ОБРАЗОВАНИЕ

Просветните работници пред штрајк, образовниот систем во исчекување на реформи

УЧИТЕЛИТЕ БАРААТ СЕРИОЗЕН СОЦИЈАЛЕН ДОГОВОР

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Вработените во образованието никако да дојдат до средината на социјалното скалило.
  • Учениците се се повеќе жртви на нечии манипулативни политички игри.
  • Доколку и за овој месец доцни јануарската плата, тогаш дефинитивно ќе ја практикуваме одлуката донесена минатата година од страна на највисокиот орган на нашиот Синдикат. По 15 февруари ќе стапиме во генерален штрајк, вели претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, Дојчин Цветаноски.

Образованието во нашата држава е подложно на многу реперкусии и проблеми. Најнапред проблемите од типот на "Шемшево" и кумановските национални поделби на учениците, најавите за приватизирање на градинките, партиските вработувања, па се до неисплатените плати на просветните работници. Премногу проблеми на едно место, а она што е најтрагично - како главни жртви се јавуваат токму најмладите. Учениците се тие кои се влезени во нечиј политички филм (маркетинг, кампања) па од тие причини место да го живеат детството, тие од сега ги имитираат возрасните. Да биде ситуацијата уште покомплицирана, она што со години е создавано, градено, што е дело на сите граѓани, едноставно се менува и се урива. Некој едноставно се сетил преку ноќ да ги прекрсти училиштата, да ги прекрои работите!

"Доколку не се почитува спогодбата за плати и надоместоци ќе стапиме во штрајк", Дојчин Цветаноски

Болест на денешново време претставува и партиското вработување на образовните кадри. За да се дојде до директорската фотелја на некоја образовна институција, некои не бираат ни начин ни средства. Менуваат партии, бои, книшки, а богами некои се кадри и верата да ја дадат за пусто директорување!

Ние од учениците очекуваме идни примерни граѓани, воспитани, интелектуалци, додека во нашиот образоваен систем нешто смрди и не функционира како што би требало!

ШТРАЈК

Вработените во образовните институции најавуваат ригорозни мерки доколку и понатаму се доцни со исплаќањето на нивните плати и придонеси.

Со почетокот на минатата година ние имавме многу активности со претходната власт и дојдовме до потпишување на спогодба помеѓу Синдикатот и ресорните министерства, односно Владата зеде обврска платите и надоместоците да се исплаќаат до десетти во месецот, а со исклучоци до 15-ти. Тоа се почитуваше цела 2002 година со исклучок на ноемвриската плата и истото се повтори за декемвриската плата во јануари. Веднаш реагиравме, но добивме образложение и ветување дека ќе се почитуваат дадените рокови. Доколку и во овој месец (февруари) доцни јануарската плата, тогаш дефинитивно ќе ја практикуваме одлуката донесена минатата година од страна на највисокиот орган на нашиот Синдикат. По 15 февруари ќе стапиме во генерален штрајк, вели претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), Дојчин Цветаноски.

РЕФОРМА

Кога конечно ќе имаме образование какво што ни доликува и какво што заслужуваме?! Секогаш се говори само за реформи, но не и за практични промени!

Кај нас стана во мода последниве десет години секој ресорен министер прво што ќе најави тоа да бидат реформи. Ние имавме толку реформски најави колку што имавме министри. Стануваше збор само за најави. Очекувавме конкретни реформски зафати од екс-министерот Новковски кои на почетокот добро тргнаа, но потоа не дадоа конкретни резултати. Се најдовме повторно на почеток. Ние како Синдикат инсистираме да се направат дефинитивни реформи во образованието, со тоа што нема да измислуваме топла вода, таа е одамна измислена. Ние само треба да ги проучиме образовните системи од земјите на ЕУ или САД и да видиме кој би бил најприфатлив за нас. Освен тоа сакаме да бидеме вклучени во реализирањето на овие реформи како Синдикат, легитимен субјект во државава и како социјални партнери. Тврдам дека ни најдобро направената реформа нема да успее доколку вработените не ја прифатат реформата. За да се обезбеди тоа мора и Синдикатот да се вклучи во реформите, вели претседателот на СОНК.

Неопходна е реформа во образовниот систем

Социјалниот статус на вработените во образованието е катастрофално и тоа не е од вчера, туку според Цветаноски, веќе 20 години се руши социјалниот углед на просветните работници. Оттука целта на СОНК е да го врати угледот на овие работници на средината од социјалното скалило, онака како што тие во светот го имаат тоа место. Со стратегија се бара образованието да се третира како што е тоа практика во светот. Мора да постои социјален дијалог во државата помеѓу Владата и работниците за работите конечно да функционираат како што треба - порачуваат од Синдикатот.

ИСПОЛИТИЗИРАНОСТ

Во врска со најавите за приватизација на предучилишните установи, претседателот на СОНК не информираше дека веднаш разговарале со надлежните од Министерството за труд и социјална политика кои дале одговор дека изјавата на министерот Манасиевски е погрешно протолкувана во медиумите. Но, доколку сепак се врши приватизација на сите градинки, СОНК ќе се спротивстави на тоа.

Тешка болка во нашиот образовен систем, сепак, е и случајот "Шемшево".

Премногу се исполитизира целиот проблем. Целиот случај треба да се решава со употреба на закон. Има закон како може да се смени име на одредено училиште, како се става спомен-обележје во училишен двор и слично. Тука требаше да си ги преземат обврските неколку ресорни министерства. Со непочитување на законите се дозволи тој проблем предолго да трае и да се изполитизира до максимум, објаснува господинот Цветаноски.

ПОЛИТИЧКИ ВРАБОТУВАЊА

Нема ништо ново да кажеме кога веќе и врапчињата знаат дека за да се стане директор на едно училиште потребен е благослов на партијата на власт, а слично е и со сите други вработувања, дури и со вработување на хигиеничарки. Власта се менува, а старата навика останува.

Оваа работа трае буквално од осамостојувањето на Република Македонија, од појавата на повеќепартискиот систем. Тоа се коси со многу законски принципи и начела. Синдикатот не гледа благонаклоно на тоа, туку напротив ги осудува. Тоа мора да се надмине. За да се дојде до некое работно место потребни се квалификации и знаење, а не партиска книшка. Целата работа тргнува од таму што директорите ги именува ресорниот министер. Ние направивме обиди во смисла на измена на законското решение за избор на директори, тоа да го прави Училишниот одбор, но за жал нашиот предлог не е прифатен. Од новата власт ни е дадено ветување дека нема да има партиски вработување, па ајде да им дадеме време и да видиме, констатира лидерот на СОНК.

МАНИПУЛИРАЊЕ

Учениците во Куманово беа жртви и на политички игри. Случајот со труење на учениците - Албанци впрочем беше испитан и од експерти при што се констатира дека учениците се само жртви на политички интереси.

Станува збор за некакви состојби кои одат во доменот на манипулирање со учениците. Мислам дека вакви работи не би требало да ни се случуваат без оглед на која национална припадност се учениците. Голема одговорност имаат и политичките партии кои ги имаат замешано прстите, а такви работи се забранети со меѓународни конвенции. Сметам дека работата треба да се истера до крај, да се најдат сторителите, вели Цветаноски.

Во врска со атакот врз кумановската гимназија претседателот на СОНК потенцира сека тоа е грозна работа и среќна околност е што немаше трагични последици, односно масакр. Тој потенцира дека вакво нешто не би требало да се повтори. Потребна е будност за да се избегне темната страна на човековиот ум.

Тргнувајќи од полицијата, па до сите нас треба да бидеме будни за да се избегнат ваквите случувања, вели тој.

Во врска со искуството на Синдикатот со министрите за образование, поранешни и актуелниот, лидерот на СОНК ја потенцираше досегашната коректна соработка и со Ненад Новковски и со Азис Положани. Сепак, на нашето образование му недостигаат многу работи, пред се стабилна и успешна реформа.

Многу работи му надостигаат на образованието. Најнапред реформи кои ќе не доближат до Европската унија. Ни треба сериозна и вистинска реформа во делот на образованието. Ни недостига и социјална сигурност на вработените. Не можеме да очекуваме просветните работници да дадат доволно и во воспитниот и во образовниот дел кога тие се оптоварени со егзистенцијални проблеми. Кога луѓето се оптоварени со вакви проблеми, сигурно не можеме да очекуваме квалитетна настава. Оваа држава треба да смогне сили да ја плати оваа професија онолку колку што таа учествува во општественото живеење, бидејќи од тоа зависи и иднината на државата. Но, некој не го сфаќа тоа, додава претседателот на СОНК, Дојчин Цветаноски.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"