етските градинки од јануари
идната година ќе се приватизираат. Слично ќе биде и со домовите за стари
лица, со детските одморалишта и со центрите за хендикепирани лица, говорат
последните најави од првиот човек на Министерството за труд и социјална
политика, која внесе доза на негодување најнапред кај родителите, но и кај
директорите и воспитувачите на градинките.
Градинките ќе бидат во надлежност на општините, а паралелно со тој процес
ќе му биде овозможен влез и на приватниот сектор. Во законски рамки треба да
се стават невладиниот и приватниот сектор. Заинтересираните што ќе сакаат да
ги раководат детските градинки ќе бидат лиценцирани за да ја добијат
дејноста, а државата колку што може ќе одделува пари и ќе врши контрола,
вели министерот за труд, Јован Манасиевски.
ЦЕНА
Родителите плаќаат по 1.200 денари за месечен престој на дете во овие
предучилишни установи. Дополнителната цена на услугите ги надоместува
државата. Семејствата што ги доверуваат децата на чување на други лица,
најчесто на девојки или повозрасни жени, за тоа плаќаат најмалку по 6.000
денари месечно, додека услугите во приватните градинки изнесуваат од 3.500
до 5.000 денари, во зависност од времетраењето на престојот на детето.
Секако дека се подобри методите и пристапот на работа во една приватна
детска установа, но и вложувањата се поголеми. Нашиот проблем е во цената на
дневниот престој и некои не можат да си го дозволат тоа. Кога државата би
плаќала дел од нашите трошоци би можеле да имаме и попристапна цена,
вели Катерина Јолаковска, директорка на приватната градинка "Еурека" од
Скопје.
ПЛУРАЛИЗАМ
Манасиевски најавува голема реформа во областа на детската заштита, а
главен проблем е што се уште нема плурализам во давањето социјални услуги.
Нашата земја е една од ретките во Европа каде што државата има монопол
врз социјалната заштита. Го нема приватниот сектор или невладини организации
што ќе ги водат процесите. Тие сега се учесници во некои процеси, но
поентата е да бидат рамноправни на пазарот на социјални услуги. Затоа треба
да подготвиме регулатива што ќе ја растовари државата, но ќе го направи овој
сектор привлечен за вложување. Профитот тука ќе биде минимален, но ќе се
добие нов квалитет на услугите, објаснува министерот Манасиевски.
Сепак, вработените во детските установи се жалат дека не се доволно
информирани за плановите на министерот Манасиевски.
Затечени сме со информацијата, бараме дополнители консултации, оти ништо
официјално не ни е кажано. Потребна е сериозна анализа и согледување за
барањето на најдобро решение, бидејќи станува збор за сложена дејност. Се
треба јасно и законски да биде регулирано, додека со најавениот пилот-проект
би можеле нешто поконкретно да констатираме. Се надеваме дека во скоро време
ќе добиеме информација за моделот, ингеренциите, законската регулатива на
приватизацијата на градинките, вели Славица Благоевска, директорка на
детската градинка "Детска радост" од Скопје.
ПРОЕКТ
Министерот Манасиевски ќе предложи листа на општини што, на менаџерско и
финансиско ниво, се подготвени веднаш да почнат и да го преземат
управувањето со градинките. Тој пилот-проект би се одвивал од мај до ноември
годинава.
Луѓето различно ја толкуваат приватизацијата на градинките, затоа треба
да се почека малку, зашто визиите за приватизацијата ги има само
Министерството. Сметам дека мрежата на предучилишни организации и наредниот
период ќе остане да биде грижа на државата, затоа што таа повеќе децении има
вложувано средства, а од друга страна денес најголем број од семејствата не
се парично способни. Јас лично сметам дека внимателно ќе се пристапи кон
овој процес, со еден преоден период на согледување на ефектите од истиот.
Што се однесува до мојата средина, искуствата од нашето секојдневно работење
укажуваат дека родителите не ќе можат да ги подмират зголемените трошоци.
Сите родители се заинтересирани за што поквалитетни услуги и еднаков старт
на нивните деца во основното образование што ние го обезбедуваме со
Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на
образованието и други стручни институции во Република Македонија. Така, во
нашата градинка повеќе години наназад се организираат проекти, специјални
програми, впрочем како и во другите детски установи, вели директорката
на градинката "Братство и единство" од Скопје, госпоѓата Валерија Велинова.
Во март ќе биде одржана средба со градоначалниците на сите општини, за да
се видат нивните "апетити" и што можат тие да преземат во децентрализацијата
на детските градинки.
Државата преку Министерството за труд ќе го задржи надзорот во работата и
законитоста во вршењето на дејноста. И финансирањето ќе се префрли на
општините кои ќе решаваат дали сами ќе ги водат детските градинки или ќе ги
дадат на управување на некој приватник или на невладиниот сектор.
Во прво време, парите за плата на вработените и за одржување на објектите
ќе се префрлат во одредена општина, вели Манасиевски.
НЕДОВЕРБА
Родителите гледаат со доза на скепса и страв во случај сите градинки во
државата да се приватизираат.
Би сакала да се приватизираат градинките, со тоа што цената за престој на
дечињата би останала иста, а би се изменил само квалитетот на услугите кон
подобро, вели една мајка чие дете веќе две години престојува во детската
установа "Распеана младост" во Скопје.
Доколку државата се откаже од капата со која ја покрива детската градинка
(само личен доход за вработените, затоплувањето и делумно одржувањето на
објектите), доколку истите се приватизираат со нови услови и цени, тоа би
значело, како што и така моментно имаме низок наталитет, дека во иднина би
го уништиле прирастот на децата. Сум за приватни градинки, но за оние коишто
тоа можат да си го дозволат. Во Штип децата во градинките се претежно деца
од работници чии примања се околу 5.000 денари. Населението е сиромашно, а
со приватизацијата родителите ќе немаат економска моќ да родат ниту едно
дете. Ние не сме толку финансиски моќни да го имитираме Западот со
воведување на приватни детски установи, децидна е раководителката на
една детска установа од Штип.
Во приватна градинка во Битола цената на еден дневен престој
изнесува 3.600 денари, а услугата и конкретно храната воопшто не се
разликувала од онаа во државните детски установи, според видувањата на една
воспитувачка од градинка од тој град. Сепак, некои директорки мислат дека
приватизацијата не би ја опфатила целата мрежа на детски установи во
Република Македонија, туку само таму каде за тоа ќе пројават интерес
родителите кои ќе бидат во можност да одделат повеќе од својот паричник, со
цел да добијат подобар квалитет на услугите при грижата на детето.
Во денешни услови на економска немоќ еден млад брачен пар тешко би се
одлучил дури за едно дете во случај кога грижата за него би претставувала
повеќе од луксуз, повеќе од нивните финансиски можности!