о понатамошниот текст ќе морате
да се задоволите со тоа што едноставно ќе Ве идентификувам - со Вие. Друго и
не заслужувате.
Се надевам дека ќе се присетите на неодамнешниот неформален состанок во
банкет-салата на Црквата "Св. Климент Охридски" во Торонто. Присутни: Вие,
Митрополитот Кирил, комплетната управа како и некои поканети гости. Имаше и
самопоканети, а и еден непожелен. Тој непожелниот бев јас - Ристе Мерко.
Морам да Ви појаснам некои работи на овај начин, во писмена форма, затоа што
на состанокот немав можност усно да се произнесам. Причината беше што
микрофонот одеше од раката Ваша до раката на Митрополитот и обратно, па кој
е тој што може да дојде до збор. Само Вие двајца (и никој друг) знаете што е
демократија.
Јас не барав да дојдам на тој состанок. Идејата беше на некои од управата,
кои не знаејќи како да ги објаснат глупостите кои ги "тресат како од ракав",
ми рекоа да дојдам и дека Вие најдобро ќе ми објасните (за она што тие треба
да ми одговорат).
Како нозе не ми се пресекоа!? Тоа што го слушнав од Вас и од секогаш
речитиот и ораторски расположен Митрополит Кирил не само што не ме задоволи,
туку многу ме разочара. Но, добро. Вака барем народот ќе знае кои "мудри
глави" го водат.
Ако добро се сеќавате, Ви поставив три прашања:
1. Зошто во преводот од македонски на англиски на натписот во дворот на
Црквата стои "
?".
2. Зошто во Црквата има столици (редици, како клупи) кога тоа е одлика на
католичките, а не на православните цркви? и
3. Зошто на часот по македонски, предавањето за религија (ако треба да се
изучува) се врши на англиски!?
Вашите одговори беа повеќе од фрапантни и лаички! Но, не затоа што не
знаете, туку затоа што така Ви одговара. Само да ги задоволите одредени
управи на црковно-школски општини кои за да се докажат и покажат, полни се
со "бисери". А за возврат на Вашата "наклоност" кон овие "верни работници за
верата" Вие парите ќе ги добиете во Скопје точно и на време, токму онака
како што и го заклучивте "состанокот". Впрочем, се добива недвосмислен
впечаток дека Вашите "турнеи" по дијаспората се исклучиво само заради пари.
Изгледа многу добро Ви е позната англо-саксонската практика: Направи проблем
за да го решаваш. И никако да го решите, зашто ако го решите, ќе останете
без работа (мислам на уште двајца -тројца "клучни играчи" во Синодот, не
само на Вас лично).
Откако еден по еден почнаа да се претставуваат и да Ви "симнуваат ѕвезди
од небо", сомневањата на некои од Управата дека јас ќе поставам "незгодни
прашања и дека сум непожелен на овој состанок", се оправдаа. Ако добро се
сеќавате, јас реков дека работите ни оддалеку не се такви какви што сакаат
да Ви ги прикажат и дека Македонската заедница во Торонто оди надолу. Веднаш
на сцена настапи Митрополитот Кирил и почна да ми објаснува како моето име е
право христијанско, како јас одамна сум планирал да дојдам во Канада, па
како тој ги знаел сите луѓе во Торонто веќе цели 50 години, како не е убаво
да се кажуваат лоши работи… (очигледно критика и самокритика за него се
непознати поими) и вртеше, вртеше наоколу за да остане докрај неразбирлив,
па да отиде директно на второто прашање и да заврши со зборовите: "Имало
столици?! Па што ако има столици? Тоа не е противзаконски! Јас дозволувам да
има столици!".
Браво! Ова е негова приватна своина, наследена од татко му, па тој,
Митрополитот Кирил, сака одобрува - сака не одобрува. Во негов стил. Во
зависност од неговото расположение.
За да биде ситуацијата уште полоша (во исто време уште потрагична) Вие си
дозволивте да "излетате" со изјава која ќе Ви остане вечно запамтена и да ми
дообјасните: "Ако замижиш, ќе видиш дека и во твојот Охрид, во црквите, има
столици. Има песни-седалки, каде жените седат и го величаат Христоса". Си
зедовте дури и право да го удрите од земја македонскиот народ, велејќи: "Порано,
народот во Македонија бил сиромав, и немал пари да направи столици по
црквите!".
Не сакајќи да коментирам на сето ова (за да не отидам предалеку) само би
Ве запрашал - Кога тоа македонскиот народ немал пари за неговата Црква!?
Ајде сега Ви се молам, Вие замижете и сетете се какви столици се тоа и каде
се поставени?
И уште ова! Неодамна ја осветивте Св. Климентовата Црква на Плаошник. Без
сомнение, потрошени се огромни средства. Празник за душата - рај за очите.
За секоја пофалба и благодарност - од прв до последен. Но, зарем не најдовте
уште малку пари за да направите и поставите столици по примерот на
македонските православни цркви во Канада и Америка!? Не можам да тврдам за
во Европа и за Австралија, но верувам дека е истата приказна, затоа што
контактирајќи со луѓето од таму - истите проблеми ги мачат. Понатаму, не Ви
беше доволно сево ова "канонско" толкување, па продолживте со објаснувањето
зошто пак "Катедрална"?
Вашето објаснување беше: "Катедрална Црква се нарекува затоа што
седиштето, катедрата на главниот на Епархијата, е тука. И "Св. Софија" во
Охрид ја нарекуваме катедрална".
Грешка! Дека некоординирано дејствувате со Управата и дека толкувањето за
ова прашање го давате произволно како и за предходното, само со цел да им се
додворите, го докажува следниов податок: На моето претходно барање до
Управата да ми го објасни сето тоа, рекоа: "Со цел на овдешните, Англичаните
- Канаѓаните да им кажеме дека ние сме главни, побаравме превод во речник и
најблизок превод беше тоа!".
Сега повторно јас би Ве запрашал (бидејќи коментар не е потребен)
"Дали преводот 'катедрална' е заради она што Вие го наведовте како
причина или заради она што тие така мислеле дека е исправно!? Еднаш одлучете!
Бидејќи гледам дека подготвено и храбро чекорите кон реформи, би било добро
кога на професорите на Универзитетот во Скопје, Битола и Охрид би им дале
предлог како во иднина да ги нарекуваат нивните катедри, а кон македонскиот
народ да бидете поискрен.
И како што му доликува на еден Поглавар на една Православна црква, еден
собир да се заврши со мудрост, одбравте да кажете како сте воодушевен од
еврејскиот народ (што јас лично воопшто не го гледам тој пример за лош)
затоа што тие, Евреите, кои се раселени по целиот свет, ги чуваат нивниот
јазик, култура и вера како нешто најсвето и дека на секој од нив Израел му е
секогаш пред очи.
Да! Тоа е точно. Само што кај нив, на час по еврејски јазик или по
религија нема да слушнете ниту еден англиски збор. Само тогаш кога своето ќе
го изучуваш и ќе го негуваш на својот сопствен јазик, ќе можеш и да го
сочуваш, со тоа што ќе останеш она што си, а нема да се претопиш во нешто
друго.
За сево ова горенаведено подготвен сум и пред Бога да одговарам и ако
грешам и да платам за тоа. Дали сте Вие подготвен? Дали сте Вие подготвен да
му кажете на македонскиот народ кон што го водите со Вашата политика? Дали "случајно"
сакате да ни го претставите Грегоријанскиот (католичкиот) календар!?
Да Ви ја олеснам работата! Сочувајте ја енергијата за Македонците во
Македонија. Видете како со нив ќе излезете на крај. Со Македонциве во Канада
е лесно. Веќе многу години наназад на "голема нога" се слави 25 декември, а
само онака "на минување" се одбележува 7 јануари. На крајот, би сакал да Ви
кажам дека освен до Вас ова писмо ќе го испратам до сите медиуми во
Македонија.
Потоа следува друго писмо каде ќе Ви појаснам некои работи во врска со
Вашата изјава на истиот неформален состанок, каде запрашан од една од
присутните "што се презема за оштетените цркви во Македонија" меѓу другото
Вие рековте: "Јас лично, со мои очи видов како охридските рибари варат грав
во црквата 'Св. Наум'".
А јас лично и одговорно Ви тврдам: Сте ја погрешиле адресата!
Се надевам дека барем уште еднаш ќе ни се вкрстат патиштата, а Вие и
Митрополитот Кирил ќе немате микрофон во рацете, па ќе ми докажете дека
грешам.
Без почит!