ФОРУМ

СПОМЕНИК НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

Васко М. Најдовски

(До претседателот на Р. Македонија, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, МАНУ…)

Почитувани,

Пред да се почне со манипулација со и околу претседателската палата и како по обичај се да се сведе на обична лакрдија со цел исмејување на нештата по принципот на "веќе видено", реагираме на овој начин да го истакнеме значењето на истото. Претседателот на Р. Македонија можеби е во право дека во овие тешки времиња државата има други приоритети, но сме на мислење дека покрај толку грабежи во Македонија, нашата земја и нејзините граѓани не се толку гладни и сиромашни за да не можат да направат нешто импозантно на што ќе бидат горди сите наши денешни, но и идни поколенија. Следејќи го континуитетот на работите, МПЦ направи нешто што & даде белег на карактерот на самата Македонија. По тој терк би се очекувало државата да направи подвиг со кој ќе даде едно големо признание и благодарност на нашата најпозната фигура од минатото - Александар III Македонски.

Според тоа, со или без претседателска палата, сме на мислење и иницираме акција за градење на импозантен споменик на Скопското Кале од околу стотина метри висока фигура на Александар Македонски, а ако тоа е комбинирано со претседателска палата од антички стил (што е наша иницијатива) сметаме дека тоа ќе биде најмаркантната градба - симбол на Македонија и нејзината државност. Ние Македонците и Македонија тоа го заслужуваме.

Евентуалното политизирање на истото од страна на други етникуми не би било основано затоа што Александар е единствената светска личност кој го освојувал светот за да го обедини со признавање на сите култури и нации. Според тоа, споменикот би бил гордост за секого во Македонија и самите Албанци не би можеле да изразуваат негодување. Тие немаат аргументи за манипулирање, бидејќи како ќе можат да докажат дека еден Македонец од Долна Преспа (не Мала Преспа како што досега се пласираше), денес во границите на Р. Албанија, немуслиман, им е татко на нацијата. Истото би важело и за Кемал Ататурк - Македонец од Долна Преспа.

Александар е богатство кое му припаѓа на целиот свет. Од друга страна кој било аргумент за една ваква работа не е основан, затоа што без разлика на потеклото на владетелите,треба да се гледа што тие сториле за државата и за нацијата која ја воделе. Ред е Македонија да си ги користи своите историски придобивки. Време е Македонија да почне да си ја покажува својата древна убавина, гордост и благородност, т.е величина и визионерство за човештвото, со сјај кој ќе го просветли светот. Време е за вистина, хуманост, разбирање, прошка, прогрес. Да го паметиме, славиме и да се учиме од минатото, да живееме посреќни во сегашноста, за да ја креираме нашата посветла иднина, за нас и за сите идни генерации. Александар Македонски е вратата на сето тоа неповторливо светско богатство излезено од Македонија на кое Македонија порано или подоцна мора да му се оддолжи на исклучителен начин достоен за почит. Претседателска палата со антички стил со амбиент во кој ќе доминира импозантна фигура на Александар Македонски е тоа што на Македонија и светот и тоа како му недостига. Тоа е нешто што мора да се направи и тоа не само во главниот град на Р. Македонија, туку насекаде каде за тоа има можност. Се надеваме дека овој историски предлог ќе биде добронамерно прифатен и реализиран.


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"