ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов, Свети Јован Златоуст

МЕДОТОЧНИ РЕКИ НА ПРЕМУДРОСТА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Со својата голема ученост и мудрост, победија се во науката и ја просветија вселената со зраците на Божествените догмати. Затоа и се наречени "Три најголеми светители на трисолнечното Божество".
  • "Ние сме едно во Бога, меѓу нас нема ни прв ни втор. Нашата главна грижа и настојување е: да го помируваме и во единство и во согласност да го предводиме светот, а не да го делиме".

Големите Три Ерарси и вселенски учители: Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст, пастири на Христовата Црква, се извор на љубов, вера, милостивост, знаење, правда и поука. Овие "медоточни реки на премудроста" ја возвишија Евангелската проповед и сите созданија ги напоија со бистрите води на Богопознанието.

Со својата голема ученост и мудрост, победија се во науката и ја просветија вселената со зраците на Божествените догмати. Затоа и се наречени "Три најголеми светители на трисолнечното Божество". Секој од овие светители има посебен ден на празнување во јануари.

ВЕЧНО ЕДИНСТВО

А овој заеднички празник е востановен заради следните причини: За време на Византискиот цар Алексиј Први Комнен, меѓу учените луѓе во Цариград настанал спор околу тоа кој од овие Три Светители е најголем. Едни го воздигале Св. Василиј Велики заради неговата храброст, чистота и длабоко навлегување во тајните на човечките суштества. Други го воздигале Св. Григориј Богослов заради неговата длабочина и висина на умот во богословието, мудроста и прекрасниот стил на пишување. Трети го воздигале (го издигале) Св. Јован Златоуст, заради неговата чудесна красноречивост, возвишеност и силина на мислите. И тогаш едни се нарекле Василијани, други Григоријани, трети Јованити. Но, Сесилниот Бог го решил овој спор за доброто на Црквата и за поголема слава на Трите Ерарси.

Јован, Митрополит Евхаитски, еден од истакнатите црковни писатели во 11 век, имал визија во сон. Прво му се јавиле секој од овие Три Светители во неискажана красота и голема слава, а потоа и сите тројца заедно. Тогаш му рекле: "Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и ништо нема во нас противречно. И меѓу нас нема ни прв, ни втор... затоа нареди да престанат да се делат оние што прават спор за нас. Зашто и за време на нашиот живот на земјата, а и сега, нашата главна грижа и настојување е: да го помируваме и во единство и во согласност да го предводиме светот, а не да го делиме". Му рекле на Епископот да им состави Богослужба и да им одреди еден заеднички празник. Преподобен Јован за заеднички празник во нивна чест го одредил датумот 12.02 - по нов календар. Празникот е востановен во 1084 година.

СВЕТО ТРОЈСТВО

Св. Василиј Велики, Архиепископ на Кесарија, е роден во Малоазиската област Понт, во Нео Кесарија, околу 330 година. Ја изучил филозофијата, астрономијата, реториката и се усовршил во науката. Успешно управувал како архиепископ скоро 9 години. Оставил на Црквата многубројни богословски, канонски и апологетски дела. Ја составил Василиевата Литургија. Неговата душа станала живеалиште на Божјата светлина и заминала кај својот Создател на 1.01 во 379 година.

Св. Григориј Богослов, Архиепископ Цариградски, "големото и чудесно светило на Православната Црква" е роден во градот Назијанз во Кападокија. Ги изучил светските науки во познатите школи на тоа време во Кесарија Кападокиска, Кесарија Палестинска и во Атина. Заради многубројните богословски дела што ги напишал и ненадминливата длабочина на неговиот ум, е наречен Богослов. Особено е значајно неговото дело "Беседа за Света Троица". Водел борба против аријанството и еретиците Македониј, Аполинариј и царот Јулијан Одстапник. На Вториот Вселенски Собор во 381 година тој се повлекол од архиепископскиот престол заради проблемите околу неговиот избор и изјавил: "...Не можат нас да не лишат од Бога оние кои не лишуваат од престолот". Заминал во Кападокија, во село Аријанз, каде напишал корисни книги. Починал на 25.01 во 389 година. Бил погребан во градот Назијанз. По повеќе години неговите свети мошти ги пренел цар Константин Порфирогенит во Костантинопол.

Св. Јован Златоуст, Патријарх Цариградски, е роден во Антиохија во 347 година. Тој е глас на Божјата вистина. Успешно управувал со Црквата шест години. Го протолкувал Светото Писмо. Ја напишал Златоустовата Литургија, оставил драгоцени беседи. Се прославил со силата на зборовите и е наречен Златоуст. Ја изобличил царицата Евдоксија која го испратила во прогонство три години каде многу страдал. Ја изобличил неправдата и починал во прогонство на Крстовден, во 407 година во ерменското село Коман. "Слава на Бога за се", биле неговите последни зборови. Неговите свети мошти во 438 година биле пренесени во Цариград во Црквата "Св. Апостоли".

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"