Откупот на тутунот под силно обезбедување
Под невообичаени мерки на безбедност, поради можно незадоволство од
ниските откупни цени, Тутунскиот комбинат од Прилеп ги отвори вратите на
осум пунктови за откупување на тутунот од ланскиот род. Околу 8.000
семејства на тутунари од Прилепско се очекува да предадат над 5.000 тони
тутун вреден околу 9 милиони евра.
Пари за откуп има, а проценката ќе се врши строго според мерилата на
утврдените запечатени мостри од Комисијата за земјоделство, изјави
директорот на прилепскиот Тутунски комбинат, Диме Момироски.
Во "Јака табак" привремено прекинат откупот
Радовишката откупна компанија "Јака табак" извесен период нема да
откупува тутун на трите пункта во радовишкиот регион.
Според раководството на фирмата, откупот привремено е запрен затоа што
немаат простор за складирање на откупениот тутун. "Јака табак" досега
откупила 2.000 тони ситнолистен ароматичен тутун од типот "јака".
Владата поделена околу неплатените придонеси
За само една недела синдикалците добија сосема две спротивни изјави од
Владата за проблемот со заостанатите неплатени придонеси. Според
синдикалниот лидер Муратовски, премиерот Црвенковски се согласил со нивна
наплата со дисконт, а ресорниот министер Манасиевски изјави дека Владата
повеќе нема да ги толерира фирмите кои не ги плаќаат редовно придонесите.
Синдикалниот лидер по средбата што ја имаше во петокот со Премиерот,
изјави дека Црвенковски се согласил со предлогот на ССМ заостанатите
придонеси да се платат со дисконт и на еден подолг временски период.
Струмица бара 150.000 евра од државата
Струмичките советници во името на граѓаните бараат од државата да им
бидат вратени 150.000 евра. Овие средства, дадени од џебот на граѓаните за
изградба на водоводна и канализациона мрежа на име данок на добивка од
Јавното комунално претпријатие "Комуналец" во 2001 година, завршиле во
државниот буџет.
Станува збор за средства кои граѓаните на Струмица со одлука на
струмичкиот Совет ги одвојувале за реализирање на МЕАТ програмата, која и по
две години се уште е мртва буква на хартија.
Со неа е предвидена реконструкција на водоводната и канализационата мрежа
во неколку населени места во Струмица, освен градот, меѓу кои и Дабиле кое
три месеци буквално плива во вода поради непостоење на атмосферска и фекална
канализација.
Ламбе Арнаудов на суд
Ламбе Арнаудов пред истражниот судија Слободанка Баковска треба да даде
изјава во врска со злоупотребата на 100 тони шеќер од битолската шеќерана.
Обвинителството кое ја води постапката против директорот на фабриката Благој
Петковски, кој веќе две недели е во притвор, поднесе кривична пријава против
Ламбе Арнаудов, тогашен владин повереник.
Нови правила за државните акции
Државните акции, чија вредност се проценува на 450 милиони евра, ќе се
продаваат според нови правила. Со нив ќе се тргува на еден специјален ден на
Берзата, а цената на акциите која може да се спушти и до 1 денар, ќе ја
диктира пазарот.
Со објавување на продажбата на државните акции 30 дена порано, со
тргување на специјален ден на Берзата и со комбиниран модел на одредување на
цената е начинот на кој Владата ќе ги продава акциите во државна сопственост.
Живинарските фарми бараат помош
Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија формираше
тело кое треба да достави информација до Фондот за земјоделство и до
Министерството за земјоделство за состојбите со оваа гранка која би се зела
предвид при изготвувањето на призводствените планови за оваа година. Ваквиот
чекор на живинарите произлегува и од загрижувачката положба во која тие се
наоѓаат поради залихите кои секојдневно се натрупуваат и сега се движат
околу 6,5 милиони јајца, овозможувајќи на тој начин пад на цената на јајцата
на пазарот. Намалувањето на цената на консумните јајца и јајцата за
преработка ги доведува производителите на работ на рентабилност. Заради
намалување на актуелните случувања во живинарството, претставниците на
живинарските фарми бараат обезбедување на интервентен извоз на јајца со
помош на државата.
Федерација на индивидуални земјоделци
Проблемите и барањата на земјоделците во преговорите со Владата во иднина
ќе ги застапува Федерацијата на индивидуални земјоделци. Новоформираната
земјоделска организација обединува 25.000 индивидуални земјоделци од повеќе
локални здруженија и сојузи.
Постоењето на ваков вид земјоделско организирање се очекува да помогне во
реализација на ИФАД кредитната линија наменета за земјоделието и за добивање
банкарски кредити.
Целта е земјоделците да добијат подобри услови за работа преку помош во
обезбедување репроматеријали и опрема, воведување стандарди, подобар
квалитет, како и работа на маркетингот во земјоделството, на домашен и на
странски пазар.
Капацитетите искористени за 65,7 отсто
Просечното искористување на капацитетите на претпријатијата во декември
минатата година во споредба со минатиот месец е незначително намалено и
изнесува 65,7 отсто од нормалното искористување, пресметале во Државниот
завод за статистика. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на
производството во декември минатата година има недоволната домашна
побарувачка со 17 отсто, недоволната странска побарувачка со 17,1 отсто,
неизвесното економско опкружување со 16,2 отсто и финансиските проблеми со
13 отсто.
Раководителите на претпријатијата оценуваат дека во декември минатата
година залихите на суровини и репроматеријали, тековните набавки на суровини
и репроматеријали, како и залихите на готови производи се уште се под
нормалата. Очекувањата на раководителите искажани во декември 2002 година
покажуваат дека просечните набавни цени на инпутите ќе бележат опаѓање,
додека просечните цени на готовите производи значително ќе се зголемат.
Минус од 750 илјади долари
Негативното салдо во минатогодишната размена со странство изнесува
751.328 американски долари, а обемот на стоковната размена од јануари до
ноември изнесува 2.765.428 долари.
Според податоците од Државниот завод за статистика, извозот учествува со
36,4 отсто, а увозот со 63,6 отсто, односно покриеноста на увозот е 57,3
отсто.
Најмногу сме извезувале готови производи (пијалаци и тутун) - 34,8 отсто,
а сме ги увезувале машините, транспортните уреди и слично. Најмногу сме
тргувале со членките на Европската унија, со државите од поранешна
Југославија, со земјите на Централна и Источна Европа и со тие од
поранешниот Советски Сојуз.
Во однос на периодот јануари - ноември 2001 година, зголемување на
извозот има кај земјите во развој, за 28,6 отсто и кај земјите на Централна
и Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз за 5,2 отсто. Во увозот
зголемување се јавува кај сите земји освен кај членките на ЕФТА, каде што
има намалување на увозот за 5,9 отсто.
Стоковните резерви се полнат со деривати
Владата може да изврши набавки без тендер кога тие се поголеми од 2.600
евра, но само во случај кога станува збор за итност предизвикана од настани
што не можеле да се предвидат. Тоа право Владата го користи за да одобри
интервентен увоз на нафтени деривати без објавен тендер со непосредна
спогодба. Меѓутоа, за да помине набавката потребна е согласност од
Министерството за економија што не било проблем. Втората причина што не е
објавен тендер, според надлежното Министерство, е што таквата постапка трае
три месеци, а државните резерви располагале со резерви за само десетина дена.
Замрзнат хипотекарниот договор за НИП-от
Основниот суд Скопје 1 донесе привремена мерка со која на фирмите НИП "Нова
Македонија", "Југ сторитве" и "Зум Промошн" им забранува да го реализираат
хипотекарниот Договор за имот на НИП-от и да преземат какви било дејства што
можат да им наштетат на доверителите до правосилното завршување на спорот.
Правниот застапник на "Југ сторитве", Владимир Ракочевиќ, најави дека по
консултациите со застапуваните ќе поднесе жалба на ваквата одлука на Судот
до Апелациониот суд. Евентуалното поднесување на жалбата не влијае на
извршувањето на одлуката.
Моби-компас
"Мобимак" од 1 февруари воведе нова бесплатна услуга "моби-компас" што се
состои во презентирање информација на екранот од мобилниот телефонски апарат
на корисникот.
Вклучувањето и исклучувањето на оваа услуга зависи од типот на мобилниот
апарат. Веднаш по самото имплементирање во системот на "Мобимак", услугата
автоматски ќе се вклучи кај одредени корисници чии мобилни телефонски
апарати се веќе сетирани.
Оваа услуга може да ја поддржат сите видови мобилни телефонски апарати,
доколку корисникот сам ја вклучи потребната опција.
|