децидни се
претставниците на протераните Македонци на седницата на Постојаната анкетна
комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните со која претседава
Стојан Андов.
Пратениците се заложија за протераните да се проговори и на пленарна
сесија која процедурално би можела да се одржи во текот на март. Тричлена
пратеничка група од Комисијата ќе подготви извештај со конкретни заклучоци
за кои ќе дебатира и Собранието. Ситуацијата во кризните региони не може
никогаш повеќе да биде како во периодот пред војната, но сепак можно е да се
создадат пристојни, пред се човечки услови за живот.
ДОГОВОР
Протераните Македонци и Срби од Матејче загрижени се за својата
безбедност во кумановско-липковскиот регион и од тие причини не го
потпишуваат договорот за санација на оштетените куќи. Министрите Хари Костов,
Јован Манасиевски и Владо Поповски оствариле средба со раселените матејчани
при што се обиделе да ги "притиснат" да го потпишат трипартитниот договор за
обнова и реконструкција на куќите на програмата на Европската комисија и
мисијата на Меѓународната менаџмент група, вреден околу 85 милиони евра,
обезбедени од владите на Италија, Холандија и Германија. Крајниот рок за
прифаќање на оваа донација беше 31 јануари. Понудата матејчани ја отфрлија,
барајќи од Владата и од меѓународните фактори прво да ги создадат потребните
безбедносни услови во липковскиот регион, да извршат реална проценка на
оштетените домаќинства, а потоа да инсистираат на почнување на
реконструкцијата на куќите. Како главни приоритети на државните институции
во нормализирање на состојбата се изградбата на полициската станица во
селото Матејче, јакнењето на сигурноста и безбедноста во подрачјето и
создавање услови за јакнење на довербата меѓу полицијата, месното население
и локалната самоуправа.
МАНИПУЛАЦИИ
Се плашиме од манипулации. Имаме сознанија дека неколку од киднапираните
се живи, а кога нив ќе ги извадат веднаш ќе дадеме крв за кој се врши толкав
притисок. Тоа во Железнец нема никаква врска со нас. Подобро е енергијата да
ја сконцентрираат на Али Ахмети, таму е клучот. Очекуваме повторна средба со
Црвенковски во која ќе ги изнесеме своите ставови, ни изјави Војо
Гоговски, претставник на роднините на 12-те киднапирани Македонци.
И по неколку недели од анонимната информација до МВР дека во малиот дол,
веднаш по свртувањето од селото Железнец кон селото Големо Илино, се
закопани делови од човечко тело, полицијата деноноќно ја обезбедува
мистериозната локација и тука е строго забрането дури и случајно застанување.
Е, токму таа строга контрола над посоченото место и токму тој непробивен
ѕид од молчење на властите ги плаши не само жителите на Железнец, туку и на
целиот Демирхисарски регион. Доаѓаат таму и претставници на НАТО и на ОБСЕ,
но и ним полицијата брзо им го покажа патот. Тие рекоа дека доаѓаат од
Тетово и од Гостивар, па потоа овде почнаа да се шират гласини дека можеби
тука биле закопани и оние несреќни Македонци што беа киднапирани во текот на
воената криза во државава. Но, не знае човек во што веќе да верува или да не
верува, вели Костадин Дамјановски, претседател на Месната заедница во
Железнец.
Дамјановски додава дека не може да бидат точни ни информациите пласирани
преку некои од медиумите дека полицијата не откопала делови од само едно
човечко тело, туку дека станувало збор за гробница со повеќе несреќници, со
чии остатоци биле наполнети дури три-четири големи црни вреќи.
Како може тоа да го знае некоја новинарка од Скопје кога гледате дека и
полицијата и истражните органи околу тоа со никого не сакаат да разменат ни
збор, вели Дамјановски.
Тој не се колеба кога тврди дека таму не се разрешува некое големо
злосторство и категорично ги отфрла шпекулациите дека, сепак, кај Железнец
воопшто не биле откопани човечки, туку животински коски.
Овде и добитокот е редок како што се ретки жителите на селово и убаво се
знае дека во тој дел никој и никогаш не закопувал добиток, а не е можно
властите да копаат и заради некое старо, заборавено богатство, зашто по
такви работи е позната само месноста Градиште, додава Костадин
Дамјановски.
МИСТЕРИЈА
Дали мистериозни гробници ја кријат тајната за киднапираните останува
енигма. МВР бара крв од роднините на киднапираните за да ја спореди со ДНК
од човечките коски најдени во Железнец и на други места, но засега роднините
не се расположени за такво нешто. Со анализи на ДНК треба да се утврди дали
мистериозните ископи откриени на неколку локации, меѓу кои и таа во
демирхисарското село Железнец, се гробници на Македонци и Албанци што
исчезнале во текот на војната. По десетдневните истражувања на полицијата во
Железнец, министерот за внатрешни работи, Хари Костов, информираше дека се
преговара со роднините на киднапираните Македонци и Албанци да дадат крв за
анализа, но тие засега одбиваат да го сторат тоа. Зли Дол е трета локација
за која постои сомневање дека е масовна гробница на киднапираните во војната.
МВР прекопуваше локација кај тетовското село Требош за која се сомневаше
дека е масовна гробница во која се закопани киднапираните Македонци.
"Командант Љуљи", припадник на расформираната терористичка ОНА, задолжен
за истрагата за киднапираните Македонци од Тетовско, тврдеше дека "единицата
за истрага" нашла две тела закопани на друга локација, но тогаш ОНА
инсистираше информациите да ги даде само ако истрагата ја вршат меѓународни
организации.
Упорноста и вербата сепак не ги напушта роднините на 12-те киднапирани
Македонци кои бараат расветлување на мистеријата за нивните најблиски.