ПОЛИТИКА

ЕКОЛОГИЈА: "Друштво на родители за грижа за здраво поколение" од Велес

БОРБА ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ И ЧИСТ ВОЗДУХ

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

  • Вечниот проблем на Велес иницира да се појави Друштво кое се обидува да го одбрани Велес од отровните гасови кои ги испушта Топилницата - монструм.
  • Во Друштвото секојдневно се обраќаат родители за помош на нивните деца кои се наоѓаат во критична здравствена положба: деца со нарушен психофизички интегритет, деца со анемии, со канцерогени заболувања, мигрени и респираторни заболувања.

Друштво на родители за грижа за здраво поколение" активно функционира од 03.06. 1998 година. Неговото формирање било иницирано од презагадената животна средина која катастрофално се одразува врз здравјето на децата и граѓаните. Друштвото брои околу 150 активни членови, а оваа година има и свој помладок составен од деца до 18 годишна возраст.

Области на дејствување на Друштвото се екологија, здравство и воспитување на деца и млади. Односно, основните програмски определби се однесуваат на грижата и здравјето на децата, а истовремено на широкото граѓанство на физички и на ментален план. Друштвото смета дека континуираното загадување има големо влијание врз нарушување на здравствената состојба на граѓаните, а посебно на децата во Велес, кој го носи приматот на град со најзагадена животна средина.

КОНКРЕТНИ АКТИВНОСТИ

Следејќи ја Конвенцијата за правата на децата и Уставот на Македонија во кој се вели дека децата имаат право на здрава животна средина, Друштвото смета дека на велешките деца им е прекршено ова уставно право.

Со нашата мисија се вклучуваме во активностите за граѓанско уредено општество, односно во креирањето на нормативна уреденост од областа на екологијата, вели Тања Богатинова, секретар во Друштвото. Тука се раководиме и од Архунската конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина. Нашето Друштво соработува и е отворено за сите заинтересирани субјекти и институции од државата, своите програмски определби ги реализираме низ ненасилни и решителни методи, преку конкретни активности, проекти, иницијативи, разни манифестации и мирни протести, медиумско апелирање, се со цел континуирана актуелизација на еколошките проблеми и развивање на граѓанската свест во секој поглед.

Во Друштвото секојдневно се обраќаат родители за помош на нивните деца кои се наоѓаат во критична здравствена положба. Најчесто станува збор за деца со нарушен психофизички интегритет, деца со анемии, со канцерогени заболувања, мигрени и респираторни заболувања.

Обично се обраќаме до Министерството и Фондот за животна средина и просторно планирање кои досега во поголемиот број случаи ни помогнале, а исто така и до многу Фондации: МобиМак, Сорос и други, објаснува Богатинова. Имаме голема соработка и со медиумите кои секогаш ни помагаат да ги афирмираме проблемите со еко-загадувањето во Велес.

ПРОЕКТИ

Досега имаме реализирано повеќе активности, рехабилитации на велешките деца во чиста животна средина, анкети, предавања, Проектот "Внимавај со отпадот", финансиран од ФИООМ и Швајцарската агенција за развој и коорперација за едукација на децата од сите шест основни училишта од Велес за потребата од рационално селектирање на разните видови на отпаден материјал.

Во рамките на Друштвото во тек е реализација на Проектот "Еколошка демократија за Велес", финансиран од Амбасадата на Велика Британија во чиј склоп е отворен Интерактивен центар за едуцирање, советување и информирање на граѓаните за прашања од областа на здравствената заштита на децата од Велес.

Основна цел на Проектот е иницирање на измена и дополнување на закони што ја регулираат здравствената заштита на граѓаните во Македонија, со акцент на влијанието на животната средина врз здравствениот статус на децата што живеат во неа, објаснува Богатинова.

Предлог-законот ќе биде дистрибуиран до Владата на Македонија. Координатор на проектите "Внимавај со отпадот" и "Еколошка демократија за Велес" е токму Тања Богатинова.

РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Во овој период активно работиме на планот на активирање на надлежните органи за превземање на конкретни активности за "конечна детекција" на изворите на загадување во Велес, вели Богатинова. Потоа нивно елиминирање или санирање, како и обезбедување на соодветна рехабилитација на хронично заболените деца од Велес, кои беспомошно се надеваат дека нивниот иден живот нема да биде исполнет со страв од константните третмани и лекувања, дека површините на кои се забавуваат и рекреираат нема да бидат контаминирани, дека ќе пијат чиста вода и ќе консумираат здрава храна, а не храна преполна со олово која се абсорбира во сите ткива на организмот.

Во тек е реализација на Проектот за обезбедување на валидни резултати за застапеноста на оловото и некои други загадувачки материи во организмот на велешките деца, како и нивната корелација со одредени видови заболувања кај децата. Ова ќе се реализира преку микроелементозна анализа и системска дијагностика на примероци од косата на 80 деца од Велес. Овие примероци ќе бидат испратени до центарот за биотичка анализа во Москва, од каде ќе се очекуваат повратни резултати.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"