о тековите и резултатите на
македонската литература Ацо Караманов (1927 - 1944) има свое посебно место
не само по судбинската одредница кога на седумнаесетгодишна возраст, во
почетокот на октомври 1944 година, трагично загинува како учесник во
Народно-ослободителната војна за слободата и иднината на Македонија, туку и
по творечкиот подвиг. Неговиот близок другар и најзаслужниот проследувач и
толкувач на животот и делото на тоа "чудо од дете", Милан Ѓурчинов, запишува:
"Сите што го познаваа, а особено оние од неговата генерација, беа тешко
погодени од веста за неговата предвремена смрт, бидејќи Караманов беше
најистакната и најталентирана млада личност во кругот на нашата образовна
младина во годините на Втората светска војна.
Идеалист и поетски визионер тој го беше прифатил налогот на времето во
кои помеѓу уметничката вокација и пошироките уверувања и определби не можат
да постојат дистанци. Така се најде, најмлад по години, меѓу плејадата
македонски творци кои положувајќи ги своите животи во борбата за
татковинските и револуционерните идеали, ја напуштија животната сцена тогаш
кога на животот му беа најпотребни како: Рацин, Коле Неделковски, Мите
Богоевски, Никола Вапцаров".
ТВОРЕЧКИ ГЕНИЈ
Во 1994 година, со појавувањето на книгата "Сребрени соништа" (Ацо
Караманов, Сребрени соништа, приредил Милан Ѓурчинов, изд. "Григор Прличев",
Скопје, 1994), приредена од Милан Ѓурчинов трајно и вредносно се
ситуираа местото и значењето на овој македонски Рембо, како оригинална
творечка личност чие книжевно дело има високи естетски вредности и бележито
се втиснува во традицијата и континуитетот на македонската литература. На
378 страници, книга која претставува еден вид негово собрано дело во кое
влегуваат стихови, прозни творби, дневнични записи и епистоларија, потоа
спомени за Караманов проследени со коментари, фотографии и факсимили од
ракописи се раздиплија многу вистини од краткиот, но богат и плодоносен
животен подвиг на младиот непокорен и даровит Македонец. Со книгата на која
& претходеа неколку убави и вредни изданија од творештвото на Ацо Караманов
(Ацо Караманов, Црвена пролет, уредил Радивое Пешиќ, изд. "Кочо Рацин",
Скопје, 1963, стр. 128; Ацо Караманов, Мите Богоевски, Одбрани песни,
приредил Доне Пановски, изд. Развиток, Битола, 1974, стр. 7-45; Ацо
Караманов, Црвена пролет, приредил Радивое Пешиќ, изд. Македонска ревија,
Скопје, 1984, стр. 95; Ацо Караманов, Прозни записи, подготвил Радивое Пешиќ,
изд. Македонска ревија, Скопје, 1984, стр.45; Ацо Караманов, Црвена пролет,
подготвил Раде Силјан, изд. Мисла, Скопје, 1989, стр.81; Коле Неделковски,
Антон Попов, Ангел Жаров, Мите Богоевски, Ацо Караманов, Избрани стихови,
избор, предговор и коментари Васил Тоциновски, изд. Македонска книга, Скопје,
1991, стр. 5-31, 135-157, 176-178), најпосле како да се симнаа сите
сомнежи и недоумици, не ретко и одречувања за веродостојноста и естетските
вредности на книжевното дело.
Возбудата од животните и творечките врвици на несекојдневната појава на
Ацо Караманов не се одразува само со многубројните страници напишани за него
од видни автори припадници на различни генерации, неговата застапеност во
антологии и тематски избори, туку и во нови, посебни изданија по појавата на
"Сребрените соништа" (Нова и современа македонска поезија, приредил Раде
Силјан, изд. Матица Македонска, Скопје, 1996, стр. 44-46, 357-384, 390; Сум,
списание за уметност, Штип, год.5, бр.13, пролет 1997, стр 97).
Во тие нови сведоштва се и шеснаесетте фотографии кои досега не се
побликувани, од архивата на Бане Петрушевски од Скопје, кои потекнуваат од
периодот од 1941 до 1943 година, кога Караманов е ученик во Првата машка
гимназија во Скопје, години кои ги исполнуваат револуционерната мисла и
акција на младиот скоевец и ги исполнуваат, според поделбата на Ѓурчинов,
раната творечка фаза (1941), лириката (1942) и поетските остварувања (1943)
кога почнуваат контактите со симболистите и впечатливо се остваруваат во
последната творечка фаза, за жал со прераната смрт и последна фаза од
животот.
Ако за Ацо Карамнов во областа на литературата и творештвото прв и
најблизок другар му бил Милан Ѓурчинов, тогаш во организираната
револуционерна дејност тоа бил еден негов соученик - Бане Петрушевски. На 22
мај 1987 година, во родното место на поетот, Радовиш, Книжевната младина на
Македонија меѓу другите манифестации организираше трибина посветена на
животот и делото на Караманов. Ние го имавме уводниот реферат под наслов "Ацо
Караманов или одговорност пред зборот" (Васил Тоциновски, Ацо Караманов
или одговорност пред зборот, Дело 74, Штип, год 15, бр 1-2, 1988, стр.
58-70. Во истиот број на списанието се објавени и текстови од Билјана
Ангеловска, Јадранка Владова и Јасмина Шопова). Тогаш од радовишанецот
Димитар Ташков го добив машинописот "Ацо Карманов - прелогомена", десет
вкоричени страници и непознати фотографии на Караманов од скопјанецот Бане
Петрушевски. Останаа тие драгоцени материјали и мили спомени подзаборавени
во минливоста и прашливоста на еден не така мал временски период од
петнаесетина години. Роденденот на младиот гениј (31 јануари 1927) и желбата
на Петрушевски која несебично ги изразува почитта и љубовта кон другарот и
соборец од младоста, побараа да им помогнеме тие фотографии јавно да
проговорат. Не затоа што ќе треба да изменат, да дополнат некои нешта, туку
и од единствена причина само да го збогатат чудесниот мозаик од
сонцепатиштата на еден млад човек, писател, револуционер и визионер.
ФОТОГРАФИИ СО БЕСМРТЕН ИМПУЛС
Од 1941 година сочувани се четири фотографии. Тоа е годината за која
Ѓурчинов ќе запише дека е резултат на "извонредната упорност и неверојатна
систематичност (кога) работел врз своето книжевно образование, совладал
огромен фонд од светската литература и веќе ги направил своите први
посериозни поетски обиди. Првата тетратка од сочуваниот фонд на неговата
мошне богата "Лектира", речовито зборува дека од најраните денови Караманов
ги надраснал школските програми и едукативните потреби на училиштето. Тој го
коментирал прочитаното, подготвувајќи се за својата идна писателска мисија,
на која се друго и беше подредено (Милан Ѓурчинов, Александар - Ацо
Караманов живот - личност - дело, Сребрени соништа, стр.11). Кон
неговиот портрет, Петрушевски додава дека Караманов имал идеална мајка (Од
разговорт со Бане Петрушевски, 23 ноември 2001, Скопје). По раст бил
повисок од среден, со многу пријатен лик, пргав и духовит. Пишувал стихови и
цртал карикатури. На писмените работи по бугарски јазик секогаш ја добивал
највисоката оценка, шестка. Бил беспоговорен и пожртвуван другар. На оние
околу себе им ги правел писмените работи, а за себе ќе ги оставел последните
десет минути од часот. Одличен ученик и со посебна љубов и дарба за
литературата. Од ученичките денови се двете фотографии на кои Ацо Караманов,
ученик во петтиот клас, е со своите другари. Првата од нив е направена во
училницата, а втората во дворот на гимназијата. На нив се Бане Петрушевски,
Александар Николовски, Благоја Лукаровски, Кочо Петровски, Јанко Трпчановски,
Раде Манчевски, Трајко Стојановски, Борис Трајковски, Борис Сиџимовски,
Тодор Аревски, Живко Бојковски, Владимир Бошковски и Ќахил Хулуси. Од
пролетта на 1941 година, во дворот на гимназијата е и фотографијата на
класот со професорот по физичко воспитание на која се триесет и четири
ученици. Првиот од лево, стои, е Ацо Караманов.
Пет фотографии ја илустрираат 1942 година. Тоа е година која го одразува
неговиот брз подем во творештвото и активното вклучување во револуционерните
редови. Во пролетта заедно со неговите соученици од пети "а" клас Здравко
Минчев, Владимир Бошковски, Тодор Аревски, Методија Кепевски, Спасе
Кикерковски и Раде Манчевски, како и учениците од пет "б" клас Никола
Апостоловски, Михајло Михајловски, Ристо Георгиевски, Борко Кралевски, Јово
Камберски и Борко Кралевски стапува во редовите на СКОЈ. Всушност тие им се
приклучуваат на своите соученици Бане Петрушевски, Драги Димитровски,
Александар Николовски, Живко Бојковски, Трајко Стојановски и Панче
Стојковски кои во тие редови се од 1941 година. Во списокот на Петрушевски
на најистакнатите осум скоевци е и Ацо Караманов.
Во април е направена првата фотографија во училницата на која се дваесет
и четири ученици. Во првиот ред долу, последниот десно е насмеаниот и со
вкрстени раце Караманов. Втората фотографија потекнува од истиот месец, како
спомен на десет другари овековечен на насипот од скопскиот парк. Во долниот
ред од лево клечат: Борис Сиџимовски, Александар Николовски, Тодор Аревски,
Добри Антевски, Најден Настев и Бане Петрушевски. Во горниот ред од лево
стојат: Ацо Караманов, Благоја Калајџиев, Воислав Георгиевски и Михајло
Михајловски. Другите четири фотографии направени се од летото на руската
плажа. На една од нив се Петрушевски и Караманов (долниот ред, од лево) и
непознат и Трифун Илиевски (горниот ред, од лево).
Од тие денови сочувана е уште една убава фотографија. Во водите на реката
стојат од лево: Караманов, непознат, Тодор Аревски, кому му ја посветува и
подолгата стихотворба "На Тодор Арев" и Трифун Илиевски. Клекнати долу се
Трајко и Перо Кецкаровски. Шестемина се и на нова фотографија со насмевки
подадени од реката, на која првиот од лево е Караманов, каде оштетувањето е
најголемо и токму само неговата идентификација е неможна.
(Продолжува)