СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

РИМСКИОТ ГЕНЕРАЛ ЕМИЛИЈ ПАУЛ ВОЈУВА ПРОТИВ МАКЕДОНЦИТЕ

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Врз основа на постари (сега изгубени) истории, Плутарх оставил детален опис на битката кај Пидна, по која Македонија била окупирана од Римјаните!
  • Македонците отпрвин имале успех во битката, но подоцна биле навлечени на нерамен терен, поради што Македонската фаланга не можела успешно да дејствува!

Плутарх пишува дека откако бил избран за генерал кој ќе војува против Македонија, Емилиј Паул одржал говор во кој побарал целосна поддршка од Римјаните. Јавноста во Рим со воодушевување го прифатила неговиот говор, по што тој ги почнал подготовките за нов напад против Македонија.

Потоа Плутарх прави анализа на војната помеѓу Римјаните на чело со генералот Емилиј Паул и Македонците. Плутарх пишува дека Емилиј Паул ја добил војната благодарение на низа околности. Тој дава податоци и прави анализа и за подготовките на Македонците за оваа пресудна војна, па во врска со ова пишува:

"На барање од Персеј дојдоа десет илјади коњаници од Бастраните и исто толку пешадијци, кои одеа заедно со нив и ги заменуваа доколку некој од нив падне. Сите тие беа добро обучени војници... Кога дојдоа во областа Медика и кога се стационираа и измешаа со војниците на кралот... тие им влеаја нова храброст на Македонците кои помислија дека Римјаните нема да можат да им се спротивстават на овие војници".

Но, Плутарх пишува дека Бастраните наеднаш побарале поголемо количество злато, што Персеј одбил да им го даде. Изнесен е податокот дека само нивните офицери барале по илјада златници за да учествуваат во војната.

Персеј почнал да се колеба и, како што покажуваат историските настани, тој го одбил предлогот на Бастраните, по што тие незадоволни си заминале преку Дунав. Иако имал пари да ги плати, Персеј покажал колебливост и мнозина историчари сметаат дека тоа било пресудно за неговиот пораз и за сломот на Македонија.

Критики кон Персеј за неговата колебливост упатува и Плутарх, правејќи споредба помеѓу него и неговите славни претходници Филип и Александар Македонски. Тој пишува дека Персеј се плашел да го допре огромното богатство небаре му припаѓало на некој друг, а не на Македонија. Критикувајќи го заради ваквата колебливост, Плутарх пишува:

"И сето тоа го направи човекот што не потекнуваше од Лидијците или од Феникијците, туку човек што претендираше дека има нешто заедничко со Александар и Филип со кои беше сврзан уште од своето раѓање. Тие беа луѓе кои го освоија светот, сметајќи дека империја се создава со пари, а не пари со империја".

Во продолжение Плутарх потсетува на неколку примери на успешно работење со парите од страна на Александар Македонски, но и на промашувања од страна на Персеј, кој не умеел правилно да го користи македонското богатство за одбрана на Македонија, а не умеел ни да преговара со своите можни сојузници.

ЕМИЛИЈ ПАУЛ ВО МАКЕДОНИЈА

Во таква состојба, пишува Плутарх, дошло до решавачката војна помеѓу колебливиот Персеј и успешниот римски генерал Емилиј Паул. Македонската војска броела околу четири илјади коњаници и четириесет илјади добро обучени пешадијци во составот на Македонската фаланга. Имало поставено утврдувања долж целата граница.

Откако стигнала Римската војска, неколку дена не презела никакви акции. Бил проучуван планот за напад. Тогаш Емилиј Паул бил известен дека во македонската одбрана имало еден небранет премин низ кој Римската војска можела да се пробие. Емилиј Паул ги повикал своите команданти на консултации. Меѓу нив бил и зетот на славниот римски војсководител Скипион Африканецот, кој исто така се викал Скипион. Еден од командантите бил и најстариот син на Емилиј Паул, кој се викал Фабиј Максим (Fabius Maximus). На Римјаните на помош им дошле Тракијци и Критјани. Се било подготвено за големиот судир. Плутарх пишува дека пред судирот владеела необична тишина, каква што никогаш дотогаш немало помеѓу две толку големи војски. Во продолжение на делото на Плутарх читаме дека еден Критјанец побегнал од Римската војска и отишол кај Персеј, известувајќи го за планот на Римјаните да навлезат преку небранетиот премин. Персеј испратил една единица за да го заштити тој премин. Во врска со ова Плутарх пишува:

"Персеј... испрати десет илјади платеници и две илјади Македонци под команда на Мило со наредба што побргу да го запоседант преминот".

Но, кон преминот веќе била упатена и една единица на Римската војска. На врвот од планината дошло до жесток судир помеѓу македонската и римската војска, во кој Римјаните излегле како победници. Во битката, како командант на Римјаните, учествувал и зетот на Скипион Африканецот кој подоцна изјавил дека лично убил еден Тракиец платеник во Македонската војска. Македонскиот командант Мило побегнал од бојното поле. Така, на Римјаните им бил отворен патот кон внатрешноста на Македонија.

КОМАНДАНТОТ МИЛО

Пред да поминеме на натамошното пишување на Плутарх, предлагам да посветиме внимание на името на неуспешниот македонски командант - Мило. Ова име во англискиот превод на Плутарх (направен од Џон Драјден, кој превод овде го користиме) буквално е напишано како "Milo", што значи во него го нема дури ни, честопати вештачки вметнуваниот грчки суфикс "с", што древните грчки историчари и хроничари, го вметнувале во туѓите негрчки имиња, веројатно со цел да ги приближат кон нормите на сопствениот јазик. Веќе имаме пишувано и наведено стотици примери на разни негрчки древни имиња (тракиски, египетски, илирски, македонски, либиски, скитски, индиски, персијански и други), кои во древните грчки наративни извори биле запишани со вештачки додадениот суфикс "с" ("ос"), иако во оригинал истиот го немале. Подоцна ваквата практика некритички е прифатена и од преведувачите на старогрчките ракописи, кои по автоматизам ги превеле сите овие имиња во својата вештачки грцизирана форма.

Но, случајот со името на Мило не е таков. Ова име, дури и во оригиналниот грчки текст е запишано без суфиксот "с" (штом како такво е предадено во англискиот превод). Повеќе од очигледно е дека името е изведено од македонската ("словенска") придавка "мил", а добро е познато и дека ова име го има и во денешниот македонски ономастикон. Практично ова име претставува уште ден доказ за културната поврзаност помеѓу денешните и древните Македонци, т.е. за врската помеѓу древниот балкански народ Венети (предци на Словените) и античките Македонци. Како поинаку да се објасни ова "словенско" име среде античките Македонци, кое не е и единствено?

БИТКАТА КАЈ ПИДНА

Но, да се вратиме на настаните што ги опишува Плутарх. Во продолжение читаме дека по поразот на единицата на командантот Мило, кралот Персеј со голема загриженост наредил дислоцирање на својот камп и негово пренесување во близина на Пидна, каде се очекувало да се случи пресудната битка. Советниците се обидувале да ја смират неговата загриженост, потенцирајќи му дека тој има поголема армија и дека македонските војници похрабро ќе настапат во битката затоа што војуваат заради заштита на своите домови, жени и деца, а посебно заради својот крал, кој и самиот бил на бојното поле. Така, довербата повторно се вратила кај Персеј и тој ги издал потребните наредби за дочек на Римската војска. Плутарх го опишува и местото на битката. Тоа било поле во кое имало и ридови еден до друг. Имало и две реки, кои не биле длабоки.

Во меѓувреме на римската единица, која го поразила македонскиот командант Мило, им се придружила главнината на војската на чело со Емилиј Паул. Помладите команданти го терале Емилиј Паул што побргу да нападне, но искусниот генерал им рекол дека ќе нападне тогаш кога ќе процени дека дошло време за тоа. Потоа настапила ноќта, а војниците вечерале и отишле на спиење. Плутарх ја опишува ноќната атмосфера во двата кампа - римскиот и македонскиот. Римјаните запалиле огнови во кампот, додека Македонците биле крајно вознемирени.

Следниот ден битката почнала. Плутарх дава опис на Македонската војска, па пишува дека најпрво биле поставени Тракијците, кои изгледале застрашувачки. Тие имале сребрени штитови, а нозете им биле исто така заштитени со метал. Биле вооружени со железни копја, што ги носеле преку десното рамо. Веднаш до Тракијците биле платениците од разни народи, кои различно биле облечени и вооружени, а со нив биле и Пајонците. Плутарх пишува:

"По нив следуваше третата единица составена од одбрани луѓе, родени Македонци, избрани според својата храброст и сила".

По оваа елитна македонска единица настапувала Македонската фаланга наречена "Метални штитови". Плутарх пишува дека целата Македонска војска сјаела на сонцето поради блескавите штитови. Тогаш почнала битката. Плутарх пишува:

"Само што почна битката Емилиј дојде и сфати дека првите редови на Македонците веќе ги фиксираа краевите на своите копја во штитовите на неговите Римјани, така што беше невозможно тие да им се доближат со своите мечови".

Плутарх пишува дека Емилиј видел дека Македонците се урнале со своите копја врз римските штитови со толкава сила, каква што тој никогаш пред тоа немал видено во бројните битки што ги водел. Плутарх пишува:

"Македонците ги носеа своите долги сариси со обете раце и ги прободуваа оние што им застануваа на патот дури и преку нивниот оклоп. Ниту еден штит или оклоп не можеше да ја сопре силата на ова оружје."

На тој начин првите римски редови претрпеле големи загуби, а преостанатите биле принудени на отстапување. Емилиј Паул со голема вознемиреност ја следел оваа глетка и не сакал да пушти нови единици во борба против ваквата фаланга, која била непробојна и непристапна. Тој се надевал дека фалангата ќе навлезе во нерамен терен, каде нема да може да биде толку ефективна. Емилиј Паул наредил неговата војска да се подели на помали и поподвижни единици, а не целосно да влегува во фронтален судир со фалангата. Ваквите мали единици ја провоцирале фалангата да навлезе во нерамен терен. Таму дошло до борба гради в гради, затоа што поради нерамниот терен Македонската фаланга се проретчила и веќе не можела да настапува како непробојна целина. Во оваа борба Римјаните биле поуспешни со своите кратки мечови наспроти долгите копја на Македонците, кои не биле погодни за борба гради в гради. Така завршила пресудната битка кај Пидна. Плутарх пишува дека, според римски извори, во оваа битка паднале околу дваесет и пет илјади македонски војници. Битката траела кратко. Римјаните биле пресреќни што извојувале победа и истата ја прославиле со песни во знак на благодарност кон боговите.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"