Поскапа живејачка

Министерот за финансии, Петар Гошев, во очи на 100-те дена на Владата, успеа да го договори "стенд бај" аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд тежок 27 милиони долари. Со овој чин Владата ја постигна својата определба од предизборниот период - продолжување на соработката со меѓународните финансиски институции. Постигнувањето договор за "стенд бај" аранжманот ги отвора вратите и за ветените 151 милион долари од донаторската конференција.

За македонските граѓани склучувањето аранжман со ММФ значи уште поголемо влошување на животниот стандард.Иако стапката на Данокот на додадена вредност од 19 отсто генерално се намалува за еден процент - на 18, сепак, се зголемува данокот од 5 на 18 проценти за сите производи, освен прехранбените, што значи поскапува водата, струјата, парното, хигиенските производи, медицинските помагала, становите, весниците.

Протест на рударите од Злетово

Рударите од "Злетово" по шестчасовен протест на 10 февруари, пред Владата и Собранието, и по две средби со министерот за економија, Филиповски, успеаја да издејствуваат од Владата исполнување на дел од нивните барања.

Конкретно тие бараат: стечајната постапка за "Злетово" да трае што е можно пократко, за сите рудари работниот стаж да им биде заверен до денот во кој Рудникот беше ставен во стечај, да им бидат исплатени петте заостанати плати, опремнината да се исплати на ниво на просекот на платата во државава и да се донесе измена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, заради овозможување на згрижување на работниците со 25 години стаж до нивното пензионирање или до повторното вработување.

Масовни штрајкови

ССМ се заканува со масовни штрајкови и протести во кои ќе ги здружи работниците, пензионерите и социјално загрозените граѓани доколку Владата не се откаже од најавата за измените на законот за ДДВ и доколку не се го донесе ветениот закон за предвремено пензионирање на работниците од фирмите загубари.

Синдикалниот лидер Муратовски вели дека префрлањето на голем дел од производите од повластената стапка на ДДВ од 5 проценти на општата од 18 ќе биде сериозен удар по стандардот на граѓаните. Од ССМ се вели дека со овие примени буџетот на секое македонско семејство ќе се намали за 15 проценти. Поскапувањето на становите ќе биде катастрофално како за граѓаните така и за градежната индустрија, а со префрлањето на лековите на даночна стапка од 18 проценти, македонските граѓани ќе бидат принудени да плаќаат најскапи лекови во регионов.

Протест на земјоделците

Сојузот на земјоделците на Македонија идниот вторник ќе организира масовен протест пред Владата, соопшти претседателот на Управниот одбор на Сојузот, Вељо Тантаров.

Земјоделците бараат до крајот на овој месец да се донесат решенија за екстремно лошата состојба на тутунарите предизвикана од откупната цена на тутунот која, според нив, е срамна и понижувачка. Сојузот е со став дека треба да се регулира прекумерниот увоз на млеко и млечни производи, како и увозот на пченица.

Влошување на конкурентноста на стопанството

Поскапувањето на енергијата нас нема да не погоди, "Макстил" е атипичен пример, зашто е голем извозник и може да обезбеди дополнителни обртни средства од 10 отсто. Ако досегашниот трошок за енергенси изнесуваше околу еден милион долари има можности да се обезбедат уште дополнителни 100.000 долари. Но, македонското стопанство, гледано во целина, ќе биде погодено од оваа даночна корекција, зашто нема евтини извори на капитал. Очекувам дека во комбинација со повисоката вредност на македонсклиот денар, ќе се влоши конкурентноста на македонските производи, а тоа значи натамошен пад на бруто општествениот производ", изјави Минчо Јорданов, директор на "Макстил".

Проект за конкурентност

Проектот за конкурентност на Македонија (МЦА) неодамна одржа серија работилници за мобилизирање на кластери наменети за претставниците на претпријатијата од конзервната индустрија, индустријата за производство на вино, месо и млечни производи, текстил и текстилни производи, информатичка технологија, туризам, градежништво и металургија. На овие работилници на МЦА учесниците добија информации и насоки што ќе им помогнат при поднесувањето на пријавите за составување на кластерите, коишто ќе учествуваат во овој Проект, а чија цел е да се подигне нивото на конкурентност на македонските претпријатија.

Проектот на УСАИД ќе одбере пет кластери со кои ќе работи во наредните четири години. Изборот на кластерите што ќе добијат поддршка од МЦА ќе се темели врз неколку критериуми какви што се предложениот состав на водството на кластерот, односно претставници на претпријатија, институции и здруженија што ќе го сочинуваат, стратегијата на кластерот и потенцијалот на позитивно влијание врз целокупната економија на Македонија.

Штрајк на железничарите?

Заедничкиот штрајкувачки одбор на петте синдикални организации на "Македонски железници" за 14 овој месец најавува генерален штрајк со комплетен прекин на железничкиот сообраќај, дури и ако на вработените им биде исплатена ноемвриската плата. Тие оставаат простор до овој рок да почнат дијалог со министерот за транспорт и врски, Миљаим Ајдини, за наоѓање трајно решение со исплатата на платите и материјалните трошоци на железничарите, како и за статусот на Јавното претпријатие.

Информација за поништениот конкурс за станови

Владата за две недели да достави конкретна информација за одлуката со која во декември го поништи конкурсот за доделување на 436 станови. Ова го побара собраниската анкетна комисија за заштита на слободите и правата на која присуствуваа и граѓани кои ги изгубија становите како и Народниот правобранител Наумовски. Тој ги отфрли обвинувањата на Македонскиот хелсиншки комитет дека Владата по негов предлог ја донела одлуката за поништување на конкурсот и побара јавно извинување. Наумовски останува на ставот дека делбата на социјалните станови е направена нетранспарентно и нерегуларно.

ОТЕ стартува во мај?

Грчкиот мобилен оператор ОТЕ ја известил Владата дека ги презел сите потребни активности да го забрза процесот за отпочнување со работа на вториот мобилен оператор во земјата, соопшти кабинетот на премиерот Црвенковски.

Според најавите, вториот мобилен оператор во Македонија би требало да отпочне со работа во мај годинава.

Премиерот Црвенковски и министрите за економија и транспорт и врски, Филиповски и Ајдини, на средбата со претставници на ОТЕ и Меѓународниот совет за инвестиции ги поздравиле преземените чекори за создавање конкуренција во областа на мобилната телефонија, во насока на подобрување на услугите во оваа сфера и за понуда за пониски цени за потрошувачите на пазарот.

Државните акции за еден денар

Државата е подготвена да ги понуди на Берзата своите акции, ако мора и по цена од еден денар за акција. Државниот капитал, односно акциите во 84 претпријатија треба да се продадат до крајот на годинава, освен тие во "Македонски телекомуникации". Со тоа официјално ќе заврши процесот на приватизација и ќе престане да постои државната Агенција за приватизација, соошти Илија Филиповски, министер за економија, на презентацијата на програмата за завршување на приватизацијата.

Конзорциум од 10 конфекции го бара "Астибо"

Десет големи и познати штипски конфекции во приватна сопственост сакаат да ја купат модната конфекција "Астибо" и да вратат веднаш на работа 1.430 работници на овој гигант на македонската текстилна индустрија. Тие беа учесници и на првиот јавен тендер кога Агенцијата за приватизација за најдобра ја оцени понудата на бизнисменот Кочо Моцан кој, пак, два месеца по добивањето на сопствеништвото се откажа од намерата да го има штипскиот гигант, по што целиот процес е вратен во почеток. Со цел да ја остварат својата намера и на Владата на Македонија да & симнат од грбот еден голем економски и социјален товар, сопствениците на десетте конфекции формира конзорциум преку кој, како единствен интересент ја промовираат својата намера за купување на "Астибо" и негово брзо рестартирање.

"Канадски пошти" си заминуваат?

"Канадски пошти", како што информираше А1, се подготвуваат да си заминат од Јавното претпријатие "Македонски пошти". Канаѓаните биле незадоволни од реализацијата на Договорот со кој го презедоа управувањето со нашата пошта и од пасивниот однос на македонската страна. Минатата недела во Скопје дошол првиот човек на поштите на Канада во обид да го спаси Проектот, но не успеал ниту да обезбеди средба со министерот за транспорт, Ајдини. Лути поради тоа, Канаѓаните најавиле дека си заминуваат од Македонија не исклучувајќи можност и да ја тужат македонската страна заради прекршување на Договорот.

Според информациите на А1, Договорот паднал во фазата кога требало да се работи на формирање на новата компанија што ќе управува со "Македонски пошти". По смената на власта, надлежните од македонска страна престанале да комуницираат со претставниците од Канада, новиот директор на "Пошта" се правдал дека е ненадлежен, а министерот за транспорт, Ајдини, упорно одбивал да им објасни на канадските партнери зошто е стопиран Проектот.

Царината им попушти на камионџиите

Камионџиите издејствуваа измена во мерката на Царинската управа со која камионите мораа во точно пропишана саатница да стигнат од граница до терминал. Царината попушти на барањата на возачите и наместо од 2 до 11 часови во зависност од оддалеченоста на границата сега имаат цел ден, односно 24 часови да го довезат камионот во терминал што е прифатливо решение и за двете страни. Камионџиите имаат доволно време да се одморат или да извршат евентуална поправка на нивното возило, а Царината има релативно брз увид во контролата на стоките што влегуваат во Македонија. Ова решение се смета за преодно до воведувањето на електронското следење на транзитот. Царинската управа се изјасни дека новите прописи се дел од поширокиот пакет мерки за спречување на шверцот во Македонија.

Детскиот додаток лимитиран на 1.800 денари

Вкупниот износ што едно семејство може да го прими како детски додаток ќе се ограничи на 1.800 денари месечно. Посебниот додаток за хендикепираните деца ќе се зголеми на 20 отсто и ќе изнесува 2.960 денари, најавува Јован Манасиевски, министер за труд и социјална политика.

Овие новини се дел од предложените измени на Законот за детска заштита, кои овој месец треба да се најдат пред пратениците во Собранието.

За 75 места се пријавиле 600 кандидати - социјалци

Повеќе од 600 кандидати - социјални случаи од Прилеп се пријавија на конкурсот за 75 работни места за копање ровови на реконструкцијата на водоводната мрежа на улиците "Кеј Први мај", "Струшка" и "Димче Атулески" во Прилеп, финансирани од германската Влада. Платите ќе бидат по 8.000 денари, а ќе се работи само 45 дена. Главниот критериум е работниците да бидат невработени, корисници на социјална помош и да се способни за тешка физичка работа.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"