Признавање под нашето уставно име

Едно од најугледните европски и светски списанија "Перцепции - списание за меѓународни односи" објавило статија на експертот по меѓународно право, д-р Игор Јанев за постапката за воспоставување на нашето уставно име во Обединети нации. Оваа статија е со наслов "За правна одговорност на ОН при приемот на Република Македонија во ОН".

Во трудот детално се објаснува правната постапка за воспоставување на нашето уставно име во ОН. Трудот е објавен од меѓународен состав на рецензенти. Овој труд треба да помогне да се разрешат дилемите околу начините за воспоставување на нашето уставно име во ОН.

Македонците во Тетово дискриминирани

Од 40-тина вработени во тетовската општинска администрација само 7-8 лица се Македонци, вработени како секретари, дактилографи и архивари. На сите раководни функции на петте јавни локални претпријатија во Тетово поставени се директори - Албанци.

Нато нема да доцни во Македонија!

Сите коментари дека разликите во НАТО околу ирачката криза може да го одложат на неопределено време доаѓањето на европските сили во Македонија се шпекулации, изјави официјален претставник на НАТО во Брисел.

Шпекулациите се должат на најавите на САД дека ќе го блокира доаѓањето на евро-силите во Македонија, што би бил соодветен одговор на европското вето за воена помош на Турција, како што пренесува скопски "Дневник" повикувајќи се на анонимен дипломат од Брисел.

Кумановци му се жалат на Положани

Средношколците - Македонци ќе се отпишат од кумановското Техничко училиште "Наце Буѓони" ако во старото економско, кое се наоѓа во близина на Техничкото училиште се сместат учениците - Албанци, предупредуваат родителите на Македонците во писмото до Министерството за образование.

Запалена куќа на Македонец во Опае

Во кумановското село Опае била запалена куќата на Зоран Д. кој привремено како протерано лице престојува во Куманово. Во големиот пожар за кој се претпоставува дека бил намерно подметнат изгорела целата куќа и покуќнината. Пироманите остануваат непознати за МВР.

Арачиновци нема да се вратат дома

Протераните Македонци од скопското Арачиново, по минатонеделните палења на три македонски куќи во селото, одлучија цврсто да застанат зад своето барање Владата да им изгради нови привремени живеалишта. Според Јана Петрушевска, претседателка на Здружението на протерани арачиновци "Зора", тие не се чувствуваат безбедно во селото и треба да минат повеќе години додека да се создадат безбедносни услови за враќање.

Мистеријата за Железнец ќе биде обелоденета

Примероците од коските кои ги добивме од селото Железнец беа испитани и анализирани. Од наша страна беа преземени сите стручни методи со кои располага Институтот за судска медицина во Скопје за утврдување на староста на коските, како и нивното потекло, вели директорот на Институтот за судска медицина во Скопје, Алексеј Дума, во врска со мистериозните пронајдоци во Железнец, за кои се претпоставуваше дека ја кријат и тајната за судбината за 12-те киднапирани Македонци. За скоро време се очекува јавно да бидат соопштени резултатите од есхумацијата.

Брат Љубе ги негира малверзациите

Министерството за внатрешни работи прави проверка на договорот склучен од страна на поранешниот прв човек на полицијата, Љубе Бошкоски, со фирмата "Хјулит Пакард", за изработка на лични карти и пасоши, поради сериозни индиции дека станува збор за корупциска зделка. Според Бошкоски тендерот е чист и нема основа да се оспори.

Годишно собрание на МКЗ "Гоце Делчев" во Weert, Холандија

Македонското културно здружение "Гоце Делчев" од Weert на 25 јануари оваа година го одржа своето годишно собрание на кое присуствуваа потесното претседателство и членовите - симпатизери на Здружението: Марјан Јанкоски, Ленче де Гроот - Мирјаноска, Гордана Тасеска, Илинка Јанкоска, Јонче Јанкоски, Бранко Богоески, Ремко де Гроот, Ламбе Цефкулоски, Кочо Петковски и Кире Џалески.

Во агендата на активности за оваа 2003 година на МКЗ "Гоце Делчев" е опфатено одбележувањето на повеќе празници. Новост на МКЗ "Гоце Делчев" е најавата за часови по македонски јазик и литература за деца (за сите возрасти), а пријавувањето е до крајот на февруари.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"