о последно време грото од
Македонците тешко го закрпуваат месецот, а притоа да успеат да излезат на
крај со сите сметки и давачки потребни за нормално живеење. Тоа во секој
случај се мисли на работниците кои со 5.000 до 6.000 денари личен доход
едвај преживуваат. А состојбата е уште полоша со оние граѓани кои се
стечајци, технолошки вишок, невработени, пензионери и слично. Наспроти сета
оваа сиромаштија сепак се испрчуваат оние (иако нивниот број е мал) со скапи
автомобили, палати, дизајнирани гардероби и разно разни луксузи, додека
некој некаде по контејнерите трага по бајат леб!
Економската нееднаквост и социјалното раслојување во Македонија расте.
Ова го тврдат најновите истражувања на економските експерти кои вршеле
длабински анализи на ефектите од транзицијата во Македонија во последните 12
години, односно од осамостојувањето до денес. Во почетокот на транзицијата,
според т.н. џини индекс на нееднаквост во економијата, степенот на
раслојувањето меѓу богатите и сиромашните изнесуваше околу 20 отсто. Сега
тој изнесува 31 отсто, што значи дека нееднаквоста меѓу различните социјални
слоеви пораснала за 11 проценти. Ова го докажува во својот труд доцент д-р
Димитар Ефтимовски од Економскиот институт во Скопје, кој вели дека делот од
вкупниот доход од економијата што го присвоиле богатите слоеви пораснал за
11 отсто, односно за 11 проценти се намалило она што го добивале
посиромашните слоеви.
НЕЕДНАКВОСТ
Ова е парадокс во економијата, вели Ефтимовски, во услови кога се
пријавува пораст на бруто-домашниот производ, иако овој процент во светски
рамки се смета како умерена нееднаквост, односно умерено раслојување.
Имаме високо ниво на сиромаштија, што практично значи дека она што е
умерено дистрибуирано во државата е сиромаштијата, а не доходот, односно
сиромаштијата е еднакво распределена. Како што расте бројот на домаќинствата,
така сиромашните примаат помал доход.
Парадоксот, пак, на пораст на бруто-домашниот производ наспроти
поголемото раслојување меѓу населението говори дека ние имаме неквалитетен
економски растеж, бидејќи не се зголемува вработеноста и квалитетот на
живеење, односно тоа се подига само кај одреден слој луѓе. Таков пример има
кај арапските земји кои имаат пораст на економијата, но и пораст на
сиромаштијата. Кај нас, според последните податоци, невработеноста е 31,9
отсто, односно над 266 илјади луѓе се без работа, констатира Ефтимовски.
МОДЕЛИ
Според Димитар Ефтимовски, раслојувањето кај нас меѓу богатите и
сиромашните најмногу станало евидентно преку моделите на приватизација,
најчесто преку менаџерскиот откуп. Кога е согледано дека севкупното штедење
во Македонија (8-9 отсто од БДП) е помало од целиот општествен капитал кој
се пушти на продажба, значи нема домашен да го купи капиталот, се повикавме
на странските инвеститори да влезат во приватизацијата, но нивниот интерес
бил само за монополите. Така ни се случи менаџерскиот откуп, каде што
вработените поради недостиг од информации беа исклучени од приватизацијата и
голем број внатрешни менаџери ги купија фирмите со огромни дисконти.
СТАТИСТИКА
Делумна вина за раслојувањето, според ова истражување, има и
макроекономската политика која одеше исклучиво на постигнување стабилност на
курсот на денарот, при што стабилност постигнавме, но на ниско ниво на
животен стандард. Она што се очекуваше од транзицијата, да се зголеми
економската ефикасност, не се постигна, а затоа, пак, ја загубивме
социјалната сигурност која ја имавме во претходниот систем, тврди д-р
Ефтимовски.
Социјалното раслојување го потврдуваат и статистичките податоци од 2000
година кои велат дека само еден отсто од населението во државава може да си
дозволи да купи што сакаат, што можеби не е идентичен податок со тоа колку
се богати, но е блиску до реалноста.
ИНИЦИЈАТИВА
Сојузот на синдикатите на Македонија покрена иницијатива до Владата на
Република Македонија за дополнување на членот 69 од Законот за работни
односи, кој се однесува на учеството на работниците во добивките на
претпријатието. Со други зборови, со ова се настојува преку законски
процедури работниците да се изборат за подобар стандард при поголеми права
при поделбата на добивката!
Ова нема да биде лесен и едноставен процес. Иако има вакви искуства во
Германија, Шведска и во други држави, тешко дека некој од сопствениците на
фирмите кај нас ќе се согласи да го дели колачот со работниците,
констатира Мато Симоски, портпарол на ССМ додавајќи дека за остварување на
иницијативата ќе биде потребна голема поддршка од Владата.
На работниците треба да им припаднат 30 отсто од добивката во
претпријатијата, смета Синдикатот. Поделба на добивката побараа вработените
во цементарницата "Усје" и во скопски "Жито лукс", а ССМ ова го поднел до
Владата. Според информации од ССМ, цементарницата "Усје" има годишна добивка
од 20 милиони евра, што значи дека работниците треба да добијат шест милиони
евра.
Учеството на работникот во распределбата на добивката е соодветно на
учеството на неговата плата во вкупните средства за плати во пресметковниот
период за кои се утврдува добивката, вели Симоски.
Работниците нема да се преместуваат од едно на друго работно место во
фирмата без одобрение на ССМ, работодавците нема да можат без согласност на
Синдикатот да ги отпуштат вработените и газдите нема да имаат право
неосновано да ја намалуваат платата на работникот, потенцираат луѓето од
Синдикатот.
Би било добро кога сето она што е на хартија или теоретски е кажано, а е
во корист на работниците, истото да биде спроведено на дело. Дури тогаш
можеме да говориме за некакви поголеми права, па дури и за подобар стандард
на работникот!
Пораст на цените на мало е забележан кај услугите за 3,7 отсто,
пијалаците за 3,4 отсто, земјоделските производи за 3,1 отсто и кај
индустриско-прехранбените производи за 1,2 отсто. Намалување на индексот е
забележано единствено во групата индустриско-непрехранбени производи за 0,6
отсто.
Што се однесува до трошоците на живот, пораст има во групите облека и
обувки, стан, култура и разонода, сообраќајни средства и услуги, исхрана,
тутун и пијалаци и огрев и осветлување. Намалување на индексот е забележано
во групите хигиена и здравје за 3,8 отсто и покуќнина за 0,6 отсто.
Индексот на цените на мало во декември 2002 година, споредено со истиот
период претходната година, забележа пораст од 2,2 отсто, а индексот на
трошоците на живот пораст од 1,1 отсто.