АНА бара обединување

Во соопштението на т.н. Албанска национална армија (АНА) се вели дека Албанците од Приштина, Тирана, Прешево и Македонија мора да се обединат за да не бидат поразени и угнетувани од Србите, Црногорците и Македонците. Покрај ова, АНА соопштува и дека ќе мобилизира делови од дивизијата "Адем Јашари" за да ги заштитат Албанците од српската репресија во Прешевската Долина.

Српската полиција уапсила Албанци

Српската полиција во акција во селата Велики Трновац и Кончуљ, во општината Бујановац, уапсила 12 етнички Албанци и запленила големо количество оружје, муниција, униформи и друга воена опрема. Веднаш по акцијата на полицајците пред општината во Бујановац протестирале 1.000 етнички Албанци.

Средба во Албанија

На средбата во Подградец, Албанија, меѓу албанскиот премиер Фатос Нано и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на ДПА, Арбен Џафери и со косовскиот аналитичар Ветон Сурои, главни теми биле консолидација на албанскиот политички фактор во регионот и охридскиот договор. Според медиумите во Албанија, Фатос Нано го нарекол Ахмети "најнов фактор на Албанците во Македонија".

Терористички канали на Ал Каеда

Комерцијалната разузнувачка агенција "Дебка" тврди дека припадниците на терористичката организација Ал Каеда на саудискиот дисидент Осама бин Ладен се филтрираат во Европа преку Косово со помош на албанската мафија. Припадниците на терористичката мрежа заминуваат во Европа од Чеченија и патуваат со бродови преки Црно Море до Бугарија каде ги пречекува албанската мафија која ги пренесува во Скопје и Приштина, а потоа преку своите канали во Западна Европа.

Трилатерална балканска средба

На неодамнешната средба меѓу претседателите на Македонија, Хрватска и Албанија во Тирана беше презентиран нивниот став за борбата против организираниот криминал и евроинтеграција на земјите од регионот. Трајковски, Месиќ и Мојсиу разговарале и за ирачката криза како и за заедничка декларација за интеграција на трите земји во НАТО.

Спорот меѓу Македонија и Грција

"Македонија и Грција - борба за дефинирање нова балканска нација" е нова книга на австралискиот професор John Shea кој ја обработува темата - спорот меѓу Македонија и Грција околу името. Развивајќи ја темата дека Македонија има поголеми права на името и територијата, авторот, со факти кои малку ги знаеме, ја раскажува целата историја на Македонија, од антиката па се до атентатот на претседателот Глигоров во 1995 година. Објективно и непристрасно ги афирмира сите политички, историски и социо-културолошки аспекти на спорот со Република Грција и во тој контекст позитивно придонесува за пошироко меѓународно афирмирање на праведната позиција на нашата држава во одбрана на сопственото право на национални и територијални придобивки.

Оригинално, на англиски, книгата е издадена од американски издавач Mc Farland, Jefferson, Nort Carolina, и може да се најде на www.mcfarlandpub.com.

Запленети фалсификувани евра

Бугарската погранична полиција на преминот Градина на југословенско-бугарската граница при редовна контрола на патници и возила открила 62 фалсификувани банкноти од по 200 евра. Фалсификуваните банкноти во вредност од 12.400 евра се откриени кај тројца бугарски државјани.

Најпопуларни македонски пејачи на Балканот

Новосадската телевизија "Есенин" годинава првпат организира доделување награди за животно дело на пејачи од сите поранешни југословенски републики. Свеченото прогласување ќе се одржи во Нови Сад во две вечери. Првата е резервирана за пејачи на забавни мелодии каде за најдобар македонски пејач ќе биде прогласен Зафир Хаџиманов, додека во втората вечер, вечер на народни пејачи наш претставник ќе биде Есма Реџепова.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"