ЕКОНОМИЈА

"Мобимак" за ревитализација на Зоолошката градина во Скопје

ПРИСТОЕН ДОМ ЗА ЗОО-СТАНАРИТЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Главните и почетни цели на иницијативата на "Мобимак" се ревитализација на најстарите делови на Зоолошката градина, уредување на живеалиштата, како и збогатување со нови животни.

По иницијатива на "Мобимак" неодамна започна реализацијата на еден Проект под името "Ревитализација на Зоолошката градина". За таа цел составен е еден комитет во рамките на самата Компанија кој е сочинет од тим луѓе кои пројавиле желба да се вклучат во овој Проект и да & дадат сосема поинаков лик на градината чија реална слика е многу жална. Живеалиштата на жителите на ЗОО се во катастрофална состојба, а самите животни со нивниот тажен поглед кажуваат колку им недостасува храна.

Живеалиштето на нилскиот коњ ќе биде прво ревитализирано

Несоодветно дувло за мечката во скопската ЗОО

Се планира санација на старата и поставување на нова инфраструктура, поправка и изградба на нови живеалишта, донесување на нови животни и доколку сето ова успешно се реализира, Зоолошката градина ќе биде вистинско пријатно катче каде што голем број деца со големо задоволство ќе го посетуваат.

ИНИЦИЈАТИВА

Членовите на Комитетот, Душко Кантарџиев и Тунде Хубина, извршен директор за односи со корисниците во "Мобимак", која е и иницијатор за овој Проект, говореа малку повеќе за идејата која е содржана во него.

Некаде во месец ноември се роди идејата преку Фондацијата и преку "Мобимак" да влеземе во еден Проект којшто би бил корисен за целиот град, вели Кантарџиев. Зоолошката градина е организација на која би можеле да & помогнеме со ентузијазмот, со експертизата, но се разбира и со финансиски средства и одлучивме тоа да го направиме. Во текот на минатата година, во ноември и декември од вработените со доброволни прилози собравме одредени материјални средства кои ги наменивме за директна и непосредна помош. Во изминативе неколку месеци секој четврток донираме храна, а донацијата изнесуваше некаде околу 10.000 евра. Тоа би било малку незабележително доколку останеме само на тоа. Затоа направивме една поширока акција со којашто би можело да се направи се, се разбира со вклучување на повеќе фактори коишто би биле заинтересирани да & помогнат на Зоолошката градина. Прво поканивме стручни лица од Зоолошката градина во Будимпешта, кои сочинија елаборат во кој се наведени социолошките, маркетиншките аспекти и аспектите коишто се однесуваат на самите животни. Проектот предвидува поканување и на други субјекти, односно организации и фирми кои се расположени за спонзорирање на животни. Тоа значи да се грижиме за живеалиштето на одредено животно, за неговата храна, лекување итн. Тоа е вообичаена практика во светот.

ПЛАН

Проектот содржи и идеја за обнова на инфраструктурата, да се изградат нови живеалишта за животните. Потоа, постои план да се помогне при договарањето на концесии со коишто би се овозможило продавање на храна којашто би била контролирана за соодветни видови животни или пак концесии за изградба на скејт - парк и слично со што би се успеало да се привлечат младите што почесто да ја посетуваат Зоолошката градина.

На изгладнетиот лав му се бројат коските

Единствената вредна колекција на нашата ЗОО - мршојадци

Прекрасниот лебед плива околу отпадоци

Реалната слика на "куќите"

Она што веднаш би можеле да го направиме е визуелниот идентитет на градината. Ќе се постават знаци, ќе се офарбаат оградите итн., објаснува Кантарџиев. Исто така, дополнително нешто што ќе ја разубави ЗОО се оние објекти коишто беа поставени на плоштадот за Нова Година. Планирано е тие да бидат префрлени во Зоолошката градина така што децата ќе можат секоја недела во 12 часот да присуствуваат на претстави токму тука. Понатаму ќе се направат програми за посетителите кога ќе имаат прилика да прашаат за животните, за земјите од каде што доаѓаат и други активности кои ќе придонесат оваа организација да стане компактна и со која целиот град би бил горд.

На објаснувањата на Кантарџиев се надоврза и Тунде Хубине чија идеја за еден ваков Проект дојде токму од неа.

По првата фаза на ревитилизација се надевам дека ќе започнеме со збогатување на фондот на животни, додаде Хубине. Веќе контактиравме со неколку Зоолошки градини (во Виена, Будимпешта, Белград) и имаме определени ветувања дека животните ќе ги добиеме или бесплатно или во замена на мршојадци од скопската Зоолошка кои претставуваат мошне вредна колекција. Така се надеваме дека во пролетните месеци ќе има неколку нови животни.


 

Александровата ЗОО-градина

Не знам дали сте запознати дека прв директор на Зоолошка градина во светот бил Аристотел, кој му бил учител на Александар Македонски. Александар Македонски ја основал првата зоолошка градина на светот со што го донел првиот паун во Европа, така што тоа е еден вид културно наследство на Македонија и тоа би требало да го продолжиме, вели Тунде Хубина.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"