ако дополнување на интересниот
фељтон од господин Ристо Кирјазовски, би требало да се имаат предвид
следниве именители што се однесуваат на ставот заземен од СССР, односно од
бившиот студент по богословија, Сталин, во однос на таканаречената Граѓанска
војна во Грција по Втората светска војна.
Таа војна имаше две битни основни компоненти. Едната: комунистичкото
движење во Грција, втората: националноослободителното движење на Македонците
општо земено, на оние од делот под грчка јурисдикција посебно. Треба да се
потсети на тоа дека војната речиси исклучиво се водеше не на грчка, туку на
македонска територија, на онаа од егејскиот дел.
Разните дискусии водени во Москва во текот на таа војна, всушност можеа
да имаат и имаа илузорни резултати, бидејќи судбините на грчкото и
македонското движење беа уште во текот на Втората светска војна запечатени
преку договорите меѓу Черчил и Сталин. Имено, во своите "Мемоари" Черчил,
кој попатно речено по 1953 година доби Нобелова награда за книжевност,
публикува дека при неговите разговори со Сталин во Москва околу поделбата на
светот што треба да биде решена пред крајот на Војната, го прашал Сталин
дели се согласува со следниов предлог во врска со Балканскиот Полуостров: Во
Романија, Унгарија, Бугарија, Запад да има 10 отсто влијание, а СССР 90
отсто, а за Југославија, Западната алијанса и СССР да имаат влијание фифти -
фифти, т.е. 50 отсто од секоја од двете страни, а во Грција 10 отсто СССР и
90 отсто Западот.
По кусо размислување, Сталин напишал со својот фамозен дебел модар молив
"да", и со ова ја запечатил, меѓу другото и судбината на таканаречената
Граѓанска војна во Грција, т.е. судбината на Македонија. Со други зборови,
разговорите што се воделе по Втората светска војна, или при нејзинот крај во
Москва со високи претставители на комунистичкото движење на Балканот, се
всушност една трагикомедија. Имено, Сталин сакал тие движења да се
конкретизираат во рамките на она што било предвидено меѓу Черчил и него. За
американскиот претседател Рузвелт може помалку да се зборува во врска со тие
решенија, меѓу другото и заради тоа што претседателот на САД имал многу
високо мнение, да не се рече обожување, за "стрикото Џое", во писмо до сина
си Рузвелт со гордост се пофалил дека "Џое му ја стегнал раката".
Паралелно или по фазата на разговорите во Москва се споменати високи
комунистички личности. Постоеше и втора фаза, онаа на чистење. Имено,
случајот на Методија Андонов - Ченто не е осамен. Претседателот на
Чехо-Словачка беше фрлен од прозорец од страна на еден германски платеник,
некој си Шрам, ако добро се сеќавам. Унгарскиот претседател беше убеден од "другарите"
да си ги признае на некакво "невино" будење "грешките", а тоа "за доброто на
Партијата" и тој така постапи. Осуден на смрт, кога среде ноќ го однеле пред
стрелачкото одделение, и согледал дека бил излажен, почнал да вика како улав.
Главната личност на Бугарија, Трајче Костов, исто така бил убедуван да си ги
признае "грешките". Неговото судење било пренесувано, како и некои судења во
Федералната Република Македонија, со звучници за публиката надвор од
судската сала. Во еден момент Костов почнал да вика објаснувајќи дека сите
негови признанија му биле со сила извлечени и не одговарале на вистината.
Костов беше осуден и стрелан. Грчкото и македонското движење Сталин ги
жртвува заради тоа што при пазарењето со Запад сакал да ги добие под своја
власт Полска, Чехословачка (оваа последнава со нејзината силна индустрија).
Не треба да се губи од предвид фактот дека непосредно по предавањето без
одбрана од страна на претседателот Хаша на Чехословачка на Хитлер таа биле
достаточно вооружен, силна, за самата да се одбрани со успех од евентуална
војна со Третиот Рајх. Ова отворено го пишуваат германските личности од тоа
време, и еден од нив тврди дека кога виделе со какво оружје располагале
Чесите, "ретроактивно морници им поминале по грбот". Ова добро го илустрира
интересот на Сталин за таа држава.
Освен споменатите држави, при делбата СССР доби и други земји во сферата
на своето влијание, та во споредба со нив, Македонија со својата трагедија
за СССР не претставуваше практично ништо. Ангел Динев во 'Илинденската
епопеја" вели дека ако во минатото Русија сакала да мрдне макар со малиот
прст, нема да се дојдело до продолжување на поделеноста на македонската
земја (слободен цитат).
Прашањето што се поставува е да се анализира дали имало реални шанси
грчкото и македонското движење да успеат? Спротивно на она што Сталин го
тврдел во своите разговори со високите делегати од Балканот, анализата ја
покажува следнава ситуација:
Ако Сталин и се разбира кај другите околу него кои решавале за судбината
на народите, постоела волја да се помогне до конечен успех на грчкото
движење и на македонската борба за обединување, СССР располагал со силни
аргументи за преговори во таа смисла со Западната коалиција. Имало можност
Балканот да биде прогласен неутрална зона, статус што можело да биде
гарантиран од големите сили во моментот, па и да се дадат гаранции за
Средоземното Море како стратешки и економски важно за Запад.
Во смисла на односот на силите, треба да се потсети на тоа дека грчкиот
крал избеган во странство, одбил да се врати во Грција на крајот на Втората
светска војна, заради тоа што се плашел дека ќе биде линчуван. Само со
помошта на британските падобранци, пред огромна толпа што манифестирала
против него, кралот стапнал на грчка територија. Ако при крајот на Војната
индустријата на САД работела под полна пареа преориентирана кон воено
производство, нејзините армии во Европа и во Азија (против јапонските војски),
имале големи тешкотии. Американската армија лесно напредувала низ Европа кон
Германија, потоа и на територијата на оваа држава, во основа заради тоа што
германските офицери и војници намерно давале послаб отпор за поголемиот дел
од државата да потпадне под Западната коалиција, а не под СССР.
Доказ за големата сила и извежбаност на Црвената Армија се и фактите дека
таа со свои сили се борела против практично целата западноевропска економија,
индустрија, паднати во рацете на Третиот Рајх, додуша и со извесна не мала
западна материјална помош, и само во моментот кога станало јасно дека може
да ја заземе не само Германија, туку и целата Западна Европа, најпосле
Западната коалиција се преместува во Нормандија, а дотогаш чекаше под разни
изговори да се види што и како ќе се случи.
Друга илустрација за силата на Црвената Армија, особено по битките кај
Сталинград и на Курск, е што во согласност со договорот на Сталин со
Западната коалиција, штом Третиот Рајх капитулира, СССР пренесе до Европа во
Манџурија армија која за15 дена (!) победи или зароби јапонска армија од
еден милион војници, неистоштени, неослабени од борби, кои дотогаш чекале да
бидат вметнати во воени акции.
Од пишувањето на француската ревија "Историја магазин", се согледува дека
и Западната коалиција била сосема свесна за силата на СССР па, претседателот
на САД, Хари Труман, наредил да се фрлат атомските бомби на Хирошима и
Нагасаки, само за да ги импресионира Русите, та да биле помеки во
преговорите по Втората светска војна (Труман велел за бомбите: "Ми треба
дебел стап за преговорите со Русите", а стапот, како што се знае, бил
атомскиот).
Освен изложеното, треба да се подвлече и фактот дека СССР во тоа време
кога судбината на светот во голема мерка зависеше од него пред фашистичката
и нацистичката идеологија, во тоа време кога не се зборуваше и не се
пишуваше многу за негативниот дел од комунистичкиот биланс, уживаше голем
авторитет во светот, располагаше со најразвиената разузнувачка мрежа и имаше
можност да предизвика бунтови, штрајкови, нереди, насекаде преку таа мрежа и
преку работничките организации и движења, без да се заборават и левите
масмедии што придонесуваа за формирањето на јавното мнение на светот, имаше
значи и таква дополнителна можност да работи врз усвојувањето на своите
барања од страна на Западната коалиција, чиј стожер беа САД и во помала
мерка, Велика Британија.
Заклучокот од изложеното се формулира сам по себе: уште еднаш во
историјата малата, но во извесна оптика голема Македонија, беше жртвувана во
смисла на реални, но најмногу на имагинарни интереси на големите сили, а и
на некои балкански држави, заради чија кусогледост и денеска Балканот и
Македонија во Европа се на опашката на просперитетот, на безбедноста, па и
културолошки.