Застрелан илегалец на македонско-албанската граница
Граничната патрола од караулата "Спас" во близина на Башкино Поле, кај
Дебар, патрола на АРМ застрела илегалец на македонско-албанската граница.
Инцидентот се случил во моментот кога двајца Албанци сакале илегално да ја
преминат границата. Тие на предупредувањата на АРМ одговориле со бегство
така што патролата морала да реагира онака како налагаат правилата.
Обвинение против членови на АНА
Според јавувањето на приштинското "Радио 21" јавниот обвинител на УНМИК
во Гњилане поднел обвинение против двајца Албанци од Витина. Тие се товарат
за тероризам, собирање оружје и регрутирање членови за АНА. Тие како членови
на терористичка група дејствувале на Косово и Македонија.
Македонско-албанска струја
Македонското "Електростопанство" и албанската "Електрокорпорација" набргу
ќе да почнат со изградба на директна трансмисиска врска за размена на
енергијата која ќе помогне и во испораката на енергија на земјите од регинот.
Ова е договорено на средбата меѓу директорите на овие институции, Панде
Лазаров и Амди Кершани во Подградец.
Недолично однесување
Претставник на ОН од мисијата на УНМИК со пцости и погрдни зборови го
навредувал полицаецот вработен на граничниот премин "Ќафасан". Ова било
иницирано поради немањето виза на шоферот на претставникот на ОН кој е
албански државјанин.
Укинат принципот "виза на граница"
Информацијата на Министерството за надворешни работи на Македонија е дека
од 15 јануари странските државјани што сакаат да влезат во Македонија не
можат да добијат виза на граница, туку тоа мора да го сторат во македонските
дипломатско-конзуларни претставништва. Тоа важи за сите земји со кои имаме
визно-пасошки режим. Ваквото објаснување не ги задоволува Македонците што
живеат во Австралија кои имаат австралиско државјанство, а немаат македонски
пасош.
Грчки подарок
Според Крсте Вељановски, генерален директор на ЈСП, постои можност 100
нови автобуси да се добијат како донација од грчката Влада. Тие автобуси за
време на Олимпијадата би се користеле за нивни потреби, а потоа би станале
во сопственост на Претпријатието.
Убиен Албанец во холандски суд
Како што објавува "Ројтерс", холандски полициски специјалци во судница
убиле Албанец кој бил обвинет за грабеж на банка во Холандија. Обвинетиот
бил убиен затоа што во судницата влегол вооружен со пиштол и го нападнал
јавниот обвинител.
Ќе биде ли екстрадиран Миронов?
Контроверзниот банкар Иван Миронов кого бугарските власти го бараат
поради проневера на сто милиони евра, а се наоѓа во притвор во Македонија,
се уште не знае кога ќе биде екстрадиран. Инаку, македонските судови донесоа
одлука дека се исполнети условите за негова екстрадиција со која ги
прекршија и Европската конвенција за екстрадиција и македонските закони.
Српски сили на Косово
Српскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, побарал од НАТО дозвола да испрати српски
сили во Косово кои ќе го пополнат вакуумот што би се создал со испраќањето
на војниците на НАТО во Ирак. Ѓинѓиќ исто така изразил и загриженост дека
албанските локални власти ќе ја организираат безбедноста во покраината без
консултации со српските и југословенските власти.
|