ПОЛИТИКА

Минијатурниот дел од криминалниот мозаик на претходните властодршци

ДПМНЕ ГО ОГРАБИ НАРОДОТ ЗА ОКОЛУ 20 МИЛИОНИ ЕВРА

Рената МАТЕСКА

Жаклина МИТЕВСКА

  • Според официјалните податоци обелоденети во јавноста за злоупотребите на некои луѓе од поранешната владејачка гарнитура, грубата пресметка за дебелите дубиози на штета на државата изнесуваат околу 20 милиони евра, додека неофицијалниот (необелоденетиот) износ сигурно би бил повеќе милијарди евра со оглед на криминално-шверцерските активности на "поранешните".
  • Ламбе Арнаудов со чаршаф на глава, во улога на шеик, се крие некаде во арапските земји; Даравелски се ѕвери во "Биг Бен" во Лондон чекајќи да му помине времето на доброволен азил; на меден месец во Шутка престојува Аврамски, Митревска, Тасев, а некои од нив, како Војо Михајловски на пример, се уште ги уживаат привилегиите што ги нуди ова криминогено "државно одморалиште".

Членовите на поранешната владејачкагарнитура од редовитена ДПМНЕ ја оштети-ја државата и ја доведоа до питачки стап. Тие украдоа се што можеа. Освен оние криминални зделки кои беа објавени во медумите, се шпекулира во јавноста за уште многу други такви матни ујдурми.

Најголемите криминални дела како и злоупотреби на службена должност се поврзуваат со имињата на некогашните функционери од ДПМНЕ. Се почесто се споменуваат имињата на екс-директорот на Електростопанство на Македонија, Ламбе Арнаудов, како и екс-директорот на Државниот фонд за здравство, Војо Михајловски, за кои и порано се врзуваа многубројни афери за финансиски малверзации со државни пари. На удар на јавноста се наоѓа и екс-директорот на Царината, Драган Даравелски, како и екс-пратеникот Амди Бајрам. Сите досегашни влади не најдоа за сходно да формираат институција која ќе влезе во костец со корупцијата во државата. Оваа Влада на Црвенковски, конечно реши да му се спротивстави на најголемото зло во државата - криминалот и корупцијата. Благодарение на антикорупциската комисија, составена од седуммина експерти, дел од оние кои ја злоупотребија службената должност се најдоа зад решетки.

Хајката започна со притворањата на некогашни функционери од старата власт. Во апсаана се најдоа Душко Аврамски, поранешен заменик-директор на Агенцијата за приватизација, како и првиот човек на НИП "Нова Македонија", Никола Тасев, сопругата на поранешниот шеф на кабинетот на премиерот Георгиевски, Татјана Митревска и неколку други функционери од Заводот за геодетски работи и од Катастарската управа. Тие беа осомничени дека фалсификувале документи со цел да ја сокријат аферата со фамозната вила на Водно.

БЕЗ УСУЛ

Кога се има предвид дека екс-директорот на ЕСМ, Ламбе Арнаудов, за мобилен телефон за месец септември 2002 година направил сметка од околу 3.600 евра, тогаш се добива претстава дека Ламбе наш 24 часа "висел" на мобилка. А само за споредба, додека граѓаните мака мачат со неплатените сметки за електрична енергија, ЕСМ месечно за службени мобилни телефони плаќало во просек од 31.600 евра. Сигурно Ламбе не е доволно информиран дека од прекумерно користење на мобилките може да дојде до сериозни последици за здравјето.

ЕСМ е осиромашено за повеќе од 2,9 милиони евра, затоа што довчерашниот ерген се чаталеше со државни пари, не жалејќи да фрли милионски износи за ручеци и разно-разни донации. Сепак, широкоградоста на Ламбе претежно беше наклонета кон оние што не беа за жалење, пред се негови сопартијци и соработници. Заклучно со 31.10. 2002 година износот на трошоците за репрезентација, реклама, донации и спонзорства кои ги давал Ламбе за време на неговото директорување со ЕСМ изнесува 175.081.000 денари или 2,9 милиони евра, што во однос на 1999 година претставува драстично зголемување од 258 отсто.

Широкоградиот Ламбе не жалел ниту за мобилки, ниту за ручеци

Војо профитира и од старите икони од родното село

Покрај тоа што " висел" на мобилка, слабост на Ламбе биле и кафеаните и други угостителски објекти. Тој многу сакал да пие кафе, па така од листањето на фактурите, односно дебелите сметки кои ги направил на сметката на ЕСМ, може да се види дека во бифето "Рим - Париз" во Скопје трошел во просек по 70.000 денари, а тоа се случило неколку пати. Во фактурите за "Турист линеа" наведени се износи од по околу 88.560 денари на име "угостителски услуги", а за какви услуги станува збор можеме да само да претпоставуваме. Широкоградиот Ламбе знаел на име "угостителски услуги" да потроши и по 1.203.487 денари во Хотелот "Дон Вито" во Охрид, а таму знаел често со друштвото да наврати. Благодарение на Ламбе "процвета" охриското крајбрежје и некои угостители заработија за една недела колку што се заработува за цела туристичка сезона. Војникот од ДПМНЕ, Ламбе, исто така долго време беше на чело на ФСМ откаде што се слушнаа многу афери за неговото "успешно" работење. А Ламбе не би бил Ламбе ако не ја "зашеќерел" и кампањата на сега "непријателот" на ДПМНЕ, претседателот Борис Трајковски.

За да не остане со куси ракави, и неговиот сопартиец Војо Михајловски се потруди да ја олесни здравствената каса за повеќе од 600 милиони денари, и тоа за период од нецела година (од 1 јануари до 15 ноември 2002 година). На ергенот Војо му текнало дека најмногу може да се профитира ако се набавуваат големи количества разна стока по неколку пати повисоки цени од малопродажните, без да се утврдат реалните потреби. Наместо лекови за пациентите, Војо ги луксузирал болните со пижами по цена од од 900 до 7.800 денари. Тој во своите набавки не ги заборавил ниту медицинските лица на кои им обезбедил кломпи - повеќе од 3.000 пара по цена од 580 до 1.400 денари. Војо бил љубител и на свинското месо, па така обезбедувал од "посоленото" месо по цена од 820 денари за килограм, и од "помрсното сирење" по цена од 853 денари за килограм. За килограм сол Војо плаќал и по 71 денар. Некогашниот прв човек на Фондот за здравство, не жалел ниту за напредна технологија, па така фрлил пари за компјутер од 333.000 денари, потоа за едно компјутерско глувче платил 69.000 денари, а за печка на струја - 3.403.400 денари и друго. Наместо обезбедување неопходни апарати за испитување на здравјето на болните, Војо си дозволил да ги релаксира здравствените работници, така што им набавувал презервативи, млека за масажа, лосиони за бричење, шампони, витамини, сокови, чоколади, сол, месо, брашно, сирење, компјутери, електрични печки, мантили, ноќници, маици, крпи, чаршафи и други артикли. Деновиве некои медиуми објавија информација дека Војо Михајловски го оштетил Фондот за дополнителни 61 милион денари.

На јавноста & е позната посветеноста на Војо на Бога, ама не до тој степен да си ги "присвои" и да прави бизнис со иконите од своето родно село. Мистериозното изчезнување на петнаесет икони кои датираат од 14 век, секоја вредна по 150.000 евра, во минатата година од црквата "Свети Илија", во тетовското село Стенче, селаните го поврзуваат токму со неговото име. Михајловски, како што се шпекулира" се дрзнал да ги направи слепи своите соселани и да им врати икони кои немале никаква врска со оргиналните стари икони. Место на изложба, се препоставува дека иконите завршиле во нечија приватна колекција, за што "Војо и компанија" дебело заработиле.

ДАРАВЕЛЏИИ

Врз основа на стекнати сознанија за направен криминал тежок над еден милион евра, преку незаконско изнесување на готови текстилни производи од штипска "Македонка" во десетина шлепери, зад решетки се најдоа и екс-пратеникот Амди Бајрам и Илко Ѓорѓиев, актуелен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Штип и поранешен директор на "Македонка - ткаенини" а.д.. Првиот се товари за извршено кривично дело "злоупотреба на службена должност и овластување", а вториот за кривично дело "помагање" при вршење на кривично дело, со што ја оштетиле "Македонка - ткаенини" за над 44 милиони денари. Товарењето на текстилното производство се одвивало под будното око на синот на екс-пратеникот. Во десетина шлепери стоката била префрлена во конфекцијата "Ватекс" - Валандово, сопственост на Бајрам, а оттаму и во неговите магацини во Скопје.

Амди Бајрам, боледувајќи од "клаустрофобија", брзо пропеал за кражбата на десетина шлепери готово текстилно производство, извршена при крајот на 2000 година од магацините на штипскиот комбинат. Бајрам пред истражните органи си го признал делото и во магацините на "Македонка - ткаенини" а.д. е вратен дел од украдената стока вредна околу 800.000 евра.

Недостасува уште "најдебелата зделка" - шверцот со цигари - за да биде дооформена "клиничката слика" на криминалната шизофренија на челните ДПМНЕ-овци. Првиот екс-цариник Драган Даравелски смета дека е прескромен за да биде "капо ди тути капи" во мафијашкиот шверц со цигари, па им препушта на судските органи да пресечат кому од поранешната власт ќе му припадне ваквата чест. Даравелски, според шпекулациите, дебело се омрсил од овој бизнис. Кога се има предвид дека државава цвета од трговија со бело робје и со дрога, тогаш обичниот граѓанин инфаркт може да го трефне ако само претпостави колку екс-првиот човек на Царина го полнел џебот за да замижи при одвивањето на вакви далавери.

Коалиционото партнерство не сакаше да го "посрамоти" ниту екс-министерот за економија, Бесник Фетаи, кој се фати на криминогеното оро и помогна за матните зделки околу НИП-от и во шверцот со шеќер.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"