце фест" го сметаме за Фестивал на македонскиот народ. Никогаш не сме барале членски книшки ниту за учесниците, ниту пак за авторите, ниту за публиката што е присутна во Универзалната сала. Во организацијата на овој Фестивал имаме луѓе кои членуваат во разноразни политички партии, но пак ќе речам за нас тоа е неважно. Важно е тоа дека имаме луѓе кои ја сакаат македонската патриотска песна и успеваме во тоа да донесеме песни кои остануваат кај народот.

Следната година ќе биде 15 издание на "Гоце фест", еден мал јубилеј.

Можеби петнаесет години не се многу, но за нас значат години на макотрпна работа да се одржува овој Фестивал. Во текот на изминативе години "Гоце фест" има некаде околу 500 песни во сопствената продукција исполнети на сите досегашни фестивали. Може да се пофалиме дека нема интерпретатор кој не учествувал на "Гоце фест" и сето тоа ќе најдеме начин пригодно во зависност од средствата да го одбележиме и презентираме пред јавноста. Во врска со тоа дали овој Фестивал е скап или евтин не можам да кажам, но можам да појаснам дека навистина чини многу организацијата на еден ваков Фестивал и покрај тоа што "Гоце фест" е единствениот Фестивал каде што не се плаќаат песните. Не ги обесштетуваме авторите ниту пак наградите се парични. Но, сепак, Фестивалот носи и други трошоци кои не се мали.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"