ПОЛИТИКА

Денешнината и минатото во подножјето на Шар Планина

ЖИВОТОТ ВО ЛЕШОК ПОВТОРНО ПУЛСИРА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Познато е дека Лешок е ризница на разни вредности, почнувајќи од црковниот, духовниот живот, па продолжувајќи со разни деловни активности од земјоделството, сточарството и разни занаетчиска занимања.
  • Традициите се секако традиции, а лешочани на достоинствен начин ги одбележуваат како што им ги пренеле нивните предци.

Внедрен во пазувите на Шар Планина недалеку од манастирскиот комлекс во Лешок се наоѓа стариот манастир "Св. Атанасиј", изграден во XIII век. Иако од овој манастир се останати само рушевини "благодарејќи" на "борците за човекови права", сепак гордите лешочани го прославија нивниот празник "Свети Атанасиј" кој традиционално секоја година се одбележува на 30 јануари.

И покрај тоа што во ова село се уште се чувствуваат и се гледаат страдањата на жителите кои беа насилно протерани во текот на војната што & се случуваше на Македонија, и покрај трогателната слика на разрушени куќи, осквернавени манастири чии фрески се испишани и уништени со добропознатите букви УЧК, сепак сето тоа лешочани не ги поколеба да си ја продолжат традицијата.

ДЕНЕС

Трите девојчиња облечени во македонски носии ги пречекаа сите добронамерници со домашно месено лепче, а недалеку од нив се чувствуваше топлиот мирис на далекупознатото тетовско гравче кое се крчкаше во длабокиот казан.

Иако сите лешочани не се вратени во своите домови, прота ставрофор Димитрие Крстевски како што доликува на едно свештено лице им посака добредојде на сите верници кои сакаа да бидат дел од прославата на овој свет празник. За прота ставрофор Крстевски разрушениот стар манастир не претставуваше пречка тој да одржи водосвет пред насобраните верници, а подоцна пред богатата трпеза и да го принесе Славскиот колач даден од старите кумови.

И покрај злоделата врз овој наш свет храм, гордост ми е што во ова време, во вака руинирани објекти од човечка рака, може да се собереме и да одржиме богослужба на денот на еден од најголемите градители на христијанската поточно православната црква, Свети Атанасиј, вели прота ставрофор Крстевски.

Одбележувањето на христијанските празници започнува уште од времето на Кирил со славењето на "Свети Атанасиј - летен и зимен", 28 август, празникот посветен на "Света Богородица" и "Петровден" кога се вршела жетва на манастирскиот имот. На овој ден во конаците се собирало целокупното полошко население каде што се пеело и играло околу богатата трпеза.

Како што е познато на секој верски празник на одредена црква се одбира кум. Така и жителите на Лешок оваа традиција си ја негуваат од дамнина, па така ниту воената криза што ги погоди нив не ги оддели од нивното верување во Бога. Ѓоко и Снежана Ковачевски, жители на Лешок, беа кумови минатата година. Оваа година нивното кумство го предадоа на новиот кум кај кого се падна светата паричка.

Да се биде кума претставува големо задоволство и чест, вели Снежана. Тоа не паѓа секогаш, така што за мене и моето семејство претставуваше голема радост. На самата трпеза секоја година се носи погача во која има паричка. Свештеното лице, како што доликува на секој верник, му подава по парче од погачата, а минатата година јас ја имав таа среќа да ми се падне паричето. Во текот на целата 2002 година како кумови ја имавме обврската кога треба во манастирот да се помогне, кога се празнуваа и други слави ("Свети Атанасиј - летен") повторно бевме тука. Многу сме поврзани за нашето село и за традицијата, така што кога бевме протерани ни беше многу тешко. По нашето протерување од Лешок едвај чекавме да се вратиме. Сега сме тука и продолжуваме со животните обврски кои ги имавме и пред тоа. На секој лешочанец кој не е вратен би му порачала да се врати во својот дом. Политиката никогаш не не интересирала, единствоно нешто што не интересира е соживотот. И моите деца се тука - едното работи во Тетово, а девојчето оди редовно на училиште.

И на Никола Божиновски корените му се од Лешок. За денешната состојба во селото по познатите немили настани, Никола вели дека сега е мирно, се живее некако.

Проблеми нема сега засега, смирено е, но што ќе донесе утрешниот ден никој не знае, вели Никола. Народот што е вратен си живее, работи, децата одат во планина на лов и никој не им пречи. За време на кризата не истераа со автомати, одеа од куќа на куќа, моравме да заминеме, со солзи во очите кажува Никола. Никогаш не сум излегувал од Лешок се додека не дојдоа тие. Не можев да издржам и се вратив со првиот конвој. Тогаш се вратија 30-40 жители на Лешок. Продолживме со обработување на земјиштето, иако на почетокот чувствувавме и страв. Инаку, во Лешок живеат 460 жители и сите се Македонци. Сега бројот на вратени е зголемен.

На изјавата од Божиновски, се надоврза и Борис Станковски кој исто така е староседелец во ова село.

Во нашево Лешок е мирно затоа што сме сите Македонци, додека во другите села можеби имаат проблеми, но не во такви размери како што беа во времето на војната. По месец дена откако не истераа, јас веднаш се вратив. Постојано сум тука и сега нема никакви проблеми. Сега е мирно, се живее само што нашиве се уште не се враќаат. Треба да се вратат, да почнат да си работат, а децата да одат во училиште. Можеби има дваесеттина семејства што живеат по домовите во Скопје. Очекувам и мојот син со снаата да се вратат. Со соседното село Слатино немаме никакви проблеми, дури понекогаш одиме и да пазаруваме таму, вели Борис Станковски.

Ваквите оптимистички изјави на овие лешочани навистина радуваат. Кај секого нека е добронамерна мислата да се врати во својот дом каде што пораснал, а никогаш да не се повтори веќе преживеанот кошмар.

МИНАТО

За историјата на Лешок и лешочките манастири, македонската јавност знае. Таа е богата. Токму поради тоа прота ставрофор Крстевски апелира до секој граѓанин на Македонија за зачувување на ова село, потсетувајќи не дека со стапнувањето на тлото на Лешок се чувствува духот на минатото и неговата вредност.

Жални се овие работи кои се случуваат. Треба да се апелира до надлежните структури, да се обрне повеќе внимание на овој објект затоа што постојат показатели дека тој датира од ЏИИ век, а можеби и од ВИИИ или пак од ВИ век, објаснува прота ставрофор Крстевски. До половината на ЏВИИ век, до исламизирањето на овој народ, овој објект беше жив манастир. Монасите од овој манастир морале да се симнат во стариот манастир "Света Богородица" каде и денес се наоѓа манастирот "Свети Атанасиј патријарх Александриски". Десетина години како е обновена таа традиција, на големо задоволство на верниците на 15 мај се слави летен Свети Атанасиј кога за последен пат е одбележан во 2001 година. Минатата 2002 година го одбележавме сосема скромно, а за оваа година планираме доколку дозволат условите да го одбележиме како што доликува.

Нешто повеќе за историјата на манастирите говореше господинот Илија Петрушевски кој има напишано монографија токму за лешочките манастири.

Постои верување кај народот дека ова е нов манастир, а стариот манастир е малку погоре кој е граден од 1321 до 1331 година од првиот полошки епископ Јоаникие кого го прогласиле за епископ Антонијо, вели Петрушевски. Манастирот опстојува до крајот на ЏВИ век, но настапуваат времиња кога состојбата не била сигурна, па така монасите морале да се преселат. Тогашниот полошки епископ Никанор роден во Лешок гради нови конаци во дворот во 1326 година покрај новите конаци на старата црква "Света Богородица" и го доградува пронаосот. Манастирот опстојува и живее до 1689 - 90 година кога избувнува востанието на австрискиот војсководач Пиколомини заедно со Карпош против Турците. Тогаш и се разурнуваат конаците. Во 1817 - 18 доаѓа Кирил Пејчиновиќ и започнува со градба на манастирот. Пред да почне тој барал согласност од лешочани дали ќе му дозволат селската црква да биде манастирска. Тие му дозволуваат и тој започнува со градбата. Тој конак се наоѓал на шест-седум метри северно од денешниот конак којшто бил нешто поголем од селските куќи, бил со ликот завртен кон север со поглед кон стариот манастир. По Кириловата смрт, него го наследува Серафим кој гради два огромни конаци. Едниот конак бил изграден во 1850 година, а другиот во 1856 година. По него доаѓаат неколку игумени. Последниот конак е изграден во 1896 година кој опстојува до денес. Во конаците живееле исклучиво монаси, додека монахињите доаѓаат во 1939 до 1960 година. Не знам зошто тогаш замрел животот во конаците, можеби поради политичките прилики кога настанува еден нов систем со атеистичко управување.


Господинот Митко Спироски, кој е и претседател на Здружението за обнова и ревитализација на Лешок и Лешочкиот манастир "Лешок" на Месната заедница во Лешок свечено & врачи компјутер со печатач со кој лешочани ќе комуницираат не само со Здружението, туку и со сите лешочани во цел свет.


 И во двата лешочки манастири до пред зимата се вршеа археолошки истражувања. Иако терористите ги уништиле фреските, во центарот на црквата го уништиле шеснаестзрачното сонце, саркофагот... Сепак археолозите со затоплувањето на времето ќе продолжат со ископувањата. Што ќе донесат тие се уште не се знае, но секако дека тие ќе бидат потврда за вредноста на полошкиот регион.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"