КОМЕНТАР

Сито и Решето

ПОПИС 2002 ГОДИНА - АЛБАНЦИ 18,4 ПРОЦЕНТИ

Од Редакцијата

Охридскиот документ донесе големи турбуленции и поместувања во правното уредување на Република Македонија. Тој беше почеток на хаосот што се случува во државата. Едните се наоѓаат наспроти другите. Третите како да не постојат. Никаде ги нема. Станаа поединци, односно индивидуи затоа што Заедницата ги збриша од наталната, етничка и ако сакате национална карта на државата. Граѓанското општество и човековите права и слободи се уништени поради правата на колективитетите. Џабе ни се таквите придобивки кога сме омеѓени со ѕидови. Кога превезот ни го крие спобудалениот ум. Кога не знаеме што правиме и градиме од хибридната рамковна хартија што ја измисли советникот на Претседателот.

Тезата што ја протежираат големите сништа на разјарените екстремни елементи на двоглавиот црн орел е лоша. За нив според силата на оружјето не постојат другите, бидејќи помалку се котат. Помалку се испилуваат. Впрочем, ако се тргне по нивната надуена бројност и за големината на нивната нација, правно протолкувано Заедница биле обесправена, а другите кој ги шиша. Тие не се битни. Но, .... што ако продолжиме да размислуваме според нивната простачка логика. Каде не води тезата за плодноста? Никаде, освен во "ендекот" на срамот. Меѓутоа, дали некој ќе ни одговори и дали ќе ја сноси одговорноста, ако падне тезата за "фалусот и плодната нива"?

Според логичноста на аргументите и фактите што се анализираат од теренот, Пописот во 2002 година укажува на јаловост на земјата. Бројот на бројната Заедница се топи. Се намалува и паѓа под лимитот што го измислија поединците во Република Македонија, а им го дошепнаа (им наредија) да го прифатат странските доушници. Кој сега ќе го лаже народот? Македонските потписници или освојувачите?! Што ќе правиме со процентот од 18,4 осто Албанци во Македонија? Ќе направиме рикверц!?

ИМУНИТЕТ

Рикверцот многу ќе не чини. Исто онака како што ја преживеавме 2001 година. Има ли вина во виновниците за таа криза? Има ли сега храброст некој нив, и нашите (потписниците) и нивните, да ги стави во апсана? Ќе се најдат ли храбри луѓе да ги поапсат пресметувачите што не знаат проста математика, а граѓанските права и демократијата ја уназадија за стотици години уназад. Веруваме дека има. Но, лошо е што сметководителите, планерите на меѓунационалната криза имаат загарантиран имунитет и се наоѓаат во Парламентот. Сега нив ги штити нелогичното правно уредување. Тие се "пелцовани" од т.н. синдром на заедници. Но, затоа нашиот имунитет по воената и закрвавена криза е паднат. Кој ќе ни го врати имунитетот по оваа страотна ујдурма што ја направија? Сигурно само чесните и доблесни политичари кои се уште имаат свест, национално чувство и верност кон Република Македонија. Законите што се донесоа можат лесно да се менуваат. Впрочем, за овие десетина години донесовме еден тон правна хартија, ама никој не ја почитува. Така ние лесно можеме да ја смениме правната регулатива. Но, сепак, мораме да извлечеме поука дека тезата за бројноста и плодноста никаде не не води, туку мораме да градиме нови меѓунационални односи. Ако во една Америка можат да се американизираат: Кубанците, Порториканците, Италијанците, Ирците, Македонците во Детроит, Албанците во Бостон, тогаш и ние мораме да се навикнеме така да живееме на овој мал простор кој е дом на многумина и на Македонците и на Албанците, на Србите, Власите, Ромите и други.

РЕНДГЕНСКА СЛИКА

Рамковниот договор заринка во ледениот брег наречен аргументи. Бродоломот се случи затоа што силината на товарот, на фактите е толку проста што и најбезумните ќе ги претвори во големоумници. Затоа сега мора да се признае дека одредени лица (политичари), толку ја утнаа работата со Документот што нивната глупост со слушалките и другите придобивки се природна последица на лошото замислено сценарио. Следните проекти мораат да се стопираат, бидејќи процентите што се вкалкулирани по меѓународни стандарди, подготвени во прашалниците на ЕУРОСТАТ, ја даваат вистинската рендгенска слика за националната карта во Македонија. И натаму Македонците се најбројни, по нив следат Албанците чиј процент нужно ќе се намали близу за пет осто, потоа следат Власите, Ромите и Србите и преостанатите. Никој не треба да стравува дека е заборавен, или избришан. Сите се присутни, освен оние што се надвор од земјава. Но, се разбира, по некој белосветски терк и тие се влезени во планот и програмата за работа. Сепак, останува да виси во воздух дилемата - зошто така фино сите бевме обработени. Се палевме на страстите, се разгоруваа националните чувства, се величеа соништата. Но, сонот за големината и за Големата се едно сонувано јаве, а реалноста е нешто друго. Никој не може да ви забрани да сонувате, но сепак гледајте тоа да биде приземјено оти начинот на кој ги гледавте работите ви се врати како бумеранг. Пропаѓа Рамковниот документ, а по сила на логичноста ќе мора да се преиспита целокупната ујдурма. Од улогата на потписниците до умот на граѓаните. Можеби тој се уште не е инфициран и загаден од простотилакот што ни го наметнаа.

ОРУЖЈЕТО

Следен чекор е битката во Парламентот. Треба соодветно да се казнат приредувачите на лошата, национална, екстремна и шовинистичка игра. Но, истовремено да се подготви терен за да се преиспитаат оние сегменти од правната регулатива што ги спречуваат другите етнички групи да ги остваруваат националните чувства. Тука има простор за маневрирање, но не и за манипуалција, бидејќи мангупите и манипулантите се обидоа да ја уништат Република Македонија. Тие се уште се доволни силни, бидејќи нивните простодушни елементи го скрија оружјето. Тоа е најголемата опасност за нашата држава. Го има безброј и во количества што можат да загрозат и далеку помоќна сила. Затоа битката мора да се води и во парламентарните клупи, но и на терен. Таму се уште царуваат одметнатите екстремисти на албанската популација. Тие арач земаат од Македонците, но во последно време и од Албанците. Бандитите го контролираат нивниот живот, а претставуваат голема опасност за опстанокот на државата. Ако таа до сега беше на "климави нозе" и коленичеше, сега треба да се воведе ред. Но, сепак, се уште постои шанса да се разгоропади екстремизмот, бидејќи се протнаа во 2001 година. Меѓутоа, се протнаа и низ системот на правната држава. Можат ли амнестираните повторно да имаат моќ да станат силен дестабилизирачки фактор во Македонија и пошироко?!


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"