риказната за стечајните
работнициво Република Македонија е повеќе одтрагична. Луѓето се оставени да
"животарат" без егзистенцијални средства. Сепак, затоа имаме држава, Влада и
ресорни министерства кои би требало да ги решаваат ваквите проблеми. Но,
позитивно решение за судбината на повеќето стечајни работници во државава за
жал досега нема, а таа горка судбина ја делат и стечајните работници на
Општина Куманово, пред се стечајците од некогаш најголемиот чевларски гигант
"Чик" од Куманово.
Бараме итна средба со Вас, господине Премиер, за да Ве известиме за
состојбата во која се наоѓаме. Вие бевте прв премиер кој не прими на
разговори и преговори и ветивте дека проблемот ќе се реши. Изминаа многу
години и се сменија влади, министри, а проблемот остана се уште нерешен. Од
Ваша страна бараме на средбата да бидат поканети министерот за труд и
социјална политика и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско
осигурување. Законите во државава се менуваа, но луѓето останаа исти, со
нерешен статус. Доколку не ја добиеме средбата, ќе бидеме принудени да ги
употребиме сите методи и да ја запознаеме пошироката јавност за тоа што се
случува со оваа категорија на граѓани. Во прилог Ви ги доставуваме Вашите
белешки од одржаните средби и извештајот од Собранието на Република
Македонија. Се надеваме дека сте човек кој има разбирање, со што средбата ќе
ни биде закажана во најкраток можен рок, па затоа однапред Ви се
заблагодаруваме, се вели во писмото адресирано до Владата на Република
Македонија и до премиерот Бранко Црвенковски, а упатено од страна на
Здружението на стечајните работници на Општина Куманово.
Стечајците од "Чик" разврската ја очекуваат од премиерот
Црвенковски
Здружението на стечајните работници на Општина Куманово работи веќе пет
години како деполитизирано и неговата цел е да ги оствари своите барања да
го реши статусот на стечајците. "Чик" денес работи нерентабилно, без сини
картони, без затоплување, со нередовни примања.
Имаше многу штрајкови и средби со релевантните фактори кои досега
завршија со неуспех. Работниците се уште се мачат за да опстане "Чик" .
Многу луѓе останавме без нерешен статус. Очекувавме дека државата ќе се
грижи за нас, за околу 780 стечајци од "Чик" и стотина инвалиди кои исто
така не се вратени на работа. Најмногу не погоди категоријата на инвалиди.
Во 1997 година стапивме во штрајк кој траеше пет месеци кога ни беше ветено
дека по преструктуирање на фирмите ќе бидиме згрижени. Но, за жал, голем
број луѓе останаа на улица и своите права ги бараат со закон, а не да
примаат некоја парична помош од 3.000 денари за која секоја година се
одлучува со одлука на Влада. Сметаме дека државата ни е правна и бараме
правно да се реши статусот на овие работници. Оваа година имавме средба со
претседателот на Собранието Никола Попоски, но не сме задоволни од
известувањето што го добивме. Затоа повторно имаме изготвено барање за итна
средба со премиерот Бранко Црвенковски, бидејќи тој ветуваше и ги имаме
неговите белешки, за да посочиме дека можеби и законите се добри, но не се
спроведуваат од луѓето кои ги толкуваат, вели Вера Јовановска,
претседателка на Здружението на стечајни работници на Општина Куманово.
СУД
Стечајните работници веруваат дека живееме во една правна држава и оттука
очекуваат правдата да си го најде своето место и во нивниот случај.
Можеме да докажеме со пресуди од Врховен суд во кои една иста судијка
донесува исти пресуди за истиот случај, позитивно за стечајните работници,
меѓутоа по преговорите со Фондот ваквите пресуди беа отфрлани, односно
практично не беа реализирани, вели Јовановска.
Кога станува збор за законот, таа констатира дека со распаѓањето на "Чик"
тогаш бил актуелен стариот закон за стечај од поранешната СФРЈ, а
Здружението барало да се донесе и закон за стечајните работници. За жал,
како што вели Јовановска, таков закон е донесен дури во 1998 година по сите
измени на законите. Денес стечајците кои треба да одат во пензија, одат со
многу ниски пензиски примања. Стечајците сметаат дека сите нивни штрајкови
биле залудни затоа што и покрај нивните укажувања тие не добиле извештај за
направените ревизии на претпријатието. Нивните барања повторно се упатени до
Врховниот суд на Република Македонија, но за жал две години тие чекаат за
решавање на спорот. Иако имале и ургенции преку Министерството за правда да
се забрза постапката, до ден денешен тие немаат добиено никаков одговор.
БАРАЊА
Нашите барања се многу јасни - бараме да не бидеме оставени во ова време
на транзиција без никаква егзистенција за живот. Имавме одржано повеќе
средби со ресорните министри, па дури и со господинот Бранко Црвенковски.
Средбата со Премиерот беше на 07.07. 1994 година од која добивме писмена
белешка која гласеше: "Приоритет при вработување на стечајните работници во
повторно активираните претпријатија според квалификациона структура". Многу
наши барања и заклучоци што беа доставени до Владата и ресорните
министерства, не беа реализирани, потенцира Вера Јовановска.
Според Јовановска никој од Владата досега не зел обврска околу
предложените законски измени, иако Здружението има доставено Предлог-закон
за измена и дополнување на Законот за Пензиско и инвалидско осигурување,
закон за дополнување на законот за работни односи со предлог закон за
вработување, за изменување и дополнување на законот за трансформација на
претпријатијата со општествен капитал.
ШТРАЈКОВИ
Чевларскиот гигант "Чик" од Куманово работи од 1963 година се до 18.06.
1993 година кога оди под стечај. Околу 2.780 работници остануваат на
маргините на преживувањето. На работа се вратени 1.400 работници од кои
повторно биле отпуштени околу 400 како технолошки вишок. "Чик" се формира и
како акционерско друштво од доверители, без никакво вклучување на
работниците во работата на комбинатот.
Од големиот имот на фирмата сега скоро ништо не остана, се продаде дури и
инвентарот, додава Јовановска.
"Правдата е слепа, но во мракот гледа", Вера Јовановска
Стечајците од "Чик" Куманово досега имаат оранизирано многу штрајкови, со
барање да се ревитализира комбинатот, но без успех. Во 1996 година
Штрајкувачкиот одбор од "Чик" штрајкуваше со глад цели 38 дена, но се беше
безуспешно. Здравјето на стечајците видно се наруши, додека тогашната Влада
на Црвенковски беше информирана за заклучоците според кои до 31 март 1996
година требаа да се реализираат 160 нови вработувања. Владата не го прифати
извештајот на тогашниот стечаен управник заклучно со 31 декември 1995 година.
Во тој контекст инспекциските органи беа задолжени да продолжат со истрагата
и тоа не само во "Чик", туку и во други претпријатија. Владата исто така
тогаш сметаше дека до 15 март 1996 година "Чик" Куманово треба да биде
трансформирано и приватизирано во рамките на законот. Досега, иако се
сменија неколку влади, ситуацијата со "Чик" е хроничен статус кво.
РАЗВРСКА
Стечајните работници од "Чик" Куманово често се прашуваат дали има крај
на нивните маки, дали има разврска која барем малку ќе им го олесни животот?
Сите ние се прашуваме зошто тоа се случува само со работникот и дали само
тој треба да биде жртва на овој систем на општеството. Ние не сме против
системот кој тече, но ќе бидеме против грабежот. Фабриките беа наши и
повторно ќе бидат наши ако ни се остварат барањата. Знаеме дека Владата е
способна се да растури, а ништо да не исполни. Штрајковите во нашата држава
се неуспешни, бидејќи имаме експерти кои ги задушуваат за тие мирно да
живеат, револтирано коментираат стечајните работници.
Нивниот апел е упатен и до судството во Република Македонија што поажурно
да ги работат споровите без сугестии од Владата.
Бараме оваа Влада, која вети на почетокот на растурањето на општествените
фирми, да не го политизира народот, туку да се залага да ги реализира сите
ветувања што им се дадени. Доколку тоа не ни се овозможи, ние нема да
размислуваме кои методи ќе ги употребиме, бидејќи ги поминавме сите
институции каде што досега не имаа упатувано, констатира Јовановска.