звештајот на Хелсиншки-от
комитетза човековиправа во Република Македонија за 2002 година пред се се
темели на последиците од вооружениот конфликт во 2001 година,
имплементацијата на Рамковниот договор од Охрид и преостанатите сфери од
животот на македонските граѓани. Доставен е солиден материјал во кој се
презентираат случувањата од минатата година во повеќе сфери на живеење.
Во извештајот на Хелсиншкиот комитет опфатени се вкупно 15 точки преку
кои се доловуваат случувањата од минатата година и тоа: избори, слобода на
изразување и медиуми, правосуден систем и независно судство, полициски
пречекорувања, меѓуетнички односи, трговија со луѓе, социјални и работни
права, дискриминација врз основа на пол/род, лица со посебни предизвици,
правата на сексуалните малцинства, заштита на човековата средина, попис,
цивилно служење на војската и правата на децата.
ГОДИНА НА ИСКУШЕНИЈА!
Како најактуелен настан минатата година беа изборите кои според
Хелсиншкиот комитет беа оценети како фер и демократски. Имено, во извештајот
на Комитетот се наведува: "Во предизборниот период Комитетот регистрираше
неколку значајни нарушувања кои можеа да имаат влијание врз избирачкиот
процес: индикациите за фалсификување на гласачки ливчиња и употребата на
методот на "бугарски воз" во фалсификување на изборите; обидот за
проширување на избирачките списоци со издавање државјанства на етнички
Македонци кои живеат во соседните држави и во дијаспората; активностите на
припадници на Министерството за внатрешни работи насочени кон заплашување на
политичките противници и создавање атмосфера на несигурност; непочитување на
Законот за избор на пратеници (во членот 7) од страна на министерот за
внатрешни работи и неговиот заменик; подмитување на гласачите и употреба на
јазикот на омразата во говорите на кандидатите од различни партии.
Предизборниот молк беше грубо прекршен во повеќе места во државата со
дистрибуција на летоци (со навредливи содржини) и од страна на неколку
електронски медиуми (државната МТВ и повеќе локални станици)".
Децата беа искористувани во функција на партиска
пропаганда
Неминовен удел во успешноста на изборите имаа новинарските и медиумските
куќи. Посебно беше забележано насилството врз новинарите. Најчесто тие
притисоци се базираа на партиска основа. Жртви на насилството станаа: Маре
Стоилова (А1 ТВ), Симон Илиевски (Утрински весник), Зоран Божиновски (Радио
Тумба) и многу други. Како одговор на овој бран на насилство новинарите
организираа протест под наслов "Тука сме, тепајте не". Комитетот ќе забележи:
"Притисоците врз критички настроените новинари и гласила претставуваат
нарушување на слободата на информирањето и повреда на чл. 19 од
Универзалната декларација за човековите права и чл.10 од Европската
конвенција за човековите права и слободи".
Но, ако реално погледнеме кон сите овие негативни случувања неминовна е
улогата на правосудниот систем и независното судство кои оваа година не беа
на ниво на нивните задачи. Во текот на 2002 година се зголеми и стана многу
видливо влијанието на извршната власт и на политичките партии врз судовите и
Јавното обвинителство. Хелсиншкиот комитет за ова исткна: "Отсуството на фер
судење најголемите заштитници на човековите права ги претвора во нивни
најголеми прекршители, а на граѓаните фактички им ја одзема можноста да
застанат во одбрана на своите базични права и слободи...".
Во текот на 2002 година не се направени чекори во однос на намалување на
употребата на несоодветна сила од страна на полицијата, подобрување на
организацијата на полицијата и замена на методите на тортура со методи на
примена на средствата на современите технологии во функција на изнаоѓање и
изведување пред суд на сторителите на кривични дела. Сето оваа влијаеше од
една страна полицијата во многу случаи да се пројави како крајно неефикасна,
а од друга страна да стане моќен прекршител на човековите права и слободи во
функција на владејачките партии.
По привидната релаксација на меѓуетничките односи како резултат на
прекинот на вооружениот конфликт, видлива е нагорна линија на развој на
тензиите кој резултира во се повидлив државен, институционален и поширок
општествен паралелизам, но и сведување на мултикултурноста на бикултурност.
Имено, продолжува интенцијата заштитата на малцинските права да се сведува
на промоција и заштита на правата на албанската заедница со потполно
занемарување (па дури и влошување) на положбата на другите етнички заедници.
Се уште не е затворен случајот на исчезнатите. Семејствата на исчезнатите,
12 Македонци, 6 Албанци и еден бугарски државјанин, и натаму немаат никакви
сознанија за нивните најблиски. Надлежните државни органи, речиси немаат
ништо сторено за пронаоѓање на исчезнатите лица.
Според податоците на Црвениот крст бројот на раселените лица во текот на
кризата достигна 70.000. Во почетокот на 2002 година тој се намали на
16.500, а според податоците од ноември 2002 година на територијата на
државата има 9.500 внатрешно раселени лица и околу 1.600 лица кои не се
вратени од Косово. Поголем број од внатрешно раселените лица се сместени во
колективни центри (72 отсто), додека преостанатите се во семејства на
роднини и пријатели. Сместувањето е несоодветно на бројот на членови на
одделни семејства, не овозможува здрави и хигиенски услови за живот, не
обезбедува минимални услови за соодветен развој на децата.
Трговијата со луѓе станува проблем кој постепено го привлекува вниманието
и на државата и на јавноста. Според официјални податоци, во Македонија има
околу 300 ноќни барови, од кои повеќе од 100 се наоѓаат во Тетово и Тетовско.
Од нив само мал број се нелегални, односно немаат потребно одобрение за
работа. Во овие барови девојките работат без никаков надомест, престојуваат
во простории без минимум хигиенски услови, слабо се исхрануваат, се
принудуваат на проституција и се препродаваат од еден на друг газда.
ПОДОБРА ИДНИНА!?
Во Македонија се регистрирани 78.000 домаќинства, односно 308.000 лица
како социјални случаи, кои примаат социјална помош во износ од 2.500 денари
(околу 40 евра) месечно, за четири члена. Процентот на невработеноста ја
достигна неверојатната бројка од, безмалку, 50 отсто невработени од вкупното
работоспособно население.
Во текот на првата половина на 2002 година, по промената на водството во
синдикатот на Република Македонија, се организираа масовни штрајкови со
коишто се вршеше притисок врз Владата, особено во текот на преговорите со
ММФ и со Светската Банка. Целта на овие штрајкови и демонстрации беше
минималната плата во јавниот сектор да биде 5.060 денари (приближно 80 евра),
за што Владата, и покрај долгото одолговлекување, одлучи да се примени ова
решение.
Акцентот на прекршувањата на правата на жената во 2002 година се става на
насилството врз жената. Загрижува податокот дека секоја четврта жена во
Македонија е жртва на семејно насилство. Во изминатата година зголемена е
активноста на невладините здруженија на лицата со посебни предизвици (организирани
се манифестации, кампањи и конкретни активности заради полесно вклучување на
овие лица во секојдневниот живот).
За прв пат во државата е регистрирано друштво кое во својата програма ја
предвидува промоцијата и заштитата на правата на припадниците на ЛГБТ
заедницата (Центар за граѓански и човекови права). Хомосексуалноста се
третира како болест, хомосексуалците не смеат јавно да ја манифестираат
сексуалната определба затоа што постои јасна закана со дискриминација (на
работно и социјално поле) и се гетоизирани.
Од страна на Хелсиншкиот комитет се регистрирани повеќе случаи на
загрозување на правото на здрава животна средина (загадувањето на реката
Радика и други последици од работењето на австриската фирма АД КНАУФ;
загадувањето од топилницата во Велес; мелницата на Рудникот за неметали
"Огражден") кои се уште не добиваат соодветен третман од страна на државата
и соодветна судска завршница. Под покровителство на Фондот за животна
средина, на 27 јуни во Велес беше одржана меѓународна конференција за
заштита на животната средина на која повторно беше актуелизирана трагичната
состојба на животната околина во овој град.
Во текот на месец ноември беше спроведен редовен Попис на граѓаните,
домаќинствата и становите, а под меѓународен надзор од 50 експерти од 26
земји. Според изјавите на Државната пописна комисија и на Заводот за
статистика, Пописот бил на завидно ниво, додека меѓународните монитори во
својата прелиминарна оценка позитивно ја оценија вкупноста на оваа обемна
статистичка операција. Сепак, информациите од теренот даваат поинаква слика.
Медиумите обемно известуваа за редица неправилности: попишувања со молив,
задоцнето доставување на овластувањата на попишувачите во Дебар и Дебарско,
определени семејства во Кавадарци одбиле да се попишат заради верувањето
дека при приемот на кандидати за попишувачи била направена селекција на
партиска линија (во полза на ВМРО-ДПМНЕ). Такви одбивања, но со други
мотиви, имало и во Скопје, пописни манипулации со етничката припадност на
Македонците-муслимани во Дебар, Центар Жупа, Струшко и Охридско (тие биле
попишувани како Албанци или Турци) итн.
Во текот на ноември, Министерството за одбрана издаде повеќе решенија за
прифаќање на приговорот на совеста, односно за цивилно служење на воениот
рок. Притоа, прифаќањето не се однесува само на религиозните случаи, туку и
на лица кај кои приговорот на совеста се базира врз основа на личните
уверувања и убедувања.
Во текот на 2002 година правата на децата се прекршуваат континуирано, од
страна на поединци, од страна на државните органи, како и од страна на
институции задолжени за заштита на правата на децата. Децата беа активно и
пасивно искористувани во функција на партиската пропаганда и беа директно
вмешани во меѓупартиските пресметки. Протестите на учениците завршуваат со:
напади врз граѓани, киднапирање на ученици од другата етничка заедница и
нанесување тешки телесни повреди, претепување на ученици од другата етничка
заедница, киднапирања на ученици, употреба на огнено оружје и убиства.