ИСТОРИЈА

100 година од Солунскиот конгрес на Македонската револуционерна организација - 1903 година

ИЛИНДЕНСКИ КРСТОПАТ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Солунскиот јануарски конгрес на МРО - 1903 година има пресвртно значење во историјата на македонското револуционерно национално-ослободително движење, бидејќи тој го покренал прашањето за сеопшто востание. Сепак, настаните што следуваат по него ќе докажат дека Солунскиот конгрес не одговорил вистински на својата историска задача затоа што не ја проценил зрелоста на условите за успех, степенот на подготвеност, внатрешно-политичката ситуација и погодноста на постојаната меѓународна клима.

Првата одлука за востание по која ќе следат и другите и кои ќе доведат до Илинден, била донесена на Конгресот одржан во Солун во јануари 1903 година. Создавањето на вооружените сили на МРО, преку четничкиот институт кој го создал Гоце Делчев, довело до масовизирање на движењето и до забрзани подготовки за востание. Ова проширување на мрежата предизвикало бројни афери кои целеле кон МРО. Особено значајна е Поп Ставревата афера (1900 година) која го фрлила Даме Груев во битолскиот затвор (август 1900 - јуни 1902), а потоа го одвела на робија во Подрум Кале (јуни 1902 - април 1903). Тука се надоврзува Јосифовата афера (февруари - март 1902 година), која го исфрлила на површина Анастас Лозанчев, познат како свртничар на битолското окружно кормило.

Солунската афера во 1901 година го довела на чело на ЦК на МРО Иван Гарванов, поранешниот претседател на Тајното бугарско револуционерно братство, кој благодарение на Иван Хаџи Николов ја узурпирал водечката функција на Централното раководство на МРО. Со тоа патот кон Солунскиот јануарски конгрес бил отворен.

ОТКАКО...

... по јануари 1901 година Иван Гарванов се згнездил во ЦК на ТМОРО, летото истата година отишол во Софија каде што имал средба со генералот И. Цончев и С. Михајловски, првиот потпреседател, а вториот претседател на Врховниот македонски комитет. Во врска со тоа, самиот Гарванов соопштува: "На Цончева му ги кажав зборовите: Организацијата јас ќе ви ја предадам, но под услов ние да си останеме одделно таму (во Солун), а вие тука (во Софија). Самостојноста на Организацијата ќе се зачува, бидејќи ваши другари ќе работат внатре (во Македонија) и тукашните ќе се убедат дека не е можно поинаку да се работи...".

Во матната ситуација по Солунската афера, во атмосфера обременета со крајна разочараност, за првпат во дотогашната организациона практика, висок официјален претставник на МРО, актуелниот член на ЦК Иван Хаџи Николов, ја актуелизира идејата за покренување сеопшто востание во Македонија. "ЦК го немаше. Неговиот член Хаџи Николов беше ги пуштил уздите, беше решил да се направи востание по секоја цена. Пишал циркулар по околиите да прават востание. 'Бидна веќе', а овде му пратил на ВК полномошно за да се дигне востание и покрај мене. Пратил бели бланки со печатот на ЦК до овдешниот ВК. Со тие бланки пополнети со полномошна да се пратат офицерии по околиите како што ќе најдат за најдобро" - (Ѓорче Петров).

Се уште не се разјаснети многу прашања околу овој историски пресврт. Кој му дал ингеренции на Иван Хаџи Николов да го предаде ЦК на Иван Гарванов и зошто никој не го информирал или консутирал Задграничното претставништво? Како и да е, постапката се граничела со предавство.

Едно е сигурно. По заточувањето на Даме Груев во Подрум Кале во почетокот на јуни 1902 година, Иван Гарванов во ЦК на МРО и Анастас Лозанчев во Битолскиот окружен комитет, ослободени од Груевиот авторитет, станале вистински господари на своите позиции. Патот кон самоволни амбициозни постапки им бил наполно чист.

Тогаш Иван Гарванов поминал во акции, но со постојани настојувања ним да им даде привидно уставна форма, а одлуките да ги донесува преку определени форуми и органи на Организацијата. На 24 декември тој испратил циркуларно писмо до окружните комитети и до раководителите на Организацијата во Софија со кое го побарал нивното мислење за кревање на востанието на пролет и канел делегати за претстојниот Конгрес во Солун. Тој го прејудицирал прашањето на Конгресот и не дал можност солидно да се организира, ниту пак да се одложи. Писмото наеднаш предизвикало вознемиреност среде револуционерите. Кон крајот на декември Гоце Делчев, во својство на подвижен член на ЦК, кој се наоѓал во тоа време во Софија, исто така го добил писмото, но очекувајќи дека навестуваниот Конгрес нема да се одржи, откажал да отиде во Солун и се ангажирал да ги осуети плановите за востание.

Тој претпоставувал дека идејата за востание дошла по инсистирање од раководството на Битолскиот округ. Ѓорче Петров и во овој случај бил изоставен. На конгресот не бил поканет ни Пере Тошев, кој исто така се наоѓал во Софија, додека Даме Груев се уште бил во заточение. Така, на Конгресот не присуствувале творците на Организацијата. Нивното учество и не било пожелно. Иван Гарванов не оставил ни време за тие да можат да дојдат на Конгресот.

ВО РАБОТАТА...

... на Конгресот зеле учество следниви 17 лица: од ЦК на ТМОРО Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев, сите тројца професори во Солунската егзархиска гимназија; Христо Коцев и Тодор Лазаров, учители; Велко Думев, гимназиски професор - од Одринскиот реон; Анастас Лозанчев, трговец - од Битолскиот реон; Ѓорѓи Варналиев, учител - од Радовишкиот реон; Иван Сапунаров, гимназиски професор - од Солунскиот реон; Никола Х'рлев, учител - од Гевгелискиот реон; Димитар Занешев, трговец - од Воденскиот реон; Тодор Пејков, учител од Велешкиот реон и Димитар Ганчев, гимназиски професор - од Скопскиот реон. Тука бил и Никола Петров, учител од "Цариградскиот реон" иако таков реон во пределите на ТМОРО не постоел.

Законитоста на Конгресот била оспорувана од многумина раководители. Всушност, така скрпениот Конгрес, со еден исклучок (Л. Димитров), претпоставувал собир на граѓанско-опортунистичка фракција во раководството на Организацијата. За иницијаторите на Конгресот, учеството на луѓето од спротивната фракција како и на нелегалците и организаторите од теренот, било непожелно, со што би можеле полесно да ја протурат одлуката за востание.

Во записникот од Конгресот, иницијативата на ЦК била мотивирана од следниве аргументи: дека по "Џумајско-петричкото востание" целата земја е поставена во исклучително тешки услови; дека Организацијата ја загрозуваат нови врховистички обиди за востание, опустошување и деморализирање на нови реони; дека некои реони искажале желба за едно општо советување и дека ЦК "ги зел предвид благорасположението и заинтересираноста на европската дипломатија кон народното ни дело".

И кога по завршувањето на Конгресот Иван Гарванов заедно со Велко Думев ќе се најдат кон крајот на јануари 1903 година во Софија каде на третата и последна сесија на Софиското јануарско советување, мавтајќи со конгресното решение, со сесрдна поддршка на задграничните претставници Татарчев и Матов, ќе ги придобијат колебливците на својата кауза, поразот на демократските сили бил на повидок.

На чело на антивостаничката струја во македонското револуционерно национално-ослободително движење застанал Гоце Делчев. Залудни се покажале неговите неколкумесечни напори во внатрешноста на Македонија, заедно со серските револуционери, да изнуди ревизија на солунското решение. Залудна била и неговата остра писмена реакција подготвена заедно со Пеју Крачолов Јаворов, а адресирана до ЦК на МРО. Средбата со Даме Груев, во април 1903 година му ги разбила илузиите во тој правец.

Смилевскиот конгрес ги разбил сите дилеми околу прашањето за подигање востание, и како што вели проф. д-р Димитар Димески, Македонија се нашла пред нов историски Илинденски крстопат.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"