Нови амбасадори

Виктор Димовски, Благој Ханџиски и Зоран Јолевски се тројцата кандидати на Владата за амбасадорските места во Белград, Атина и во Мисијата на ОН во Женева. Министерката за надворешни работи, Илинка Митрева, најави дека до крајот на неделава ќе бидат познати и имињата на кандидатите за амбасадори во Тирана и во Берн. Неофицијално, како кандидат за амбасадор во Тирана се споменува Тихомир Илиевски, но тој повеќе бил заинтересиран за некоја западна земја.

Бакарна книга за Александар Македонски

Бакарната книга од првиот век пред нашата ера, во која се споменува името на Александар Македонски и се опишани настани од времето на македонската историја, била пронајдена пред 25 години во импровизирана пештера во близина на планината Беласица кај Струмица. Фотографии од наодот, деновиве, за првпат објави Македонскиот центар за карпеста уметност во Куманово. Книгата во моментов е сопственост на приватно лице, а ја пронашол пред 25 години додека барал злато. Таа, како што тврди Душко Алексовски, претседател на Центарот за карпеста уметност, има пет бакарни страници, со текст на латински, неколку старогрчки зборови и многу знаци на старомакедонски јазик.

Црвенковски доби уште еден мандат

На четвртиот конгрес на социјалдемократите Бранко Црвенковски доби уште еден мандат за лидер на СДСМ. Тој освои 663 гласа од вкупно 673 делегати. Во битката за генерален секретар победа однесе поранешниот гевгелиски градоначалник и актуелен пратеник во Парламентот, Никола Ќуркчиев, за кого гласаа 397 делегати со што се оствари предност од 120 гласа над противкандидатот Лазар Еленоски кој доби 276 гласа. Конгресот избра и нов Централен одбор од 75 члена, а установи и нови партиски функции - организациски и меѓународен секретар, како и регионални секретари.

Уапсен Бојку - трговецот со бело робје

Четириесет и три годишниот трговец со бело робје, Дилавер Бојку од селото Велешта - Струшко, од 9 јануари е во триесетдневен притвор. Тој е уапсен во организирана акција на МВР, ДБК и Интерпол, служби кои трагаат по Бојку неколку години. Во поднесената пријава од МВР од Основниот суд во Струга, Бојку се товари за повеќе кривични дела, меѓу кои трговија со бело робје, посредување во проституцијата и недозволено поседување огнено оружје и распрскувачки материјали.

Новата власт потфрли во собирањето оружје

Новата власт вклучувајќи го и Парламентот, потфрли по прашањето за итноста на донесувањето на законот за собирање на оружјето во Македонија, изјави претседателот на Собранието, Никола Поповски, за радио Слободна Европа.

Наше изборно ветување беше дека овој закон ќе биде донесен во првите сто дена. Трите месеци поминаа, а криминалот не чека, потенцира Поповски додавајќи дека Владата најавува дека законот за собирање на оружјето ќе го предложи на пролет.

Резервистите бараат правда

Околу двесте резервисти протестираа пред македонската Влада со барање да им се исплатат надоместоците за пензиско-инвалидско осигурување, неисплатените додатоци и да им се даде предност при вработување во државни институции. Тие бараат средба со премиерот Бранко Црвенковски или со министерот за внатрешни работи, Хари Костов.

Верушевски во дипломатијата?

По скандалите со сообраќајката на синот на Зоран Верушевски, со полициски голф и со, како што пишува "Вест", аферата за станот, можно е Верушевски да биде сменет, а како замена за директорската фотелја во ДБК тој пројавил интерес за дипломатско место во Амбасадата во Турција.

Новинарите против данокот

"Не оданочувајте го информирањето" е јавната акција која ќе ја поведат печатените медиуми и агенциите во Македонија, протестирајќи поради планираното зголемување на даночните стапки на нивните производи, кои можат да доведат до зголемување на цената на весниците. Ова го соопшти Асоцијацијата на печатените медиуми и новински агенции на Македонија (АПНМ), по седницата на Управниот одбор, на која се разгледувале планираните зголемувања на даночните стапки од страна на Владата, со кои се опфатени и средствата за јавно информирање.

Министерот Дарлишта краде струја

Министерот за правда диво користи струја, без да плати за приклучок и за електрична енергија што ја користи во својата куќа, во скопската населба Визбегово. Министерот Дарлишта потврдил дека бесправно користел струја, меѓутоа причина за тоа, според него, биле нерасчистените имотно-сопственички односи на неговата куќа.

Нема азил за Македонците во Британија

Британската Амбасада во Скопје реагираше по одлуката на британската Влада да го укине азилот за Македонците со коментар дека овој чекор значи оти во Македонија жителите не се гонат поради нивната верска, политичка или расна припадност. Во соопштението на британската Амбасада, исто така, се вели дека Македонците што сакаат да учат или работат во Британија се добредојдени, според познатите критериуми.

Тепачка на Педагошкиот факултет во Штип

Седницата на наставно-научниот совет на Педагошкиот факултет "Гоце Делчев" од Штип, која се одржа на 11 февруари, а на чиј дневен ред била точката за реизбор на асистент по информатика, завршила со голем скандал и тепачка. Откако деканот Блаже Китинов, го прогласил изборот на новиот асистент за ова место, Зоран Здравев, магистер по компјутерска технологија и информатика, стариот асистент, се спротивставил.

Деканот бил задржан на лекување во Медицинскиот центар во Штип.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"