Министерството за
внатрешни работи со доаѓањето на новиот министер повика претставници од
Народна банка на Р. Македонија да извршат финансиска ревизија во МВР со цел
да се утврди затекнатата состојба во овој дел за да може да се планираат
идните развојни стратегии на Министерството. Состојбата по првичните сондажи
изгледаше не многу надежна во смисла на констатирани нерегуларности во
финансиското работење на МВР, за што впрочем и беа изнесени податоци од
страна на министерот на конференција за печат и тоа за прекумерните
вработувања, авторски договори, штетните финансиски договори и др.
Констатираните состојби во МВР и злоупотребите направени во изминатиот
период секако дека ќе бидат предмет на истрага и кривичен прогон независно
дали станува збор за припадници на МВР или за "деловни партнери" на
поодделни раководни лица од МВР.
МЕРКИ
МС: Невладината организација "Транспарентност" го обвини Зоран Верушевски,
прв човек на Агенцијата за безбедност и контраразузнување, за злоупотреба на
службена положба и овластување, односно за здобивање со два стана. Неговиот
син предизвика сообраќајка, а не беше казнет, а и владиниот стан се уште не
е вратен. Коментар?
КОНТЕСКА: Кога зборуваме за господин Верушевски, тогаш потребно е да
ја знаете институцијата на чие чело е тој, а тоа е Управата за безбедност и
контраразузнување, а не Агенција за безбедност и контраразузнување, што не
го сметам за лапсус, туку за суштинско непознавање на безбедносниот систем
на државата. Во последниов период се шпекулира повеќе од дозволеното околу
јасните ставови на МВР и министерот за одговорноста на сите раководни кадри
во МВР. Директорот Верушевски го понуди својот стан на МВР и со тој чекор го
започна процесот на морална диференцијација и одговорност пред јавноста. Во
моментов се бараат правните форми за враќање на станот во сопственост на МВР,
на кој Верушевски веќе не полага право на сопственост. За сообраќајната
незгода предизвикана од неговиот син, Министерството ги презеде сите мерки,
при што во редовна постапка и во законски рок беше поднесен до Јавниот
обвинител посебен извештај за сторено кривично дело, бидејќи станува збор за
постар малолетник.
МС: Дали МВР има намера да ги отстрани луѓето од ова Министерство за кои
во јавноста струјат информации дека се замешани во афери? Станува збор за
луѓе кои беа на високи позиции и во минатиот мандат на Црвенковски, а и сега
ги предводат истите институции. Зошто Владата поставува "поранешни" луѓе на
исти функции?
КОНТЕСКА: Под терминот "поранешни" јас подразбирам лица кои во
претходниот период беа на раководни функции и кои веќе не се. Од една страна
имаме забелешки дека правиме партиска распределба на раководните места, што
се исклучува со фактот дека на одделни раководни места се уште се "поранешни"
раководители. Независно дали се поранешни или сегашни, доколку се утврди
нивна вмешаност во какви било криминални активности МВР ќе ги преземе сите
потребни мерки за документирање на нивните незаконски дејствија, што е
цврста определба на министерот Хари Костов и генерален став на Владата на РМ.
Исчистете го најпрво својот двор, а потоа ѕиркајте во туѓиот.
МС: Во државава секојдневно ни се случуваат убиства, подметнување бомби,
пресметки помеѓу криминални банди итн. Ситуацијата наместо да се подобрува,
се влошува. Колку е безбедно да се патува во кризните региони? Колкав дел од
македонската територија во северозападните кризни региони не е под контрола
на МВР?
КОНТЕСКА: Нема територија во Р. Македонија која не е под контрола на
институциите кои се грижат за безбедноста на граѓаните. Со воведувањето на
мешаните полициски патроли и 24 часовните патроли во поранешните кризни
региони, се надмина тезата за контрола на територијата до Групчин и од
Групчин. Територијата на Р. Македонија е единствена и како таква се третира
од страна на надлежните институции, а постоењето на криминалните банди во
поранешните кризни региони е предмет на работа на МВР, кое во последните три
месеци успешно се справува со поединци и групи, кои заради одредени
профитерски, криминални или други нечесни мотиви се принудени да се движат
во понедостапните предели, каде веројатно се чувствуваат подалеку од законот.
Не се согласувам со вашата проценка на безбедносната состојба. Проценката на
безбедносната состојба не се базира само врз аспектот за бројот на убиства и
подметнати бомби. Во проценката неопходно е да се земат предвид и аспектите
за безбедносната состојба во соседните земји, потоа глобалните и меѓународни
тенденции во поглед на загрозеност од меѓународниот тероризам,
организираниот криминал и други форми на загрозеност. Дали знаете колку
убиства се случуваат дневно во САД? Дали Америка ја сметате за небезбедна
земја?
МС: Има ли раздвижувања на северното погранично подрачје на
екстремистички и криминални банди? Долго време на територијата на Танушевци,
и пред војната, не патролираа македонски полицајци. Каква е сега таму
состојбата на теренот? Како функционираат мешаните полициски патроли?
КОНТЕСКА: Состојбата во поранешните кризни региони полека, но сигурно,
се враќа во рамки на стабилна и кооперативна атмосфера меѓу населението и
мешаните полициски патроли, кои се грижат за безбедноста и на жителите во с.
Танушевци. Населението од овој дел на земјата, особено во зимскиот период, е
соочено со егзистенцијални проблеми (набавка на храна и огрев, проодност на
патиштата), за што во голема мерка имаат помош од страна на припадниците на
АРМ и МВР.
ПРИТИСОК
МС: Во Арачиново продолжува притисокот врз Македонците со палење на
нивните куќи. Каде е тука македонската полиција да интервенира, односно каде
се мешаните полициски патроли да ја вратат довербата кај Македонците?
КОНТЕСКА: Зошто при поставувањето на ова прашање не ја поставите
тезата поинаку? На ваков начин прејудицирате дека во селото каде живеат
Македонци и Албанци некој ги пали куќите само на Македонците. Тоа треба да
значи или дека некој трет од надвор доаѓа и им ги пали куќите само на
Македонците или дека Албанците ги палат куќите на Македонците. Полицијата до
сега има констатирано во неколку случаи на палење на куќи (делови од куќи)
дека се работи за човечки фактор, но тоа не ја потврдува вашата теза дека
тие се запалени од Албанците соседи во тоа село. Довербата меѓу етнички
различното население, независно дали е тоа во с. Арачиново или во с. Матејче
не можат да ја вратат само мешаните полициски патроли. Одговорноста за
градење на довербата е на сите нас и на медиумите како вашиот.
МС: Пред извесно време на граничниот премин Блаце беше избегнат инцидент
помеѓу "Лавовите" и редовниот полициски состав. Зошто МВР дозволи луѓето кои
заедно беа во војната да нишанат еден кон друг?
КОНТЕСКА: За тоа треба да го прашате поранешниот министер Љубе
Бошковски кому, зошто и што му ветил, а што, со што и колку не исполнил од
тоа. Војната заврши и мирот треба да биде предизвик за сите.
МС: Синдикатот на Единицата за брзи интервенции "Лавови" го обвинува
Министерството за внатрешни работи дека се обидува да го изигра договорот за
трансформација на "Лавовите". МВР, пак, соопшти дека ги поканило "Лавовите"
да учествуваат во заедничката комисија, но тие не сакале да соработуваат и
не ја доставиле потребната документација?
КОНТЕСКА: Сите припадници на Единицата за брза интервенција ги
доставија потребните документи за евиденција и трансформација на оваа
единица. Мислам дека ова доволно ви кажува.
МС: Што се крие зад фамозната гробница кај Железнец?
КОНТЕСКА: Нема фамозна гробница Железнец. Има место каде се
пронајдени одреден број човечки коски, кои од страна на истражниот судија во
Битола се испратени на анализа во Институтот за судска медицина. Го чекаме
конечниот извештај од Институтот и натамошните насоки на истражниот судија.
МС: Има ли некои нови моменти со аферата за фалсификуваните дипломи? Се
подготвуваат ли нови кривични кријави? Зошто во последно време за овој
случај се молчи?
КОНТЕСКА: Напротив. МВР за проблемот со фалсификувани дипломи не
молчи, туку јавно и во средствата за информирање известува за последните
наоди со кои е утврдено дека двајца припадници на МВР употребиле
фалсификувана диплома, за што против истите беа поднесени кривични пријави.
Процесот на откривање на фалсификувани дипломи не е запрен, туку спротивно,
истиот ќе биде интензивиран по последната успешна акција на МВР кога беше
откриен фалсификаторот и неговата работилница во Скопје.