ПОЛИТИКА

Во скопската Општина "Кисела Вода" отворена Канцеларија за контакт со гласачите

ЛОКАЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ ПРЕД ПАРЛАМЕНТАРЦИТЕ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Граѓаните од Изборната единица број 1 за своите проблеми можат да се обратат во просториите на Општина "Кисела Вода" во Скопје или на телефонските броеви 779 - 069 и 779 - 073.
  • Нашата функција е да бидеме вистински претставници на граѓаните, а и тие да се почувствуваат како субјекти во градењето на политиката и на работата на највисокиот законодавен Дом, односно на Парламентот, вели пратеничката Благородна Мингова - Крепиева.
  • Нам работата не ни е само да седиме во Парламентот и да бидеме на седниците на комисиите, туку една од обврските во парламентарните демократии секаде во светот е токму комуникацијата со базата, односно граѓаните, потенцира пратеникот Зоран Шапуриќ.

Неодамна во скопската Општина "Кисела Вода" започна да функционира Канцеларија за контакт со граѓаните. Во неа е предвидена средба меѓу граѓаните и пратениците од Изборната единица број 1, во чии рамки спаѓа и Општината "Кисела Вода". Канцеларијата е отворена во соработка со градоначалникот на оваа Општина, господинот Љубчо Димов, кој појаснува дека Канцеларијата е реализација на она што го ветија пратениците од оваа Изборна единица во изборната кампања - дека секогаш ќе бидат достапни за граѓаните.

Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз, госпоѓа Благородна Мингова - Крепиева објаснува дека целта на отворањето на оваа Канцеларија е да им се овозможи на граѓаните, преку пратениците од оваа Изборна единица, своите прашања, проблеми и сугестии да ги достават до Парламентот, да покренат некоја иницијатива, да укажат на состојбите на теренот, или како што вели "ние да бидеме вистински претставници на граѓаните, а и граѓаните да се почувствуваат како субјекти во градењето на политиката и на работата на највисокиот законодавен Дом, односно на Парламентот".

Средбите со граѓаните се одвиваат во одреден термин, односно секој понеделник од 12 до 17 часот во просториите на Општината "Кисела Вода", а нив ги одржуваат пратениците Игор Ивановски, Каролина Ристова, Благородна Мингова - Крепиева и Зоран Шапуриќ.

Но, додава госпоѓа Крепиева, сакајќи да им излеземе во пресрет на сите граѓани што се дојдени, секогаш не завршуваме во 17 часот. Ако има потреба ние ќе воведеме и други термини за средби со граѓаните, но тоа да не ги попречи функциите на работата на самата Општина, бидејќи ние сепак работиме во нивните простории.

Распоредот за дежурствата во Канцеларијата се прави меѓу претходно споменатите пратеници, во зависност од обврските.

Ако граѓаните, објаснува госпоѓа Крепиева, посебно нагласаат дека со некој од нас сакаат да се сретнат, тогаш обезбедуваме термин во рамките на ова одредено време, а некогаш и надвор од одреденото време. Задолжено лице, додава таа, во текот на неделата контактира со граѓаните, закажува средби, а голем дел од граѓаните доаѓаат и ненајавено на разговор. Во овие три понеделници, од кога е отворена Канцеларијата, имавме искуство да работиме и во две простории, поделени во групи, за да можеме да оствариме контакт со сите граѓани што дошле.

КОНТАКТИ

Идејата, за една ваква канцеларија, потенцира пратеникот од Либерално-демократската партија Зоран Шапуриќ, прво произлезе од непосредните контакти со граѓаните, во текот на изборната кампања. Тие рекоа - што по изборите. Ние им рековме дека доколку станеме пратеници ќе бидеме достапни за нив. Јас и пред отворањето на оваа Канцеларија имав средба со граѓани во Собранието на РМ. Се роди идеја, се разбира во соработка со градоначалникот на Општина "Кисела Вода" за една ваква канцеларија, што навистина е подобро решение од средбите со граѓаните во Парламентот, бидејќи сме поблиску до граѓаните. Во Собранието се одвиваат разни средби, па некогаш средбите со граѓаните се отежнати. Канцеларијата е реализација на ветувањата и желбите на граѓаните да комуницираат со нас и по изборите, бидејќи пратениците ние ги сфаќаме, а и јас лично така ги сфаќам, како трансмисија помеѓу избирачите и извршната власт, министрите и другите носители на јавните функции.

Во текот на овие три понеделници колку што постои Канцеларијата, низ неа поминале повеќе од 100 граѓани. Има одреден број граѓани кои своите предлози, проблеми ги оставаат во вид на писмо. Некои се јавуваат и по телефон.

За секој граѓанин, за секој проблем, правиме белешка и им кажуваме на граѓаните на кој начин ќе можат да го решат проблемот или каде можат да се обратат за одредено прашање, вели госпоѓа Крепиева.

Најчести проблеми за кои говорат граѓаните се комуналните, имотно-правните прашање, а најгорливиот проблем е вработувањето.

Иако, потенцира госпоѓа Крепиева, дел од проблемите кои ни ги поставуваат граѓаните не се во наша надлежност, понекогаш тие сакаат да поразговараат со нас за своите проблеми, едноставно да ни укажат на што треба да дадеме приоритет. Во областа на комуналните проблеми имаме одлична соработка со градоначалникот и со службите во Општината. Се обидуваме тие проблеми веднаш да ги ставиме во процедура, да укажеме, или пак да ни се укаже дали се во процес на решавање, дали можат да се решат или не. Подрачните единици се се уште поврзани со министерствата така што дел од прашањата кои ги поставуваат граѓаните, ние во писмена форма ги проследуваме до соодветните министерства. Особено граѓаните се жалат на несоодветните градби, на високата корупција итн. Доаѓаат и социјални случаи. Се обидуваме да ги упатиме граѓаните на соодветното место.

И господинот Шапуриќ потенцира дека еден голем дел од проблемите кои ги поставувале граѓаните на средбите со него, се однесувале на комуналиите, односно на локалните проблеми.

Дел од овие проблеми самостојно не можеме да ги решаваме, туку ги решаваме заедно со локалната самоуправа, градоначалникот, претседавачот на Советот, вели Шапуриќ. Вториот дел од прашањата се однесуваат за подрачните единици и доцнењето на администрацијата за одредени поединечни случаи за што ние ветивме дека проблемите ќе ги поставуваме во вид на пратенички прашања, во согласност со Деловникот на Собранието, или пак со дописи до одредени министерства.

Резултатот од средбите со граѓаните е разговорот со некои јавни претпријатија за некои комунални проблеми каде што не можела да помогне локалната самоуправа кои се централни претпријатија, но вршат услуги на локално ниво.

За некои прашања треба време, за некои едноставно не сме надлежни. Во секој случај, ние ги упатуваме граѓаните на соодветното место, додава господинот Шапуриќ. Јас и порано кога бев пратеник во Изборната единица 110 од Драчево секогаш имав комуникација со граѓаните. Комуницираме на улица, на пазар, секаде. Ова беше само за да се систематизира таа комуникација, односно да не биде на улица.

ИНИЦИЈАТИВИ

Госпоѓа Крепиева издвои неколку иницијативи кои потекнале од средбите со граѓаните со неа. Една таква иницијатива е лицата со пречки во развојот при купувањето на становите да имаат приоритет нивните станови да бидат на приземјето или на првиот кат, потоа да бидат соодветно третирани во Законот за образование итн. Следна иницијатива е преиспитување на работата на кафулињата, заштита на малолетните деца од алкохол и други пороци на денешницата. Потоа иницијатива за отворање на подрачни училишта во населбите на Општината итн.

Нашата функција е преку Собранието да влијаеме врз работата и на законодавната и на извршната власт и во донесувањето на измени на некои закони што ќе бидат во корист на граѓаните. Еден поттик за нашата работа, додава таа, е тоа што кога во Парламентот разговаравме за законот за загубарите, добивме одговор дека во акциониот план 24 загубари треба да се решат до крајот на годината и за секој поединечно има направено програма. Имаме разговори со Министерството за образование околу иницијативата за подрачно училиште. Она што мене ми причинува задоволство е што луѓето се отвораат. Работата на Парламентот веќе не е баук. И ние пратениците се соочуваме со истите проблеми. Кога ја започнавме оваа идеја целта беше граѓаните навистина да можат да не прифатат како обични граѓани со кои можат да разговараат, да се посоветуваат, вели Крепиева.

Оваа Канцеларија би требало, како што велат и господинот Шапуриќ и госпоѓа Крепиева, да постои до крајот на нивниот мандат.

Ние мислиме Канцеларијата да постои до крајот на мандатот, се разбира, доколу постои желба и кај новата локална власт, бидејќи без неа ова не може да го оствариме, велат и двајцата соговорници.

Госпоѓа Крепиева потенцира дека иако за оваа Канцеларија желба постоела одамна тие не сакале тоа да биде пред изборите за луѓето да не сфатат дека тоа се прави само пред избори.

Ги повикавме пратениците и од другите пратенички групи да ни се приклучат, вели Крепиева. Оваа Канцеларија е во интерс на граѓаните. Нам ни помогаат и две волонтерки. Нашата работа не е материјално поткрепена. Тоа не е само благадорност до граѓаните. Ние тоа им го ветивме. Ова е реализација на тоа наше ветување што како кандидати за пратеници им го дадовме на граѓаните. Оваа иницијатива веќе се проширува во Битола, Гевгелија и во другите градови и мислам дека тоа ќе стане нормална работа.

Ние, потенцира господинот Шапуриќ, сме подготвени еднаш на две недели, или еднаш во месецот да одиме и во другите општини во Изборната единица број 1 и во рамките на месните заедници. Нам работата не ни е само да седиме во Парламентот и да бидеме на седници на комисиите, туку една од обврските во парламентарните демократии секаде во светот е токму комуникацијата со базата, односно со граѓаните.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"