КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ХЕРОИТЕ ДОАЃААТ ОД ПЛАНИНИТЕ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Албанските радикали сметаат дека претстојниот период, односно пролетта, може да им донесе многу повеќе бенифиции и предности доколку пристапат кон воен начин на решавање на нештата, отколку да чекаат мирот, демократијата и дипломатијата да им ги донесат резултатите.
  • Мрачниот мир проследен со лаежот на селските пци е дел од стратегијата на единицата "Скендербег" која веќе нескриено ги покажува апетитите не за човекови права, туку за насилно приграбување на македонската земја.

Ирачката криза го привлече вниманието на светските моќници. Нови епизоди од старите и веќе видени филмови за собору-вање на локалните вождови кои не чинат ништо друго освен што ги расипуваат сметките на белосветските стратези. Желбата и апетитите за доминација на големците повторно ќе паднат врз грбот на изнемоштените мали народи не само во блискиот регион каде би се изведувале воените дејствија, туку и пошироко.

Ирак е далеку од нас, не би не засегнал лично и директно и покрај штетите кои би можеле да ги претрпиме од се поизвесната нафтена криза во светот. Штетноста по нашиот регион би се согледала во сосема поинакви облици од оние за кои многу наши политички кариеристи зборуваат или анализираат. Имено, неспорна е тезата дека почетокот на воениот дуел меѓу Американците и Ирачаните би ги насочил европските и светските институции и организации кон целосна посветеност на тој проблем. Неспорен е фактот дека со тоа Балканот како црна дупка на стариот континент барем привремено, додека тече операцијата на средниот исток, ќе остане настрана од будните очи на Брисел и Вашингтон. Добро или лошо? Позитивно или негативно? Крајната поделеност на балканските народи, поаѓајќи од оваа гледна точка, изродува и сосема спротивставени ставови по ова прашање.

ЗЛОКОБНИ ПЛАНОВИ

Сосема е јасно дека дистанцирањето на меѓународната заедница од просторите на западниот Балкан некому би му одело во прилог и покрај големото присуство на мировните трупи во Босна и на Косово. Таквата опција, пак, би била неповолна пред се за оние кои опстојот на овие подрачја го гледаат само преку призмата на меѓународната дипломатска помош. Поизострено кажано, оттргнувањето на вниманието на меѓународната заедница би им одело во прилог на радикалните компоненти на се уште постоечките вооружени формации на просторот на Косово, Јужна Србија, Северна Албанија и Северозападна Македонија. Делумното отсуство на меѓународната грижа за балканските случувања ќе претставува извонредна можност за повторна анимација на застарените проекти на наводно онеправданите. Најави за тоа постојат уште од последните месеци на минатата година кога многу релевантни домашни и странски организации предупредија на опасноста од реактивирање на вооружените дејства на криминално-терористичките банди во споменатите области. Започнатите раздвижувања околу ирачката криза можат само да ги забрзаат активностите кои долго се подготвуваа за некои понатамошни времиња. Оттука произлегува и се поголемата оперативност на безбедносните ресори на македонските институции кои полека, но сигурно, ги пуштаат во јавен оптек информациите и податоците кои до пред извесно време ги демантираа и оспоруваа. Значи, работите не стојат толку оптимистички како што некој сакаше да не увери.

Иницијалната каписла за новите балкански судири би требало да се бара во се почесто најавуваната резолуција на косовскиот парламент кој ќе содржи прогласување независнот на покраинскиот протекторат. Сосема доволно за да се налути официјален Белград и да тргне во дипломатска акција. Патриотските и националнаите чувства повторно би се издигнале на нивото како во времето на Милошевиќ. Провокациите би станале секојдневие, а основа за тоа веќе има со последните терористички напади во Прешевската Долина во кои имаше и жртви. Косово повторно би било полигон за екипирање и формирање на одредите и дивизиите на новите УЧКИ, а сето тоа би се изведувало пред замижаните очи на сектори на КФОР. Секоја нивна контрареакција би значела ризикување на животите на невините војници од НАТО - земјите. Затоа, опасноста е двојна. Далеку поразлична е ситуацијата во нашава земја каде коцките на мозаикот се поинаку поставени од оние кај нашите соседи.

Во Македонија меѓународното присуство е сведено на минимум, во кризните региони се уште е на сцена владиниот циркус со надежните мешани полициски патроли кои со по едно пиштолче в рака можат да бидат многу лесен плен за фанатичните борци на АНА или оние на комитетите за ослободување на "запоседнатите" територии. Од друга страна, на институционален план се е решено и лимитирано. Нема повеќе никакви дипломатски и политички преговори за задоволување на амбициите на забеганите типови. Тоа пак наведува на заклучок дека не преостанува ништо друго освен судир на малубројните групи или организации и нивно физичко елиминирање од просторите во кои создаваат неволји. Раздвижувањето на ваквите формации кои се позачестено лобираат кај локалното месно население е добро познато и во редовите на меѓународните кругови па затоа видни, но во јавноста анонимни западни функционери, се обидуваат да ги спуштат топките кај свежите терористички единици убедувајќи ги во фактот дека сега не е времето за тоа. Албанците пак повеќе не можат да веруваат во реториките на нивните сојузници особено поради тоа што досега не се остварија ветувањата на некои администрации дека Косово ќе добие независност. Тие сметаат дека време е судбината да ја земат во свои раце и со притисокот на оружјето да го кажат својот последен збор.

Албанските радикали сметаат дека претстојниот период, односно пролетта, може да им донесе многу повеќе бенифиции и предности доколку пристапат кон воен начин на решавање на нештата, отколку да чекаат мирот, демократијата и дипломатијата да им ги донесат резултатите. Тоа го говорат следните показатели. Прво и основно на што тие се темелат е ирачката криза и улогата на меѓународната заедница во неа со што таа ќе има многу помала можност да се вмеша во ситуацијата. Второ, Приштина вешто ќе игра и на картата на влошените односи меѓу САД од една и Франција и Германија од друга страна со што Западот би бил неединствен во средувањето на хаосот што секако им одговара на екстремистите. Трето, позицијата на Албанците во Македонија сега е многу поповолна отколку во 2000 и 2001 година и би значела само продолжување на патот изоден до половина. Четврто, погодно тло за акција се наоѓа и во растуреното македонско ткиво, неединството на политичките сили и започнатите реформи во безбедносните сили. Сите овие компоненти кои во моментов се базираат само врз претпоставки идеално се вклопуваат во проектот на криминалните мрежи за нова серија бранувања на овие простори.

ЗАТИШЈЕ ПРЕД БУРА!?

Дваесетината убиства кои во државава се случија за само еден месец е јасен вовед во многу поопасни игри со поголеми последици. Кумановско-липковскиот регион навидум е мирен, навидиум ништо не се случува, да се изразам со зборовите на официјалните претставници во Владата, влегуваме во период на безбедносна стабилизација.

Но, мирот по селските темни сокаци не значи дека се си дошло на свое место. Мрачниот мир проследен со лаежот на селските пци е дел од стратегијата на единицата "Скендербег" која веќе нескриено ги покажува апетитите не за човекови права, туку за насилно приграбување на македонската земја. Ниту тетовско-гостиварските случувања не заостануваат во тој поглед. Тие се дури во многу понапреден стадиум од кумановските. Вршењето грабежи по селата, стопирањето и ограбувањето на возилата по регионалните патни правци, подметнувањето експлозивни направи во станбени објекти и убиствата со криминална заднина почнаа да стануваат вообичаена практика слична на периодот од кризата кога македонските органи само ги пребројуваа пукотниците кој колку пукнал во текот на ноќта.

Заедничката нишка на сите овие безбедносни девијации е што лицата кои го нарушуваат јавниот ред и мир повторно како во "старите добри времиња" се појавуваат во униформи со се уште неидентификувани ознаки на припадност. Фактот што се појавуваат и вооружени групи на споменатите локации логично покажува дека не се работи за криминалци кои посегаат по материјална корист, туку за класични терористи. Обидите на македонскиот институционален систем да & прикажат на меѓународната јавност дека тоа се лица кои припаѓаат на разгранета терористичка мрежа во текот на кризата не вродија со плод. Дали и овојпат би можело да биде така?

Официјален Брисел јавно изнесе податоци и мислења со кои се укажува на слабата заинтересираност на партијата на Ахмети да придонесе во стабилизирањето на политичко-безбедносната состојба во државата и недоволниот учинок во процесот на враќање на соживотот во кризните региони. Демократскиот пристап кон решавањето на проблемите потпирајќи се врз новиот уставно-правен концепт од страна на ДУИ би наишло на негодување и несакани реакции кај неговите опоненти, малубројни, но опасни за неговиот опстој во власта. Сега Ахмети се обидува да ги наговори своите довчерашни соборци дека простор за војна нема, дека сето преостаното што треба да се доземе ќе го стори по институционален пат за време на мандатот што го има. Но, радикалите не веруваат во празни вербализими. Истото им го велеше и Џафери, па ги извиси. Зошто Ахмети би бил поразличен од него? Сите знаат дека тој е длабоко навлезен во фазата за негово рекомпонирање од терорист во демократ. Оттука, неговата врска со оружјето е далечно минато. Но, би дозволил ризик по неговата личност.

Албанците почувствуваа дека надоаѓа мигот кога по Арбен и Алија треба да бараат свој нов миленик, нов мит, да го бараат својот нов херој. А тој херој не доаѓа од институциите, не доаѓа од топлите кабинети, хероите не носат вратоврски и кожни ташни. Хероите доаѓаат од планините, од бачилата, од високата Шара. Се друго би било неприродно. Предизвиците пред кои сме исправени никогаш не исчезнуваат, тие никогаш не се решаваат. Остануваат да талкаат низ балканските бездни со векови и векови, ќе пресретнат и ќе испратат многу нови генерации. Сите заминуваат, тие остануваат. Да не бидеме во заблуда дека ние можеме да ги пребродиме, уште помалку да ги елиминираме. Мораме да се привикнеме, да научиме да живееме со нив во секое време. Друг избор и како да немаме. Ќе се менуваат гарнитурите, ќе се редат нови државници. Ќе не убедуваат во спротивното. Ќе лажат. И самите ќе знаат дека ништо не можат да сторат на ова проклето парче земја. Наше ќе биде само да преживееме. И ништо повеќе од тоа.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"