Господа пратеници, министри, судии, работодавци и синдикалци. Ние
стечајните работници, трудови инвалиди, технолошки вишок и невработени сме
производ на вашата политика и неодговорно однесување. Вашата јалова работа,
господа пратеници, вашиот егоизам и самобендисаност, господа министри,
вашите неправедни и безмислени пресуди и решенија, господа судии, вашата
бескрупулозност, господа работодавци и синдикалци вашата работа не доведе
сите нас да станеме граѓани од втор ред, во очајна и бесмислена ситуација со
мизерен материјален и социјален статус.
Дали Вие господа, го заборавивте ветувањето што ни го дадовте кога не
испративте на улица? Ветивте "социјална држава" и се уште ги убедувате
Европа и светот дека градите демократско и праведно општество, а не оставате
со бедна и понижувачка социјална помош - без елементарна, социјална и правна
заштита.
За жал, поголем дел и од нашите вработени колеги не се во никаква подобра
положба. Нивните плати се поретки и често пониски и од социјалната помош. Не
сте во состојба да ја обезбедите ниту најниската загарантирана плата - како
уставно право, како во сите социјални и демократски држави. Повеќе од
очигледно е дека невенчаниот брак меѓу државата и синдикатот раѓа само нови
социјални случаи и беда.
Многу сте прецизни и ефикасни кога се во прашање вашите права: плати,
дневници, паушали, премии, надоместоци и слични бенифиции. Изградивте
ефикасен систем за наплата на буџетските приходи, станарината, електричната
енергија, комуналните услуги и други обврски на обичните граѓани. Се
користат методи од "најхуман и најправеден тип" како: извршување без судска
постапка, иселување на улица, исклучување на електричната енергија, закани
итн. Кога се во прашање вашите приходи, ги наплатувате со камата и без
милост. Плати, па гладувај! Кога ги бараме, нашите заостанати плати - ги
негирате дури и извршните судски решенија! Вашите приходи ги множите, а
нашите неисплатени плати ги деноминирате и одолговлекувате додека не
достигнат смешен износ недоволен дури ниту за јаже за бесење. Дали се уште
тврдите дека градите "правна држава"?
Во која правна држава во светот богатите растат побргу од печурките, а во
која социјална држава гладните плаќаат данок на нивната несреќа?
Да ве потсетиме, кога не исфрливте на улица ни ветувавте "постепено ќе не
вратите на работа", а сега носите закони со кои буквално не бришете од
списокот на живите. Донесовте Закон за вработување, па потоа бргу и Закон за
зголемување на вработувањето. Многу ќе ви бевме поблагодарни ако овие закони
ги именувавте во закони за заштита на работодавците - ваши верни приврзаници
и телохранители.
Поради сето ова избришавме години од животот, барајќи иднина за себе и за
своите деца, но нашите барања и молби со години се одбиваат од бирократијата
околу Вас...
Затоа ве предупредуваме за последен пат: "Се уште сме живи - тука покрај
вас, како граѓани од втор ред. Ве советуваме да ги отворите ширум очите пред
проблемите за нашата несреќа, а ваше дело".
Соочете се веќе со нашите добро познати и излитени барања:
1. Озаконување и решавање на статус на стечајни работници.
2. Материјално обезбедување:
а) сите стечајни работници кои имаат добиено решение за стечаен работник,
а имаат работен стаж над 25 години, да бидат пензионирани со основица 80
отсто од републичкиот просек во стопанството во однос на стажот;
б) стечајни работници кои не се вратени на работа, а имаат помалку стаж
од 25 години да бидат вработени или да добиваат паричен надомест во изност
60 отсто од републичкиот просек во стопанството;
в) на сите стечајни работници - трудови инвалиди кои се со стариот Закон
отидени под стечај да бидат префрлени на фондот според законот кој важел во
тоа време;
г) сите стечајни работници да имаат право да користат отпремнина од
работна организација од која се отпуштени.
3. Сите стечајни работници во поглед на приватизацијата да бидат
третирани како вработени кои се наоѓаат на работа.
4. На сите стечајни работници кои биле акционери работната организација
да ги претвори интерните акции во екстремни.
5. Бараме да се исплати разлика во висина на паричен надомест кој го
добиваме од заедница за вработување која не се исплатува во висина според
точка 4 од решението кое го имаме добиено.
6. Укинување на каматите за ненавремено плаќање на станарина, струја,
вода, телефон и други услуги, отпишување на поранешните долгови кои не се
подмирени кон државата.
Последен час е да отворите процес за решавање на проблемите. Не
дозволувајте овие наши барања повторно да бидат заборавени, а штрајковите да
бидат повторно обновени со разни блокади, отворен револт на сите загрозени
категории на граѓани на Република Македонија.
Секако, ако се уште важат вашите ветувања и уставното начело за
рамноправноста на сите граѓани на Република Македонија.
Здружение на стечајните работници на
Општина Куманово
Мора да си признаеме дека македонските работи не ни одат како што сакаме.
Се помалку и помалку сме успешни. А последниот воен пораз во 2001-та го
потврди приоритетот во македонските работи: запирањето на губитничкиот тренд.
Со досегашните лидери влегувавме од пораз во пораз. Кога со "мудриот"
политички потег на екс-претседателот Киро Глигоров во македонските работи се
внесе референцата FYROM и ден денес се пишуваат протестни писма и се
чувствуваат фрустрации. Или пак со владеењето на "војводата", екс-премиерот
Љубчо Георгиевски, и ден денес има Македонци воено откорнати од своите
огништа. И со сегашните лидери не е нешто во ред за македонските работи.
Независно дали станува збор за лидер на мала група Македонци или за лидер на
нацијата, лидерот ако не постапува во согласност со македонските работи,
таму не му е местото.
Од А1 слушнавме дека претседателот Б. Трајковски со своите министри за
одбрана и надворешни работи, Бучковски и Митрева ја напуштиле предвреме
церемонијата во Бунарџик каде присуствувале на церемонијата на НАТО по повод
нивната нова мисија во Македонија позната како "Сојузничка хармонија". А
како причина: Употребата на референцата ФЅРОМ и употребата на албанскиот
превод покрај македонскиот. Првите луѓе на македонската држава не ја научија
лекцијата. Ако се знае дека на церемонијата на НАТО не учествуваше
официјално Р. Албанија, употребата на албанскиот јазик е грубо повредување
на суверенитетот на македонската држава и тоа пред очите на државниот врв. А
користењето на ФЅРОМ е дрско исмејување и газење по достоинството на
македонскиот народ, бидејќи се случува дома и во присуство на претставниците
на народот. Тие, претставниците на македонскиот народ, ќе си ја завршеа
македонската работа само и само ако ја прекинеа церемонијата! Секој
гостин поканет на церемонијата може да ја напушти, но Претседателот и
министрите не се обични гости. Македонскиот народ на изборите им даде моќ и
нивна обврска беше да ја употребат таа моќ во заштитата на македонските
работи. Ако не знаат да ја користат таа моќ, не им е местото во првите
редови за македонските работи! Доколку не можат, нека се повлечат од
лидерската позиција и нека објават дека македонската држава е окупирана од
странска воена сила. НАТО досега мораше да си ја научи бон-тон лекцијата
дека секаде во светот гостинот го почитува куќниот ред на домаќинот и да му
стане јасно дека истече времето на ВМРО-вците на ДПМНЕ кои се грижеа за
македонските работи.
Претходната вечер на А1 беше објавена изјавата на група Македонци (антиглобалисти)
дека во иднина ќе се декларирале секако само не како Македонци. Станува збор
за група активисти за македонските работи која во кризата 2001 подигна шатор
во паркот спроти македонскиот Парламент и оттогаш беше ангажирана со
пишување плакати, говори и друго. Но, по наредба на Владата на Црвенковски и
со асистенција на полицијата шаторот повеќе не е таму. И како последица на
тоа, доаѓа нивната изјава. Нема место и за таквите лидери во македонските
работи затоа што само по еден пораз или неуспех се свртуваат против
македонските работи што предходно ги воделе!
Живко Даскаловски