ветското првенство во скијање кое
се одржува во Сент Мориц во Швајцарија е во полн ек и е моментално
најважната спортска работа која се одржува во светот.
Светското првенство се следи со големо внимание поради неколку причини и
тоа: прво, сите се прашуваат какво ќе биде враќањето на Херминаторот т.е.
Херман Маер кој имаше тешка сообраќајна несреќа поради која ја пропушти и
Олимпијадата во Солт Лејк Сити, дали хрватското чудо Јаница Костелиќ "ќе
експлодира" како што тоа го направи на Олимпијадата, дали старите волци од
типот на Еберхартер можат да им парираат успешно на младите фаци кои се
појавуваат и конечно дали ќе има некое ново име кое ќе се наметне како еден
голем потенцијал и кој ќе остане забележан во иднина. Одговор на сите овие
прашања можеме да добиеме по завршувањето на првенството кога ќе се сумираат
сите резултати и ќе се види кој што постигнал.
МАКЕДОНСКА РЕАЛНОСТ
Светското првенство во Сент Мориц е важно за Република Македонија затоа
што на некој начин не враќа во суровата македонска реалност и не потсетува
само колку е запоставен овој спорт во Македонија. Имено, Македонија на ова
светско првенство е претставена од само еден учесник и тоа младиот Ѓорѓи
Марковски кој се смета за голема македонска надеж и во кој, според сите
македонски експерти, треба многу да се вложува за тој да го истакне својот
талент.
Само да потсетиме дека токму Ѓорѓи Марковски пред неколку години беше прв
на неофицијалното светско пионерско првенство и дека токму ова првенство ќе
биде негово огнено крштевање и вистинска слика за неговата вредност и
неговиот потенцијал затоа што несомнено е дека потенцијалот најдобро се
проверува кога се натпреваруваш со најдобрите. Ѓорѓи Марковски на ова
првенство ќе настапи во дисциплините слалом и велеслалом кои се сметаат и за
негова специјалност. Очекувањата се да се извозат двете трки, односно да се
избори пласман, а ако е можно тој пласман да се направи да биде што е можно
подобар. Навистина ова ќе биде одличен тест за моменталните можности на
Ѓорѓи Марковски и вистински начин дали тој навистина е голема македонска
надеж со која треба да се работи и да се вложува. Многу е важно да се сфати
дека кога ќе се работи со Марковски да се успее да му се вметне еден
победничи менталитет, односно да престане да се размислува дека е важно само
да се учествува, туку и дека е важно да се избори што е можно подобар
пласман.
СОСТОЈБИ
А кога треба да се пишува за состојбата во скијањето во Македонија, тогаш
веднаш можеме да кажеме дека таа е катастрофална. Прво, виновникот за
таквата катастрофална состојба треба да се бара во неконтинуираната работа
со македонските скијачи и секако недоволното вложување во овој доста
атрактивен спорт. Понатаму, како причина може да се наведе и воениот
конфликт кој владееше во Македонија поради кој нашиот најдобар и
најпопуларен скијачки центар остана запустен, а со него згасна и
манифестацијата која на некој начин беше одличен промотор на македонското
скијање, а тоа е Шарпланинскиот куп. Недоволниот број на натпревари и малиот
број клубови и на спонзори се исто така едни од причините поради кои
скијањето во Македонија замира.
Излезот од ваквата ситуација треба да се гледа во следното: прво, треба
да се направи програма за промовирање на скијањето и негово актуелизирање и
во другите скијачки центри во Македонија како што се Пелистер, Маврово,
Галичица, Голак и другите потенцијални скијачки центри кои ја имаат сета
инфраструктура, а се недоволно искористени. Паралелно со ова треба да се
организираат и поголем број натпревари со кои нашите скијачи би добиле еден
натпреварувачки ритам. Исто така, треба да се направи се за да се обезбедат
финансиски средства за учество на нашите скијачи на натпревари од светски
ранг затоа што само така можеме да видиме дали напредуваме и дали воопшто ќе
стигнеме некаде. Кога еднаш ќе почнат да се постигнуваат резултати и
интересот на луѓето кои сакаат да вложат пари во овој спорт ќе биде поголем.
Навистина треба многу да се работи за да се промовира скијањето во
Македонија. Најитно треба да се обнови Шарпланинскиот куп и да се обезбедат
пари за настапи на нашите скијачи на натпревари во странство затоа што само
на тој начин ќе одиме напред.