ПОЛИТИКА

Непотизмот како рак-рана на секоја владејачка гарнитура

ЗАД СЕКОЈ УСПЕШЕН ПОЛИТИЧАР ЖЕНА ФУНКЦИОНЕР!?

Жаклина МИТЕВСКА

Рената МАТЕСКА

  • Со слабостите на своите претходници се удираа во гради во изборната кампања, а истото им се врати како бумеранг!
  • Бескрупулозноста и бесрамноста доручкуваат во изобилие, ручаат во сиромаштија, а вечераат во срам, ќе потенцира Црвенковски и ќе измисли единаесетта божја заповед - нема гледање низ прсти, односно прикривање на срамот.

Лакомиот Мечок од Дружината на розата, иакосе перчеше со слабостите и маните на својотсоперник - Лакомиот Мечок од Дружината на лавчето, сепак истата болест го снајде и го плесна како мокра чорапа!

Барем толку да не зборуваа и да не се фалеа на предизборните маскаради. Колку ли критики беа упатувани на сметка на поранешниот министер за одбрана во Владата на Георгиевски, Љубен Пауновски, кој својата жена ја имаше сместено во Управниот одбор на "Македонија пат" и тоа за време додека била на породилно боледување. Што иновација измислиле овие наши високи функционери - ем жените во управни одбори, ем овците на број! Арно ама, не е малку нивното (не)седење во таквите Управни одбори. Во нив има место од стоматолози до гинеколози, само не за стручни луѓе, кои си се офајдувале со повеќе од 10.000 денари, за кои некој лекар во државна болница треба да прегледа еден куп пациенти.

ТИКВАТА ПУКНА!

Покрај другото, ДПМНЕ-овците ја изгубија довербата од народот токму поради непотизмот, криминалот, корупцијата. Ич да не зборуваме за фамилијата и блиските пријатели на екс-премиерката Снешка, за коишто таа се грижеше!? Навистина на граѓаните денес им е многу тешко кога од актуелните функционери ќе слушнат коментари од тимот "па и ВМРО-ДПМНЕ тоа го правеше". Значи, токму затоа тие одлучија да им дадат корпа и да се одлучат за оние за кои веќе сметаат дека таквите "детски болести" веќе од претходното искуство ги надминале.

Мажите што ја разнишаа новата Влада

И залудно се пенеше Жерновски, пратеникот од ЛДП, за маните на луѓето на Георгиевски, кога рака под рака со Шапуриќ и Поповска, па и Гошев си ги наместија најблиските на високи функции (сопругата на Жерновски за член на Управен одбор на "Електростопанство на Македонија", сопругата на Шапуриќ за член на Управниот одбор на "Македонска пошта", сопругот на Поповска, потпретседателката на Собранието, за директор на Македонското радио итн). Иако ги отповикаа своите членови, тиквата пукна, а непотизмот се развиори како знаме кое ја жигоса новата Влада токму кога & заврши медениот месец. Кога нешто ќе пукне, тешко е да се залепи, па така тешко ќе го свариме и оправдувањето на ЛДП дека отповикувањето на нивните членови во управни одбори и во другите установи е во интерс на народот и целосен придонес кон намерите актуелната владејачка гарнитура да биде различна од претходната.

ПОУКИ ОД ИСКУСТВОТО

За среќа, или за жал, виновен е народот што не им дозволи на овие луѓе да се докажат, бидејќи биле многу способни за она што требало да го работат - да седат на фотелја. Да не беше гласот на народот, тие се уште ќе ги уживаа привилегиите и ќе се китеа со џабе заработените пари во управните одбори. Поговорката вели дека "на будалите отпосле им текнува", па така и на Црвенковски му текна да признае дека нема власт имуна на криминал и корупција. Поучен од искуството и од тоа што може да направи народот, тој смисли единаесетта божја заповед - никому нема да му гледа низ прсти. Тој се потрудил да ја научи и германската поговорка дека бескрупулозноста и бесрамноста доручкуваат во изобилие, ручаат во сиромаштија, а вечераат во срам.

Можеби се уште не е доцна македонските политичари да сфатат дека власта не е и не смее да биде привилегија, лагодност и бенифиција, туку пред се одговорност и отчетност. Ќе помине време за народот да сфати, односно да го промени, ако воопшто се случи такво нешто, веќе вкоренетото општо сфаќање за расипаните политичари и криминалната власт.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"