ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

НЕ-ПОТ-ИЗАМ

Гог ма гог

Многу народи - многу приоди, велеше Блаже Конески, и во Клубот на пратениците поеднипати ќе се потрудеше да го извлече коренот на зборови кои не знаевме да ги протолкуваме. Без Блаже, по некоја припроста етимолошка анализа, се обидувам да го анализирам потеклото на моментно најактуелниот збор во нашата држава - непотизмот: дали беше латински, или македонски, и колку е македонски, а колку латински?

Основата, се разбира латинска, на непотизмот е непос, непотис, што значи внук, роднина, а примената му се движи во правец со протекција пополнети високи и добитни функции со "свои луѓе", односно свои роднини.

И тоа е речиси се, на латински! Што е со македонската верзија? Таа е малку "посложена". Овој "прекрасен" збор е составен од негација, од именка и на крајот од потсмешливо име на додавка за појави во животот кои не веселат кога сме тажни.

А, тажни бевме првите сто дена од новата власт. На 101 ден, не развеселија со партиски заклучоци дека време е да се престане со криминалот, со корупцијата и со - непотизмот. Ова "време му е" ми личи како "вкрстен пат": каде Македонијо, во кој правец?

Некогаш ќе дојдеа Србите, ќе си донесеа Срби за владеење, па Бугарите - Бугари, Грците - Грци... Сега доаѓаат Албанците со - Албанци. Ропствата што ги кркала Македонија се неизмерливи, па мислев време е да се куртули од сопственото ропство. Ама тоа било многу тешка работа, едно надчовечко откажување од погодностите кои директно ја нокаутираат сопствената држава.

Некни сакав да ја "урамам" колумната на Тито Петковски, човекот кој како Јосип Броз, за време на кризата со Чехословачка, јавно се пофали и анализа побара за големиот прилив на нови членови во СДСМ.

Ни анализа, ни фалба му треба на Тито: ситуацијата е јасна како ден. Четири години ВМРО-ДПМНЕ вработуваше невработени со книшки, и луѓето ги навикна нивниот најважен и најтажен проблем да се решава - партиски. А, ако е така, мислам така е, зошти тогаш луѓето таа тактика да не ја спроведат со СДСМ и со ЛДП?!

И ја спроведоа: Андреј, Ристе, Стојан, Петре, Зоки... Сите тие го искористија "партиското квиско" да поентираат, иако се свесни (самите тоа го признаа) за одиумот што го произведоа во јавноста и обломовштината (И.А. Гончаров) меѓу своите блиски.

Меѓутоа, интересно е, кога веќе "се турчиме" да се турчиме до крај: не сите во ВМРО-ДПМНЕ, ни во СДСМ, ни во ЛДП и другите партиски тврдини, се служат со - непотизам. Има достојни, одважни и коректни партијци на кои им е под чест и достоинство да вработуваат свои луѓе, па по цена и да го изгубат својот патерналистички статус во својата најблиска околина. За нив вреди и да се биде член на партија, но никако не за оние кои во партијата гледаат само личен интерес.

Изненаден сум од Тито Петковски кога бара анализа за тоа зошто толку навалица за членство во СДСМ. Од него и од неговата мудрост очекував да побара "галупово испитување" на јавноста за нанесените штети на партиите од партиските зачленувања и вработувања, оти никаде во светот членството не носи победа на партијата, туку тоа го прават симпатизерите освоени од државничките потези на раководствата на партиите.

За жал, кај нас каква ни е политиката, таква ни е и верата: не знаете колку се воодушевувам на играта на еден англиски тим, оти во таа игра гледам - натпревар. Овде во Македонија се е наместено. Погледнете ги професорите на факултетите, се некому некој нешто! Кој ќе биде доктор, ако не синот на докторот!!!


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"