КУЛТУРА

Постхумна "Измислена тврдина" на Славко Јаневски

ДЛАБОК КРИК ОД КОЈ ОДЅВОНУВА ТАГА И БОЛКА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Песните содржани во "Измислена тврдина" му припаѓаат на еден циклус свртен кон минатото од каде произлегува впечаток на длабоко трагично чувство.
  • Како и во сета своја поезија така и особено во последните свои песни, Јаневски ни открива дека мачно се живее во македонската ноќ.

Неодамна во Македонската академија на науките и уметностите беше промовиран најновиот издавачки Проект, реализиран во соработка со Фондацијата "Трифун Костовски". Станува збор за третото по ред, постхумно издание на Славко Јаневски, насловено како "Измислена тврдина". Исто така треба да се истакне дека во моментов се работи и на четврто издание кое содржи есеи и критики од Јаневски кое ќе биде промовирано следната година.

На самиот почеток на присутните им се обрати академик Гане Тодоровски кој истакна дека со овој редок настан всушност се одбележуваат два јубулеја - 80 години од раѓањето и три години од смртта на Славко Јаневски, истакната личност на македонската литература. Досега со помош на Фондацијата "Трифун Костовски" постхумно се објавени три дела од Јаневски и преку нив тој уште еднаш покажува дека е трајно присутен во македонската литература како жива легенда на македонскиот творечки гениј.

Книгата ја промовираа академиците Влада Урошевиќ и Георги Старделов.

ЗАВРШЕН АКОРД

Академик Урошевиќ во своето излагање се задржа на темите на кои Јаневски се осврнува во својата поезија. Тој истакна дека ова се песни кои заокружуваат еден огромен опус на Јаневски и дека тие се завршен акорд кој ни дава конечна слика за целата симфонија на Славко Јаневски. Овој македонски истакнат писател и по физичкото исчезнување остави длабоки траги во македонската литература и продолжува да не збогатува со дела од својата творечка оставнина.

Академик Георги Старделов во својата пригодна реч насловена како "Што се случува со нас?" продолжи со промовирањето на "Измислена тврдина".

Со последната своја книга, поезијата на овој наш познат поет во последново половина столетие не е суштински видоизменета, вели проф. Старделов. Таа е, како и порано, исполнета со кошмарни виденија и привиденија; со сенки и чакали; со врколаци и киклопи; со несоници и очаи; со ноќната страна на егзистенцијата во која талка човекот со своите морничави сенки и сеништа. Но, ете, дошло времето кога треба да се замине и Јаневски, соочен со смртта, повеќе не сака ништо да скрие. Затоа неговиот стих, во својата поетска порака ги објавува на светлоста на денот неговите тешки и трагични национални јанѕи во кои е вплетена неговата и нашата егзистенција денес под пеколниот вршник на постојано загадочното и неизвесното македонско небо, често повторувајќи: Што се случува со нас, навистина што?"

СЕНКИ

Понатаму проф. Старделов истакна дека ракописот "Измислена тврдина" содржи 92 песни. Но, ако се земе предвид дека циклусот "Бессоници" како една песна има всушност 12, а циклусот "Искушенија" исто така како една песна има 7 одделни песни, тогаш бројот на песните изнесува 110.

Во последните песни, како и во сета негова поезија Јаневски го измачуваше парадоксот на човековото постоење - неговото двојство, вели проф. Старделов. Последните песни на Јаневски гледаат на животот со голема неверица кон него. Тој го носи злото што ги фрла своите сенки над сето земно. Тие сенки се населени во неговата поезија толку густо што се добива впечаток дека неговите последни песни го откриваат животот повеќе низ сенките на предметите, отколку низ нив самите. Затоа во своите песни бега од исповедноста, соочувајќи не со историјата и со сегашнината како нешто цело и единствено. Поради тоа неговата песна придобива час белег на болна епска нарација (во која се раскажува судбината) час белег на лирска елегија (во која се воспева душата).

Во неговото севкупно книжевно творештво центар на случувањата никогаш не биле хармонијата, среќата, туку судирот, несреќата, спротивноста и спротивставеноста.На промоцијата присуствуваа членовите на семејството на Славко Јаневски, потоа господинот Трифун Костовски, претседателот на МАНУ, академик Матеја Матевски, бројни академици и љубители на пишаниот збор.


Борис Апостолов со нова стихозбирка

ЧУДОТВОРНАТА МОЌ НА РАЗДРОБУВАЊЕТО НА ЗБОРОТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Раздробувањето на зборот започнува со Струшките вечери на поезијата, а секако дека продолжува и денес.

Во издание на "Студентски збор" во 2002 година излезе од печат книгата "Раздробување на зборот" од Борис Апостолов. Во книгата авторот вметнал 43 песни кои се поделени во три циклуси: Раздробување на зборот, Раздробено име, Анаграмско дробење.

Како што може да се види и од самиот наслов на книгата и од трите целини, авторот Апостолов говори за суштината на раздробувањето на зборот. Тој во својот поговор го објаснува појавувањето на главниот поим во книгата - раздробувањето и вели дека со самото случување на Струга и Струшките вечери на поезијата по триесет и седми пат по сета своја жештина да се дојде до сознанието за раздробувањето на зборот - распарчување во вистинска смисла на зборот.

Еден дотогаш непознат поет, откорнат од родната грутка, раздробен меѓу тука и таму, ја испејува најантологиската песна "Т'га за југ" и со тоа го раздроби не само микро, туку и макрокосмосот, вели авторот Апостолов во својот предговор. Иако раздробен меѓу Струга и Русија, Константин Миладинов не бил свесен што ќе се случува по толку години.

Понатаму авторот го поставува прашањето кои се причините за раздробување на зборот и одговорот го бара во заситеноста на јазикот.

Неможноста, додава авторот, да се оди понатаму. Спасот од оваа непријатна состојба некои ја побарале во процесот на откривањето на корените на зборот раздробувајќи го, вели Апостолов. Како негови раздробувачи се среќаваат поетите, прозаистите, есеистите, научни работници, уметници, музичари итн. Во новиот век, новиот милениум, најверојатно раздробувањето на зборот ќе продолжи со уште посилно темпо.

Поговорот на Борис Апостолов завршува: "Силата на поезијата доаѓа од чудотворната моќ на раздробување на зборот", а колку е ова вистинито може да се провери со читање на оваа стихозбирка.


Коренот на Александар како инспирација за Ката Мисиркова - Руменова

РОДНИОТ КРАЈ ПОЧЕТНА ЖИВОТНА ТОЧКА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

аписи за Пела" е најновото остварување на Ката Мисиркова - Руменова. Книгата е издадена во 2002 година од "Инфомедиум" од Скопје. Авторот Руменова е родена во село Постол (Пела) Ениџе Вардар, Егејска Македонија и токму поради тој факт таа ја пишува оваа книга.

Таа вели: Родниот крај е почетната точка на животот. Нема човек на светот кој не чул за Александар Македонски. Но, сите не знаат каде е роден и ретко кој му го бара коренот. А јас секогаш велам, дека сум дел од тој корен штом сум родена под исто поднебје.

Во книгата авторот Руменова говори и за таткото на Александар, Филип, за кој на крајот од воведот запрашува "Зошто тогаш го погребале во Кутлеш, а не во првиот остров, кој од Пела не бил оддалечено ниту двесте метри?


 

Gore

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"