Изложби
Цртеж 2002
Скопје, 3 февруари.
На традиционалната 28-ма изложба на Друштвото на ликовни уметници на
Македонија "Цртеж 2002", која се отвори во Народната и универзитетска
библиотека "Свети Климет Охридски", наградата "Никола Мартиноски" & припадна
на Анка Данаиловска.
Графики
Скопје, 4 февруари.
Во Културно-информативниот центар беше отворена изложба на графики од
Ирена Јажева. На својата прва самостојна изложба Јажева се претстави со 13
дела работени во техниките: сува игла акватина, дрворез и комбинирана
техника.
Дела од германски уметници
Скопје, 4 февруари.
Дела на шест светски познати уметници од Германија претставени се на
изложба која беше отворена во Музејот на современа уметност. Изложбата
насловена како "Град - земја - река" содржи 59 слики, скулптури, објекти и
комплексни инсталации.
Академски палми
Скопје, 4 февруари.
Македонскиот архитект Драган Бошнакоски го доби високото одликување "Академски
палми" што го доделува Република Франција за афирмација на француската
култура во Македонија. Ова признание го доделува францускиот министер за
култура во знак на благодарност за долгогодишната работа на Бошнакоски.
Скулптури во дрво
Париз, 5 февруари.
Во Галеријата Сандос и Давид-Веил македонскиот ликовен уметник Антони
Мазневски ја отвори својата осма самостојна изложба. Поставката на оваа
презентација се состои од шест скулптури во дрво со поголеми димензии
изработени во периодот 1999 - 2001 година и дваесетина цртежи.
Маски - слики - објекти
Скопје, 5 февруари.
Во скопската галерија "Аеро", беше отворена изложба на скулптури од
академскиот вајар Андреј Митевски. Тој се претстави со околу 30 скулптури,
маски - објекти и слики - објекти, работени во последните четири години. Ова
е негова петта самостојна изложба.
Книги
Будење
Крива Паланка, 29 јануари.
Во издание на "Графотекс" од Куманово излезе од печат драмата на Љупчо
Николовски од Крива Паланка насловена како "Будење". Промотори беа
писателите Тамара Арсовска и Томе Арсовски од Скопје.
Јозо во "Братство"
Охајо, 3 февруари.
Поетот Јозо Т. Бошковски Јон е примен за почесен член на Меѓународната
асоцијација на писатели и уметници "Братство". Бошковски е избран поради
неговата интелектуална и хуманистичка дејност.
Времето на козите
Софија, 3 февруари.
Бугарската издавачка куќа "Библиотека 48" го објави романот "Времето на
козите" од нашиот писател Луен Старова на бугарски јазик. Романот е преведен
на француски, германски, романски, хрватски, грчки, турски и на албански.
Две книги
Охрид, 4 февруари.
Беа промовирани двете книги на првиот претседател на Република Македонија
Киро Глигоров. Книгите се насловени како "Македонија е се што имаме" и "Атентат
- ден потоа".
Награда за "Критична точка"
Скопје, 5 февруари.
Наградата што традиционално ја доделува Друштвото на писателите на
Македонија, за најдобра поетска книга, која го носи името на истакнатиот
македонски поет Ацо Шопов, годинава му е доделена на Петар Т. Бошковски за
стихозбирката "Критична точка". Книгата е во издание на книгоиздателството "Култура"
од Скопје.
"Тунел" на билборд
Скопје, 5 февруари.
Деновиве романот "Тунел" од Петре М. Андреевски се најде на билбордите во
Скопје. Ова е првпат една книга да се рекламира на ваков начин.
Монографија
Скопје, 7 февруари.
Денес во Домот на АРМ ќе биде промовирана монографијата за Милка Ефтимова
од Снежана Анастасова - Чадиковска. Монографијата е насловена како "Светот
на еден глас".
Театар
Битолски лакрдии
Битола, 4 февруари.
Првата клапа од хумористично-сатиричната серија "Битолски лакрдии"
започна на плоштадот кај Саат кулата во Битола. Сценариото е на Иван Карадак,
а режијата на Зоран Крстевски. Во "Битолски лакрдии" ангажирани се Благој
Чоревски, Коле
Ангеловски, Борис Чоревски,
Ѓокица Лукаревски, Емил Унџел, Гоце Тодоровски, Катерина Крстевска и Тања
Кочовска. Оваа хумористично-сатирична серија е во продукција на битолска ТВ
"Меди", а Проектот е финансиран од Советот за радиодифузија.
Исчистени
Битола, 7 февруари.
На сцената на Народниот театар вечерва ќе биде изведена првата по ред
премиера за оваа година "Исчистени". Текстот на претставата е на Сара Кејн,
а режисер е Александар Црвенковски.
Музика
Live in Скопје
Скопје, 30 јануари.
Во Музеј на град Скопје беше промовиран новиот компакт-диск на групата "Синтезис".
CD-то е насловено
како "Live
in
Skopje".
Современа македонска музика
Виена,1 февруари.
Во организација на Сојузот на композиторите на Македонија во Концертната
сала "Безендрофер" беше одржан концерт на современа македонска музика. На
програмата беа дела од македонски композитори Ј. Андреевска, Г. Коларовски,
Т. Манчев, Вл. Николовски, С. Петровски и С. Стојков.
Фолк-експлозија
Струмица, 3 февруари.
Фолк-ѕвездата Гоце Арнаудов во струмичкиот ресторан "Терминал" го
промовираше своето најново CD
"Фолк-експлозија". Проектот е на МРТ и содржи седумнаесет песни и е
компилација од композиции што Арнаудов ги извел на фестивалите.
Кармен
Скопје, 4 февруари.
Во МНТ беше прикажана операта "Кармен" од Жорж Бизе. Операта беше под
диригентската палка на Оливер Балабурски.
Планетариум
Торонто, 5 февруари.
Канадско-македонскиот балетски проект "Планетариум", во кореографија на
Дебора Вилсон доживеа премиера во театарот "Хардбаурдфронт". Претставата е
балетска реализација на мултимедијалниот Проект на Киро Урдин, на музика на
Венко Серафимов.
Гоце Фест
Скопје, 6 февруари.
Во Универзалната сала започна четиринаесеттиот по ред Фестивал на нови
родољубиви и патриотски македонски песни "Гоце Фест". Фестивалот ќе продолжи
и на седми и осми февруари кога и ќе се изврши селекција на песните -
учеснички и ќе се доделат наградите.
|